Неисполнето: „Чебрен“ не се гради ниту „соло“- без „Галиште“

Потенцијалот на малата река Црна е голем, ако се знае да се искористи. Фото: Wikipedia

 

Во завршна фаза се активностите за привлекување на инвеститор за изградба на ХЕЦ Чебрен во периодот што следува. Реализацијата на оваа инвестиција директно ќе влијае врз зголемувањето на економската активност во мариовскиот регион и ќе доведе до зголемено искористување на хидропотенцијалот во Република Македонија. Вредноста на оваа инвестиција се проценува на 400-450.000.000 евра, а инсталираната моќност на новоизградената ХЕЦ Чебрен ќе изнесува 333 МW во режим на турбина (со можност оваа моќност да биде и над 400 МW доколку инвеститорот се одлучи да додаде уште една турбина на постојниот проект), додека во режим на пумпа инсталираната моќност ќе изнесува 347 MW. Овој проект ќе биде реализиран како јавно приватно партнерство, односно како заедничко вложување на државната компанија ЕЛЕМ и приватен инвеститор. Преку реализирањето на оваа инвестиција се очекува ЕЛЕМ да прерасне во сериозен учесник на регионалниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа. Приватниот инвеститор за овој проект се очекува да биде избран до крајот на до крајот на 2014 година, по што ќе се започне со активностите за изградба на ХЕЦ Чебрен. (Буџет: 400–450 милиони евра.Рок: 2015 -2022 година. (за реализација на проектот се потребни 7 години)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ништо чудно што ова ветување сè уште не е исполнето, со оглед на фактот дека намерата за изградба на хидроелектраните„Чебрен“ и „Галиште“ датира уште од средината на минатиот век во рамките на поранешна Југославија. Но, зачудува децидноста во сите предизборни ветувања на владејачката ВМРО ДПМНЕ дека изградбата само што не започнала, освен во првото од 2006-2010, каде проектот се наведува општо и без рокови.

Според она што досега е пишувано и објавувано за „Чебрен“ и „Галиште“, двете хидроцентрали од кои едната со исклучително висока брана, станува јасно дека овие проекти се наменски. Имено,  овие брани  првенствено треба да обезбедат доволно вода за ладење на некој иден нуклеарен ректор на првата нуклеарна централа во Македонија.

Тоа, според експертите со кои разговаравме, беше основната причина зошто првично се инсистираше двете брани да одат во пакет, со тоа што браната на ХЕ Чебрен да изнесува не помалку од 195 метри височина. Овие услови придонесуваа изградбата да биде прескапа и инвеститорите да не го наоѓаат својот економски интерес.

Овој план, ставен и во Стратегијата за енергетски развој на Македонија (кој е прифатен од Владата, иако тоа јавно никаде не е соопштено), Владата најверојатно го има напуштено во последните неколку години, па нa последниот јавен повик во почетокот на 2014 година, во условите за тендерот, понуди изградба само на „Чебрен“, со пониска брана, со тоа што на идниот концесионер му го понуди на користење и ХЕ „Тиквеш“.

Но и ова сè уште не беше доволно за да се избере инвеститор зашто на последниот оглас се пријавила само една компанија од Грција. Последното што може да се прочита околу овој проект е дека една италијанска компанија која доби дозвола за изградба на чеитири мали хидроелектрани во Македонија, пројавува интерес за изградба и на ХЕ Чебрен.

Вистиномер и во изминатите години го следеше ова неостварено ветување, и целиот процес и линковите може да ги видите тука.

ИЗВОРИ:

Оценето од Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција