Неисполнето: TEЦ Неготино никако да излезе од „лад“

Со децении никако да излезе од „ладна резерва“. Фото: АД ТЕЦ Неготино

 

Во следниот мандат, ќе се разработи проект за отпочнување со работа на ТЕЦ Неготино, но на начин што ќе ја направи електричната енергија произведена од оваа централа конкурентна на пазарот на електрична енергија. За таа цел ќе се анализираат неколку можности, и тоа: 1) изградба на нова постројка за генерирање на електрична енергија од природен гас во рамките на сегашната централа, при што ќе биде изграден и крак на гасоводот до самата централа; 2) прилагодување на постоечката енергетска постројка за генерирање на електрична енергија од природен јаглен; и/или 3) изградба на нова централа (на јаглен или на природен гас), веднаш до постојната со цел да се зголеми инсталираната моќност на оваа локација. За опциите со природен јаглен, ќе се анализира можноста да се искористи јагленот кој што е со релативна ниска калорична моќ и се наоѓа во непосредна близина на локацијата на ТЕЦ Неготино или пак опцијата за изградба на постројка која ќе користи висококалоричен јаглен кој би се носел од друга локација. Целта ни е овој енергетски капацитет кој долги години се користи како ладна резерва во системот, да биде ставен во функција на производство на нови количини на електрична енергија, со што дополнително ќе биде зголемена енергетската независност на Македонија. Покрај изборот на оптимално техничко решение, ќе се работи и на избор на моделот на финансирање, односно реализацијата на проектот ќе биде понудена како 1) концесија, 2) како јавно приватно партнерство помеѓу ЕЛЕМ и приватен инвеститор; или 3) како самостојна инвестиција на државата.Буџет: 300–500 милиони евра. Рок: 2015 – 2022 (за реализација на проектот се потребни 5 до 7 години)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Едно од поголемите неисполнети и недоследни ветувања во сите изборни циклуси на владејачката ВМРО ДПМНЕ од 2006 година до денес, е реконструкција и трансформација на еден од поголемите енергетски објекти во Македонија, Термо електричната централа (ТЕ) Неготино.

Оваа термоцентрала со јачина од 210 MW и со потенцијално производство од 1,2 GW/h на годишно ниво, е изградена во доцниот социјализам и беше наменета како „ладна резерва“ за електро-енергетскиот систем на Македонија по пуштањето во употреба на комбинатот ФЕНИ во Кавадарци. Термоцентралата и тогаш и сега работи само во исклучителни состојби, затоа што нејзиното производство е скапо – работи на мазут. Идејата што ја турка ВМРО ДПМНЕ е трансформација на постоечката или изградба на нов дел од ТЕ, кој би бил на гас или на јаглен, со што производствотo би станало поисплатливо.

Сите три опции што ги навела владејачката партија се постоечки и можни опции. А, според упатен извор кој го консултиравме за овој текст, идејата дошла од веќе добиените понуди при претходните тендери за продажба на АД  ТЕ Неготино, при што последниот пропадна на крајот од 2007 година. Нашиот извор наведува дека проблемот е стратешки, т.е. важно е за која намена ќе се користи централата, која во никој случај не може да стане комплекс за производство на базна енергија, како РЕК Битола, на пример, туку за балансирана, вршна енергија.

Впрочем, дека не е во прашање „испитување на опции“,  или „анализирање на неколку можности“, зборуваат неколку податоци. Имено, физибилити студија за оваа ТЕЦ постоела уште пред десетина години. Второ, врз основа на таа студија и врз основа на тогашните сознанија била понудена прво на тендер на крајот од мандатот на СДСМ од 2002 до 2006 година, а во 2007 и од Владата на ВМРО ДПМНЕ.

Трето, партијата ВМРО ДПМНЕ, оваа термоелектрана ја споменува најпрво во ветувањата за мандатот од 2006 до 2010, па во ветувањата за мандатот од 2008 – 2012 (кога беа првите вонредни избори), па во ветувањата 2011-2015, кога беа вторите вонредни избори и конечно, во ветувањата од 2014-2018, за време на последните вонредни парламентарни избори.

Вистина е, дека во ветувањето од 2008 се напоменува дека треба да се направи нејзина пренамена од производител на базична во производител на вршна енергија, но потоа не се прави ништо за нејзината реализација. Во 2011 пак, се инсистира на комбиниран аутпут – струја и топлина (со погон на гас), при што, значителен сопственички удел да задржела Владата на РМ

Конечно сè она што треба да го направи Владата е да распише тендер, но откако ќе одлучи што сака од централата – вели нашиот извор. Тој појаснува дека ако се оди на варијантата за употреба на гас како погонско гориво, тогаш тоа ќе биде производство на погон на гас од новопостоечки објект до сегашниот – т.н. екстензија на централата, опција еден, која е речиси идентична со опција три од последното ветување, само е сменето погонскот гориво – јаглен.

Не држат ни зборовите дека ќе се испитува можноста за користење на ниско калоричниот јаглен кој се наоѓал покрај цетралата – вели нашиот извор, зашто единствена опција е вискокалоричен црн јаглен кој би бил увезуван најверојатно со бродови преку Солун, а потоа со железница транспортиран до централата. Дека најверојатно станува збор за опција еден, погон на гас, како опција кон која најмногу се оди, зборува и податокот дека Македонски енергетски ресурси, МЕР во декември распиша меѓународен тендер за изграда на крак од гасоводот од Штип до Неготино, во вредност од 19 милиони евра.

Во ветувањето што го анализиравме има игра со зборови – „во следниот мандат ќе се разработи проект за отпочнување со работ на ТЕЦ Неготино“, а кај наведениот рок се вели „за реализација на проектот“, што го разбираме како изведба на готовиот проект.

Бидејќи во 2015 не е разработен проектот, бидејќи нема такви најави ниту во почетокот на оваа 2016 година – проверено со пребарување, како и бидејќи оваа централа се споменува од 2006, значи уште од пред 10 години, сметаме дека веувањетоо не е исполнето. Фактички, се добива впечаток дека воопшто немало сериозна намера да се исполни, а  дека во предизборните ветувања е поставувано воолунтариистички. Во најмала рака, станува збор за недоследност при ветувањата за овој енергетски објект.

 

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција