„Не слета“ новиот систем за воздухопловна навигација

Остануваат уште четири и пол месеци за набавка на новиот систем. Фото: М-НАВ

 

ПРОЕКТ: НАБАВКА, ИНСТАЛИРАЊЕ И ТЕСТИРАЊЕ НА НОВ ATM (AIR TRAFFIC MANAGEMENT) СИСТЕМ, ВКЛУЧУВАЈЌИ И ТЕХНИЧКО-ОПЕРАТИВНА САЛА ЗА НЕГО

ATM-системот е примарен систем преку кој се остварува основаната услуга на М-НАВ, т.е. давање услуги на воздухопловна навигација во воздушниот простор над Република Македонија, со цел безбедно, редовно и ефикасно одвивање на воздушниот сообраќај. Земајќи ги предвид специфичните барања на ИЦАО (ICAO) и Еуроконтрол (Eurocontrol) за безбедноста, квалитетот и трошковната ефективност, целта на набавката на нов ATМ (Air Traffic Management) систем е да се обезбедат поефикасни услуги на воздухопловна навигација, да се зголеми нивото на безбедност и сигурност, како и да се подобрат главните индикатори за изведба (безбедност, капацитет, трошковна ефективност, ефикасност, флексибилност, предвидливост и животна средина). (Буџет: проценета вредност 8.100.000 евра, РОК: 2016 ГОДИНА)

 

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Владејачката партија пред парламентарните избори во 2014 година, во изборната програма со којашто ја бараше довербата на гласачите, на страница 87, во делот „Авиосообраќај“, односно во делот „Надградба на македонскиот систем за воздухопловна навигација“, вети нов систем за контрола на летање и нова оперативна сала за него (АТМ-систем).

Баравме податоци за реализацијата на ова ветување и дојдовме до констататација дека е неисполнето, со оглед на тоа што работите сè уште се во фаза на подготовки и се далеку од старт. Но, дури и во случај проектот набргу да започне, сосема е извесно дека  би се пробил рокот наведен во програмата (декември 2016 година).

Инаку, истото ветување е наведено и во Програмата за работа на Владата на Република Македонија за периодот 2014 – 2018, во делот „Инфраструктура“,точка „Авиосообраќај“.

Набавка, инсталирање и тестирање на нов ATM (Air Traffic Management) систем, вклучувајќи и техничко оперативна сала за истиот (2016)

За овој систем наидовме на два објавени тендери, што не значи дека немало повеќе. Но и за тие два не видовме дека има завршница.

На 30 јули 2014 е објавен еден тендер, а на 22 април 2015 вториот што го најдовме. Пребарувањето на веб-сајтот на М-НАВ не доведе до информација за преземени активности, освен таа на главната страница во делот „Проекти“ дека Европската банка за обнова и развој дала заем за набавка на системот. Ниту на сајтот на Агенцијата за цивилно воздухопловство нема информација за конкретни мерки што се преземени.

На 2 октомври минатата година во информација за средбата во ЕУРОКОНТРОЛ на министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски со генералниот директор на Евроконтрол, Франк Бренер, беше соопштено  дека на состанокот

…особено акцент се стави на инвестициите што се во фаза на реализиција како што е набавката на нов АТМ систем во вредност од околу 8 милиони евра, набаката на нова опрема за комуникација во вредност од 2 милиони евра, набавка на радарска опрема во вредност од околу 3, 7 милиони евра како и набавка на метео опрема за двата аеродорми во вредност од околу половина милион евра.

Но, тоа не значи ништо конкретно.

Со пребарување на интернет   нема достапни информации дека досега (16.08.2016)  е набавен, инсталиран и тестиран нов АТМ- систем (како што е ветено во изборната Програма). Па имајќи предвид дека ветувањето е заглавено на тендерската процедура, реално гледано нема изгледи дека целиот проект може да се реализира во наредните четири и пол месеци ( кога истекува рокот), така што ова изборно ветување го сметаме за неисполнето.

 

ИЗВОРИ

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција