Нема државно вработување без партиска книшка

Димовски уверува дека повеќе никој не бара книшки од идните административци. Фото: Телма

 

Изјава на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на партијата:

Видете, јас кажав дека во последните неколку години се донесени сериозни закони и дека се спроведуваат реформи во администрацијата. Партизацијата како термин ја слушаме 25 години. Никој не може да се спротивставува на нешто што е етаблирано како терминологија, но ви гарантирам дека она што значи во моментот услови за вработување во администрација е апсолутно тргнато на страна од партиската припадност.

[Извор: „Топ тема“ на Телма – Датум: 23.03.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Изјавата на Димовски кажана во „Топ тема“ како одговор на прашање за партизираност на администрацијата е невистинита. Горе пренесената изјава е крајот од подолгиот одговор (од 1:14:15 до 1:15:45 во видеото) што тој го даде на прашањето:

 „Дали партизацијата на државните институции е патриотски или антидржавен чин и зошто упорно партијата ја идентификувате со државата, па сите механизами за одговорност и контрола ги отфрлате како антидржавни, а во суштина се против вашите злоупотреби?“

Во својот одговор, Илија Димовски тврди дека за вработување во администрацијата не се бара членска книшка од владејачките партии. Но, дури и да се изземе општо распространетото уверување кај јавноста во последната деценија дека за да се вработи човек во администрација главниот услов е да биде член на некоја од партиите на власт, потврда дека има сериозна загриженост поради таква практика, односно дека изјавата на Димовски е невистинита, наоѓаме во годишните извештаи на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Република Македонија, но и во снимките од прислушкуваните разговори.

Во точката 2 од глава 2 на Извештајот на ЕК за земјава за 2015 година (стр. 11), која е посветена на реформите на јавната администрација, се вели дека постои загриженост за политизираност на администрацијата, која е дополнително засилена после објавувањето на „бомбите“:

„Земјата е умерено подготвена во однос на реформата на нејзината јавна администрација. Постигнат е одреден напредок во законодавството и подобрување на обезбедувањето на услуги за граѓаните и деловните субјекти. Загриженоста за политизацијата се зголеми со содржината на протечените прислушувани разговори и одложувањето на целосното спроведување на новата законска рамка. Потребна е силна политичка волја за да се загарантира независноста на администрацијата и почитување на начелата на транспарентност, заслуги и правична застапеност. Во текот на наредната година, земјата особено треба:

—> да се справи со сериозната загриженост за политизацијата на јавната служба; да обезбеди целосно спроведување на начелата на отчетност, транспарентност и заслуги (Итен реформски приоритет, вклучително и воведување на подобрен информатички систем за управување со човечки ресурси);

—> да го суспендира и повторно да го разгледа спроведувањето на Законот за трансформација во редовен работен однос додека целосно не се испочитува начелото на заслуги (Итен реформски приоритет);

—> да донесе Стратегија за реформа на јавната администрација и Програма за реформа на управувањето со јавните финансии, која ќе одговори на идентификуваните слабости, вклучително и буџетската транспарентност“.

Веднаш подолу се вели „Наменски, како и политички и арбитрарни вработувања се спроведуваа во голема мера“.

Најновиот извештај на ЕК со прецизната напомена за политизираност на администрацијата и за политички вработувања, недвосмислено ја нокаутира изјавата на Димовски за наводна непартизираност на македонската администрација, посочувајќи дека не само „бомбите“, туку и одложувањето на целосното спроведување на новата законска рамка, ја засилиле загриженоста.

Сродна е и пораката од Резолуцијата на Европскиот парламент (ЕП) од 10 март 2016 за Извештајот за Република Македонија за 2015 година (2015/2895(RSP)), под точка 11 (стр. 6). ЕП „ Изразува загриженост дека македонската јавна администрација останува предмет на политичко влијание, ја поттикнува владата да го зголеми професионализмот, неутралноста и независноста на сите нивоа“.

Речиси идентична критика за силна политизираност на администрацијата се содржи и во Извештајот на ЕК за 2014 година. Во точката за јавна администрација (стр. 8) во главата Демократија и владеење на правото од политичките критериуми се вели:

„Сепак, политизацијата на централно и на локално ниво останува сериозна загриженост. Довербата во независноста на државните институции е ниска заради широко распространетата перцепција дека јавната администрација е политизирана и има недостаток на транспарентност. Како што беше известено од страна на ОБСЕ/ОДИХР, постојат веродостојни наводи дека бил вршен притисокот врз вработените во јавниот сектор за време на изборите во април“.

За партиски вработувања се зборува во одреден број објавени снимки од прислушкуваните разговори, а повеќето се во осмата „бомба“. Останатите може да се слушнат тука.

Земајќи ги предвид забелешките на ЕК за последните две години, но и јавно искажаните критики за партиски вработувања од аналитичари и експерти, како и реакциите на јавноста по социјалните мрежи во поглед на слушнатото во „бомбите“ за договарање вработувања во администрацијата на членови на ВМРО-ДПМНЕ, каков било обид да се тврди дека партиските книшки како услов за вработување во администрацијата се целосно заборавена работа, е декласиран.

Затоа и изјавата на Илија Димовски дека „вработувањето во администрацијата е апсолутно тргнато на страна од партиската припадност“, се оценува како невистинита.

 

ИЗВОРИ

  • Топ тема“ на Телма (23.03. 2016) [Пристапено: 25.03.2016]
  • ЕК: Извештај за напредокот на Република Македонија за 2015 година (оригинал) (10.11.2015) [Пристапено: 25.03.2016]
  • ЕП: Резолуција за Извештајот за Република Македонија за 2015 година (оригиналот треба да биде објавен тука) (10.03.2016) [Пристапено: 25.03.2016]
  • ЕК: Извештај за напредокот на Република Македонија за 2014 година (оригинал) (10.11.2015) [Пристапено: 25.03.2016]
  • Прислушувани разговори – сет 8: Злоупотреба на државните институции (10.03.2015) [Пристапено: 25.03.2016]
  • Сите прислушувани разговори објавени од опозицијата (видео/аудио/транскрипти) [Пристапено: 25.03.2016]

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција