Не се укинати високите такси на извршителите

Заев на собир со граѓани во Капиштец во февруари 2016 г. Фото: Принтскрин

 

На 04.02.2016 година лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред жителите на Капиштец, кажа дека откако СДСМ ќе дојде на власт ќе заврши „дивеењето“ на извршителите и наплаќањето на големи суми од граѓаните.

ВЕТУВАЊЕ: Ама уште душата остана кај народот од што хараат извршители насекаде. Е нема, ќе ги укинеме. Сите огромни такси на извршителите ќе ги укинеме, не може за илјада денари да земаат и наплаќаат 11.000 денари.

[Извор: А1 ОН, Зоран Заев, лидер на СДСМ (од 02:24-02:38 минута од видеото), датум:04.02.2016 година ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во февруари 2016 година претседателот на СДСМ и во тоа време лидер на опозицијата Зоран Заев, на средба со граѓаните во скопската населба Капиштец вети дека „ќе ги укине  огромните такси на извршителите“. Ова негово ветување не е исполнето.  

Новата Влада предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев беше избрана на 31 мај 2017 година. Сепак, наспроти најавите на Заев , иако се поминати речиси единаесет месеци од формирањето на Владата, досега (27 .04.2018), високите такси на извршителите, не се укинати.

На крајот на 2017 година во интервју за ТВ Телма, Заев вети (35:39 – 36:15 од видеото) дека во последната недела на декември 2017 година, а најдоцна во јануари 2018 година ќе започне јавна дебата по предлог-законот за измени на Законот за извршување, за кој најави дека ќе биде донесен најдоцна до крајот на март 2018 година. (39:03 – 39:14 од видеото)

Но, мора тоа да оди преку јавна дебата. Решавајќи еден круцијален проблем не смееме да создадеме друг круцијален проблем. Јануари, февруари, март, ќе се донесат законите. Тука се тие закони  (39:03 – 39:14 од видеото)

На втори јануари, првиот работен ден во 2018 година премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање, изјави  (11:11 – 11:44 од видеото), дека Владата бара начин како најлесно може должниците да се растоварат од долговите произлезени од извршна постапка.

И покрај ваквите најави, досега (27.04.20128) е организирана само  една средба на почетокот на февруари годинава (2018),  помеѓу сега веќе, поранешниот министер за правда Билен Саљији со претставници на различни министерствата,  на коморите на извршителите, на нотарите и адвокатите и претставници  од  деловниот сектор и јавните претпријатија во земјата.

А што се однесува до предлог-законот за измени на Законот за извршување, тој сè уште не е влезен во собраниска процедура. Материјалите што досега се изготвени можат да се најдат на Единствениот национален регистар на прописи ЕНЕР.

Иницијативата „Стоп за извршителите“, пак  најави протест за 1 Мај, меѓународниот  ден на трудот. Оттаму порачуваат дека не се задоволни од предложените законски измени што им ги доставила Владата, па затоа бараат итно одблокирање на сметките на граѓаните, ревизија на работата на извршителите и враќање на извршувањето назад во судовите, како што беше тоа во минатото.  (01:34 – 02:27 од видеото)

Имајќи го сето ова предвид, ветувањето на премиерот Зоран Заев дадено во февруари 2016 година, дека „ќе ги укине високите такси на  извршителите“, досега (27.04.2018), не е остварено.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Искра Опетческа

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција