Недоследно: Груевски не решава за продажбата на Офицерски

Фото: Скриншот

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на 31.01.2016 година во изјава за Сител рече:

Државните институции предводени од ВМРО-ДПМНЕ тргнаа со една идеја која што гледаме дека во изминатите денови граѓаните на Битола во мнозинство не ја поддржуваат. Го следевме тој процес и имавме меѓусебна комуникација. Размисливме и одлучивме од понеделник да се стопира тој процес. Сигурно има некоја работа која нам не ни е докрај јасна, штом толку многу граѓани на Битола реагираат и ние треба да го почитуваме тоа

[Извор:Сител Видео: 28,10-28, 55  Датум: 31.01.2016 ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на Груевски делува чудно, бидејќи тој ја даде како лидер на партија. Груевски веќе не е премиер, ниту, пак, е носител на некоја друга државна функција, па е проблематично што од позиција на шеф на ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека „одлучиле да се стопира тој процес ( продажбата на Офицерскиот дом во Битола н.з.)“.  Неговиот настап, фактички, оди на линија на мешање на владејачката партија во компетенциите на државните институции.

За ова  побаравме мислење од професорката на Правниот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Каролина Ристова-Астеруд.

Одговорот е многу јасен, дури школски. Груевски сега не е претседател на Владата на РМ и воопшто не му е место да кажува што ќе прави или нема да прави извршната власт по кое било прашање. Тоа треба да го прави актуелниот премиер или надлежниот министер. Како претседател на ДПМНЕ единство што може да изјави е каква е позицијата на неговата партија по некое прашање, каква позиција ќе завземат преку своите членови во Владата и толку. Секако, сигурна сум дека и самиот е свесен за сето ова, но најверојатно психичката и политичката потреба да сигнализира до јавноста и до членството на својата партија дека „не е тој за отпишување“ и „уште сум јас главен“ е посилна. Од една поширока политичка перспектива, само ја разбиструва патолошката состојба на спојување на владејачките партии и државата, критикувана во ЕУ и други меѓународни извешаи, но која пред оставката беше позатскриена оти функционираше од обратната позиција, имено, од позицијата на претседател на Влада – изјави за „Вистиномер“, Ристова-Астеруд.

Дека Груевски не смее да се меша во работата на Владата вели за „Вистиномер“ и аналитичарот Петар Арсовски.

Тоа е работа на политички бон-тон. Груевски не смее да се меша во работата на Владата. Тоа само покажува дека партијата и државата сè уште се заедно и не се разделиле. Исто така, со овој потег тој го поби својот позитивен чекор да поднесе оставка според Договорот од Пржино. Инаку, со ова тој сака да каже дека сè уште е главен, а не техничкиот премиер, а пораката позитивно ќе ја сфатат и ќе влијае кај оние луѓе кои сакаат авторитативни ликови – вели Арсовски.

Ваквите согледувања укажуваат на тоа дека изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најблаго кажано е недоследна.

Инаку,  Одлуката за продажба на Офицерскиот дом во Битола ја донесе Владата  на 22 декември 2015 година, огласот е објавен на 16 јануари 2016 година, а електронската аукција е закажана во Министерсвото за финансии на 19 февруари. Во огласот не се наведува каква ќе биде намената на  објектот, но купувачот има обврска да го реконструира долниот кат и да го предаде во сопсвеност на Општина Битола, која ќе го користи како матично одделение. Според наведеното во огласот предмет на продажба е објектот со површина од 1.970 метри квадратни, а ќе се продава во една целина. Вкупната проценета вредност на предметот на наддавање изнесува 55.608.730,50 денари.

На продажбата на Офицерскиот дом се спротистави  неформалната група граѓани „Здружение за спас на Битола“, во која членуваат дваесетина познати и угледни битолчани.

Офицерскиот дом во Битола,  пред  5 години, од Министерството за култура премина во надлежност на Општината, од каде ветуваа негова реконструкција, но зградата продолжи да пропаѓа. Минатата година повторно беше вратен на државата.

Офицерскиот дом е изграден 1911 година од управникот на битолскиот вилает Абдул Керим Паша, а комплетно е довршен 1919 година. Исто познат како Сарајот на Абдуллах Керим Паша.

 

ЛИНКОВИ:

Оценето од:  Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција