Неисполнето: Новиот „Клинички“ стана „клинички случај“

За разлика од барокот, новиот клнички никако да го здогледа светлото на денот. Фото: Скриншот од промоцијата на идејното решение.

Предвидуваме изградба на капитален објект за новиот клинички блок во Клинички центар – Скопје, кој претставува најголем инфраструктурен проект досега реализиран во областа на здравствените установи. Новиот проект ќе обезбеди создавање на интегрирана целина со соодветен тек на работата, циркулација, функционална близина и ќе постигне континуитет во обезбедувањето на здравствени услуги. Во новата зграда ќе бидат сместени најмалку 25 клиники и тоа: Клиника за пулмологија споена со Институт за туберкулоза и Клиника за белодробни заболувања, Клиника за нефрологија, Клиника за дерматологија, Клиника за кардиологија, Клиника за неврологија, Клиника за гастроентерохепатологија, Клиника за ревматологија, Клиника за токсикологија, Клиника за хематологија, Клиника за ендокринологија, Очна клиника, Клиника за уво, нос и грло, Клиника за радиологија,Клиничка биохемија, Институт за трансфузиологија, Институт за патологија и хистопатологија, Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина, Институт за микробиологија и паразитологија, Институт за слух, говор и глас, Итни случаи (терцијарно ниво), Клиничка аптека, Клиника за психијатрија, Клиника за трауматологија, Клиника за ортопедија, Клиника за неврохирургија. Градежните активности ќе опфатат: Изградба на нов клинички блок; Реновирање на хируршките клиники и интегрирање со новиот клинички блок; Поврзување на Гинекологија и акушерство и Онкологија и радиотерапија. (Рок 2014-2018. Буџет 70.000.000 милиони евра)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Клиничкиот центар – Скопје или префрлањето на најголемиот број на сегашните универзитетски клиники од Клиничкиот центар „мајка Тереза“ во нов објект , може да се прогласи метафорично за „клинички случај“ и станува збор за неисполнето ветување на владејачката партија ВМРО ДПМНЕ и на Владата, т.е. на Министерството за здравство. Се разбира, ако работите не ги гледаме од формален, туку од суштински аспект, т.е. не од ископаната и оставената огромна дупка со која формално уште на почетокот на 2014 година беа означени почетокот на градежните работи.

Не се најјасни причините зошто со оваа инвестиција толку се тапка во место, ниту пак, зошто неколкукратно се зголемија проценките за потребните пари за изградба на зградата, од почетните 50 милиони на сегашните околу 130 милиони, но траговите на историјатот на оваа намера, сепак, можат да се следат.

Ако се погледнат предизборните ветувања на ВМРО ДПМНЕ за периодите 2006-2010 и 2008-2012, ќе се види дека таму нема ваква идеја во областа здравство. За прв пат идејата, но не ваква, се најавува кратко во изборната програма 2011-2015, (на стр.234), како „подготовка за избор на нов Клинички центар во Бардовци“, во кој, до 2021 би биле преместени повеќето клиники од сегашниот „мајка Тереза“.

На почетокот на 2012 година, тогашниот премиер Никола Груевски за прв пат ја најавува идејата за изградба на нов клинички центар на местото на постојниот, не отфрлајќи ја во исто време идејата за изградба на уште еден во Бардовци. При оваа најава, цената на инвестицијата беше 50 милиони евра. Од тогаш молк, сè до почетокот на 2013 година, кога најавата се реактуелизира, сега во понапредна фаза, со избрана форма од Италија, која треба да го подготви идејниот и главниот проект, а потоа во август истата година беше претставен и идејниот проект. Сега, инвестицијата е проценета на 70 милиони долари а почетокот е најавен за 2014 година.

Навистина, во почетокот на 2014 година, премиерот Груевски присуствуваше на промоција на почетокот на изградбата – рушењето на старт зграда на Гинекологија, по што беше ископана огромна дупка за темелите на новата зграда.

Цела 2015 година се „истроши“ во фаза на тендери за фирма за рушење на зградата и за изготвување на друга документација, а работите откако беа означени за започнати (2014 г.), доцнеа цели 20 месеци. Таа 2015 година заврши со втор тендер на Министерството за здравство (МЗ) за изготвување проектна документација за рушење на објектите, а не се мрдна ниту со изградбата на предвидените катни гаражи што треба да го опслужуваат новиот објект. Цената на објектот, во јавноста, сè уште е некаде на висината од 70 милиони евра. Во меѓувреме излегуваат информации за сомнително минато на еден од членовите на бордот на фирмата што го правеше идејниот проект, а надлежното министерство, демантирајќи нешто од текстот, признава дека нема склучено договор за изградба со никого, туку за основниот проект со истата италијанска фирма.

Објектот, патем, ќе се гради со сопствено учество на РМ и со кредит, но надлежното министерство одбиваше на почетокот на 2015 да сопшти детали за кредитот. Но, во средината на 2015, весникот „Вест“ дојде до тие детали и според истите, инвестицијата сега пораснала од 70, на околу 130 милиони евра! Запрашани за споредба на претходните изјави на министерот, од МЗ за весникот изјавиле:

Изјавата на министерот во врска со проектираната вредност од над 70 милиони евра се однесува на самата градба на новиот објект на комплексот клиники, како и нов објект за лабораторија, кој ќе се спои со новиот блок на комплексот клиники. Останатиот дел од средствата се предвидени за медицинска опрема, немедицинска опрема и мебел, реновирање на постојните објекти во кругот на комплексот клиники, инфраструктура, надзор, како и цената на проектот за новиот објект на комплексот клиники и зградата на лабораторијата, како и останатите објекти вклучени во новиот кампус.

Денес сме 2016 година, градежни активности нема, а според програмата новата зграда треба да биде завршена до 2018 година, иако ветувањето на министерот во 2013 беше дека со тоа ќе се заврши во 2017 година. Според последната информација во јавноста, се уште се распишуваат тендери за заокружување на проектната документација или се чека изготвување на проектот за дел од целиот комплекс. Имајќи предвид дека комплексна зграда со над 60.000 квадратни метри треба да се гради само во фаза на „карабина“ неколку години (од разговор со инженери-експерти), а притоа инсталирањето на сложената опрема да трае најмалку една, сосема е јасно дека станува збор за неисполнето ветување, иако формално, со ископаната дупка од 2014 може да се каже дека работите „сè во тек“.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција