Нема гласање со двојно мнозинство во судството

Фото: Pixabay

 

Ветување: Продолжување на унапредување на принципот на  двојно гласање во областите во кои не се спроведува

 [Изборна програма на ДУИ „Платформа 2016-2020“  стр 12, датум: декември 2016 ]

 

 ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во политичката програма на ДУИ:  „Платформа 2016-2020“, со која партијата  настапи на последните парламентари избори  (декември 2016), на страницата 12 во делот „Правда и владеење на правдата“,  е дадено ветувањето: „ Продолжување на унапредување на принципот на двојно гласање во областите во кои не се спроведува“, кое досега (04.04.2018) не е исполнето.

Изминативе десетина години, ДУИ (како дел од власта) имаше ииницијативи  принципот за гласање со двојно мнозинство  да се применува и во одлучувањето на Уставниот суд, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, но ваквите нивни предлози не се реализираа (не беа прифатливи за ВМРО-ДПМНЕ и за СДСМ).

При отворања на ова дебата, во 2010 година, професорот Мерсим Максути,  коментираше:

За сите закони што поминуваат со двојно гласање во Парламентот, треба истото двојно гласање да важи и во Уставниот суд, затоа што може да се случи закон што поминува со овој принцип во Парламент да се отфрли од Уставниот суд со обично мнозинство.

Но, правните експерти на ДУИ ниту тогаш, ниту сега во Платформата, не објаснуваат како, освен во Уставниот Суд, би се спровел принципот на гласање со двојно мнозинство во други области во судството, особено во судовите каде одлуките се носат индивидуално од судиите.

Ова ветување не се споменува во приоритетниот план на Владата за судски реформи, а тоа може да се потврди и со проверка на  „ План 3-6-9“, каде во ниту една од точките посветени на реформите во судство кои се веќе спроведени, ниту пак, во оние што се очекува да се усвојат во Собранието, не се споменува начинот на гласање, или, пак, промена на принципот врз кој се носат одлуки во судскиот систем. Таква иницијатива не се споменува ниту во изјави, или, пак во телевизиските настапи на владините функционери, а кои се однесуваат на  долгорочниот план на реформи на Владата предвиден за правниот систем и владеењето на правото.

Впрочем, ветувањето на ДУИ за „унапредување на двојното гласање“, не држи и од проста логика. Во  ниту еден суд досега не е имплементиран  таков принцип –  двојно гласање  на етничка основа. Така што, не може да се каже  „унапредување“ на двојно гласање, кога  таков принцип воопшто не се применува во ниту еден суд, па гледано од тој аспект ветувањето е недоследно.

Според правниот експерт контактиран од „Вистиномер“, евентуален нов принцип на двојно гласање би можел да се спорведе само во Уставниот суд и тоа кога се носат закони изгласани во Парламент со двојно гласање . А, до неселективно судство и владеење на правото може да се стигне со реформи во судскиот систем,  судовите да носат одлуки базирани на само еден критериум: одлуките да бидат во согласност со законите и Уставот, а етничката припадност да не влијае на тие одлуки.

Имајќи го предвид сето ова споменатото недоследно изборно ветување на ДУИ: „Продолжување на унапредувањето на принципот на двојно гласање во областите во кои не се спроведува“, го оценуваме како  неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценува: Дрилон Салиу

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција