Неисполнето: Не е изработена интерактивна мапа на сообраќајни несреќи

vmro-dpmne-logo

Со цел зголемување на безбедноста на патиштата, ќе се изработи апликација со детален преглед за безбедноста на патиштата, податоци за локациите каде што имало сообраќајни несреќи, бројот на лесни и сериозни повреди и колку смртни случаи настанале и причинитe за сообраќајните несреќи. Целта е возачите да ја зголемат свеста за ризиците од несовесно управување на моторни возила на патот. Ќе се користат отворени јавни податоци.  Буџет: 100.000 денари. Нaдлежни институции: Министерство за информатичко општество и администрација и Министерство за внатрешни работи. [Рок: 2014- 2015]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Дигиталната евиденција за безбедност на патиштата за првпат се предвидува во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за период 2014-2018 со проектот “Интерактивна мапа на сообраќајни несреќи во Македонија” (Информатичка технологија и реформа на јавната администрација, стр.109), со рок на реализација 2014-2015 година. Сепак, досега нема информации дека се започнати активности за реализација на овој проект.

Како надлежни институции за спроведување на проектот, во Програмата на ВМРО-ДПМНЕ се споменуваат Министерство за информатичко општество и администрација и Министерство за внатрешни работи. Но, не се споменува  Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот кој согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, е  клучно тело за унапредување на општата безбедност на сообраќајот на патиштата.

При увидот во електронската архива на овие институции, досега (05.02.2016), нема податоци дека се спроведени активности за подготовка на оваа интерактивна мапа на сообраќајни несреќи. Според Стратешкиот план на Министерство за информатичко општество и администрација за период 2016 -2018 година, започнувањето на овој проект и неговата имплементација се планирани во период 2016-2017 година со буџет од 100.000 денари.

Проектот не се споменува во други клучни документи, како на пример, Втора национална стратегија на РМ за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата за период 2015 – 2020, што можеби упатува на недостаток од координиран пристап при формулирање на приоритети за оваа област или, пак, истиот е проценет како недоволно важен.

Имајќи го предвид горенаведеното, може да се заклучи дека изборното ветување „Интерактивна мапа на сообраќајни несреќи во Македонија“, е неисполнето.

Инаку, станува збор за исклучително амбициозен проект кој во глобални рамки е веќе подготвен од страна на Пулицеровиот центар за кризно истражување, кој ја создаде светската интерактивната мапа за статистики за смртни случаи во сообраќајни несреќи.

Најдобра поткрепа за важноста на ваквата дигиталната евиденција за безбедност во сообраќајот, се статистичките податоци кои бележат раст на бројот на сообраќајни несреќи во РМ:

Поразителен е фактот што во тие сообраќајни незгоди во 2015 година животот го загубиле  148 лица  или за 13.8%  повеќе од 2014  година кога таа бројка изнесуваше 130 загинати лица (Анастасија Илијеска, Државен секретар во Министерство за внатрешни работи за време на дебатата за сообраќајна инфраструктура и безбедност во сообраќајот одржана на 25.01.2016)

Или, компаративно во рамки на ЕУ, статистиката би била следна:

Со 79 загинати лица во сообраќајни незгоди, на еден милион жители во 2012 година, Република Македонија е рангирана како петнаесетта од 28 земји- членки на ЕУ т.е. приближно во средината и конституира  гранична линија меѓу земјите-членки и земјите-кандидатки. Во текот на годините од 2009 до 2014,  ЕУ имаше намалување на бројот на загинати на патиштата во просек за 36%, додека во Република Македонија, намалување на бројот на загинатите е малку пониско во текот на истиот период, или попрецизно за 32%.1. (Втора национална стратегија на РМ за унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата 2015 – 2020)

 

ЛИНКОВИ:

Oценето од: Милена Јосифовска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *