Нема пратенички прашања еднаш во неделата

Спикеру Џафери, каде се пратеничките прашања еднаш неделно? Фото: Мета

Оваа изјава на претседателот на Собранието, Талат Џафери во која тој го уверува премиерот Зоран Заев дека „поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетрање од еден час, ќе се реализира по завршувањето на локалните избори“, се покажа како невистинита

 

 

На 18 август 2017 година, претседателот на Собранието, Талат Џафери, во одговорот на писмото на премиерот Зоран Заев, во кое тој побара термин за неделни тематски пратенички прашања, меѓу другото, вели:

Собранието во Деловникот го има регулирано прашањето на пратеничките прашања, а идејата, односно подготвеноста на Владата за целосна транспарентност и надзор да се овозможи поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетрање од еден час, Ве уверувам ќе се реализира по завршувањето на локалните избори. Убеден сум дека во изнаоѓањето на решенија за пратеничките прашања активно ќе учествуваат и претставници на Владата.

[Извор: Мета; Датум: 18.08.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на претседателот на Собранието, Талат Џафери  во која тој го уверува премиерот Зоран Заев дека поставување на пратенички прашања на почетокот на новосвиканата седница во времетрање од еден час, ќе се реализира по завршувањето на локалните избори,  се покажа како невистинита.

Првиот круг од  локалните избори се одржа на 15 октомври 2017 година, вториот на 29 октомври, а Државната изборна комисија (ДИК ) и официјално ги прогласи за завршени на 14 ноември (2017 г.).  Досега (20.12.2017) Собранието одржа само една седница посветена на пратенички прашања (24.11.2017) и таа, всушност, беше прва во овој парламентарен состав.  

Да потсетиме дека пред четири месеци (16.08.2017) премиерот Зоран Заев писмено побара од претседателот на Собранието, Џафери, да одреди термин за пратенички прашања во кое напоменува дека Владата е подготвена да отпочнат неделни тематски пратенички прашања во траење од еден час, во време и формат кој ќе го одреди собранискиот спикер.

Одржувањето на неделни пратенички прашања упатени до министрите во Владата, е фактички изборно ветување на СДСМ и го има во нивната програма „План за живот во Македонија“ со која излегоа на предвремените парламентарни избори  во декември 2016 година. Во врска со ова, во споменатата  изборна програма во делот „Отчетност на власта“ (на стр.23), е наведено:

Заради отчетност на Владата пред Собранието, седниците за пратенички прашања, наместо еднаш месечно, ќе се држат еднаш неделно.

Сепак, наспроти уверувањата на првиот парламентарец Џафери искажани до премиерот Заев, дека ќе има такви неделни собраниски седници на кои пратениците ќе им поставуваат прашања на министрите, тоа досега не се случи.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција