Нема координативно тело за мониторинг на вработувања во администрацијата

Фото: pxhere.com

Ветување: Координативно тело за координација и мониторинг на финансиските одобрувања за вработување во администрацијата

 

[Изборна програма на ДУИ за парламентарните избори 2016, датум: декември 2016 ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма на ДУИ со која партијата настапи на последните парламентарни избори (декември 2016),  во делот „Јавна и државна администрација” е дадено ветувањето за формирање „Координативно тело за координација и мониторинг на финансиските одобрувања за вработување во администрацијата”. Ова изборно ветување на ДУИ не е исполнето.

Во  Планот „3-6-9“, што го објави Владата во делот на реформите во јавната администрација беа спроведени седум ветени мерки од делот за реформа, но во ниту еден од овие спроведени реформи нема иницијатива за формирање на координативно тело за координација и мониторинг на финансиските одобрувања за вработување.

На 21 декември 2017 Владата на Република Македонија го формираше Советот за реформа на јавната администрација, што ќе ја следи реализацијата на Стратегијата за реформи во јавната администрација, дел од Планот „3-6-9”, но и таму не се споменува некакво координативно тело.

Проверка на Стратегијата за реформи во јавната администрација 2018 – 2022 , за мерките кои ќе бидат преземени во наредните пет години за остварување општите и посебните цели дефинирани во секоја од приоритетните области, покажува дека иако се пишува за бројни реформи и се даваат објаснувања за постапката за вработување, во ниту еден дел нема информација за формирање на специјално координативно тело:

Постапката за вработување на кандидати за административен службеник започнува со објавување на јавен оглас 37, а селекцијата се спроведува од страна на Комисија за селекција на кандидати за административни службеници, составена од вработени од: АА, институцијата за чии потреби е објавен јавниот оглас и од ССРД, доколку се спроведува вработување во орган на државна управа. Секретарот, односно раководното лице во институцијата носи одлука за избор која се доставува до избраниот кандидат и се објавува на интернет страницата и на огласната табла на АА.

Ниту при елаборирање на реализираните ветувања, како и на проектите  што би требало да се реализираат во овој мандат, функционерите на ДУИ во реформите иницирани од нивната партија, не споменуваат вакво координативно тело што би служело за координација и мониторинг на финансиските одобрувања за вработување во админстрацијата.

Ниту, пак, при пребарување на интернет медиумите не може да се најде информација за “Координативно тело за координација и мониторинг на финансиските одобрувања за вработување во администрацијата”, иако се појавуваат други координативни тела иницирани од власта и информации поврзани со нив, како на пример, Националното координативното тело за недискриминација.

Затоа, според горенаведените информации, може да се констатира дека изборното ветување на ДУИ за формирање на “Координативно тело за координација и мониторинг на финансиските одобрувања за вработување во администрацијата”е неисполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Дрилон Салиу


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.