Нема правни пречки за формирање посебно судско одделение

Зоран Караџоски. Фото: скриншот

 

Откако се разгоре повторно темата за формирање на специјални судски одделенија во судовите и во полицијата за водење на предметите што ќе ги истражува или процесуира Специјалното јавно обвинителство, се разгореа и контра изјавите. Една таква, по втор пат во две недели, дава претседателот на Судскиот совет на РМ, Зоран Караџовски, кој смета дека ваквоото одделение во судот или судовите не е можно со постојниот Устав и Закон за судовите:

Јас, како претставник на институцијата која е одговорна за судството, и Судскиот совет воопшто сме на мислење дека не треба да се менува концептот на кој е поставено судството во постојниот систем, вели Караџовски. Доколку се наметне прашањето за формирање на ново судско одделение, односно специјално одделение, што според постојниот закон и Устав не е можно, потребна е законска интервенција, меѓутоа тоа треба да се направи многу внимателно, додава тој. Но, прашањата за одговорноста и за правата на претседателите на судовите или на претседателот на тој суд каде што ќе биде формирано новото одделение не можат да му бидат одземени како ингеренции на Судскиот совет, смета Караџовски.

[Извор: Академик и Утрински весник, Датум: 12 и 13.07.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Караџовски за која сметаме дека не одговара на вистината е повторена два пати во последните два дена, а пред две недели беше дадена во истатa, па и во уште подецидна форма.

Повторената изјава на Караџовски се однесува додуша само на Законот за судови, иако и имплицитно, како што објавија два медиуми, го споменува повторно и Уставот.

Повеќе експерти и од правосудната и од професорската сфера, многу пати досега се изјасниле дека во Уставот и Законот, па и другите закони, нема никава пречка за формирање на посебно судско одделение, кое ќе се занимава со предметите што во форма на истражна и обвинителска постапки ги води Специјалното јавно обвинителство.

Мислам дека Законот за судови има одредба и веќе го дозволува тоа, ако праксата го покаже тоа, можеби и би требало да се основа. Не би можела да кажам некој цврст став, бидејќи не сум внатре во институцијата, не можам од прва рака да видам како функционира, но ако нема ефективно процесуирање на предметите, тогаш најверојатно би требало“, изјави за порталот НОВА уставниот судија Наташа Габер- Дамјановска.

Професорот по уставно право Осман Кадриу вели дека нема уставна пречка доколку се формира само посебно судско одделение, а не и некој специјален вонреден суд. Сепак, тој смета дека мора да има промена во Законот за судови, а што се однесува до начинот на изборот на судиите, таа работа треба да му се препушти на Собранието.

И сега остана другата правна можност, во рамките на дегашната судска власт, формирање на Специјално одделение при Кривичниот суд. Постапката мора да се уреди со измени во Законот за судовите, во кои ќе се наведе како и на кој начин би се извршил изборот на специјалното кривично одделение. Најдобро би било Парламентот да го има главниот збор, вели Кадриу.

Адвокатот Константин Кратовалиев тврди дека не постои ниту уставна ниту законска пречка при што се повикува на конкретни членови од постоечкиот Закон за судовите на РМ.

Погледнете ги член 12, член 23, член 32. Таму концептуално веќе постојат решенија по кои веќе постојните судови работат. Во рамките на редовните судови имаме формирани посебни одделенија. Во рамките на тие одделенија имаме формирано посебни делови и совети кои што работат на предмети. Зборуваме за кривични, граѓански и т.н. Во рамките не кривичните имаме оддели за малолетнички криминал, имаме посебно одделение за прекршоци, имаме одделение за организиран криминал…

Тој вели дека проблемот е терминолошки, со што им се дава ветар во крилја на оние што се против посебно одделение, појаснувајќи притоа дека скратено новото обвинителство го нарекуваме Специјално обвинителство, иако тоа законски се нарекува Јавно обвинителство за… и е дел од нашиот правосуден и обвинителски систем.

Според Законот за судовите во Република Македонија, по проверката на посочените членови од страна на Кратовалиев, се утврдува дека навистина не постои законска пречка.

Член 12

(1) Работата во судовите по правило се врши во специјализирани судски оддели.

(2) Специјализираните судски оддели се формираат во зависност од видот и обемот на работа во судот, и тоа во кривична област, малолетнички криминалитет, граѓанска и стопанска област, работни спорови и за други покарактеристични видови спорови од делокругот на работата на судовите.

(3) Во рамките на специјализираниот судски оддел се остварува специјализација на судиите.

 

Член 23

(1) Основните судови се основаат за една или повеќе општини чие подрачје е определено со овој закон.

(2) Основните судови согласно со стварната надлежност судат во прв степен и се основаат како судови со основна надлежност и судови со проширена надлежност.

(3) Во рамките на основните судови со проширена надлежност задолжително се основаат специјализирани судски оддели што ќе постапуваат за одделни видови на спорови.

(4) Основните судови можат да имаат судски одделенија, да судат надвор од седиштето на судот, како и да имаат судски денови надвор од седиштето на судот.

 

Член 32

(1) Во Основниот суд Скопје I – Скопје се формира специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија. Специјализираното судско одделение е надлежно да суди за:…

 Понатаму, во истиот член се наведува и кои судови во РМ се надлежни за други работи….

И адвокатот Звонко Давидовиќ смета дека не постојат никакви законски (и уставни) пречки за формирање посебно судско одделение, со тоа што тој апелира за формирање на вакви одделенија и во повисоките судски инстанци.

Формирањето на специјално судско одделение кое би било надлежно за процесуирање на случаите што произлегуваат и се поврзани со незаконското прислушување не би бил вонреден суд, туку одделение во судот, како што тоа е одделнието за организиран криминал и корупција, кое ги процесуира случаите од Обвинителството за организиран криминал. Дури, во ова ново судско одделение судиите не мора да бидат именувани од Судскиот совет, туку тие можат да бидат делегирани од другите судови – вели Давидовиќ за агенцијата МЕТА.

Според досега изложеното, оценуваме дека изјавата на Караџовски, особено делот за тоа дека според постојниот Устав е невозможно да се формира судско одделение, ја сметаме за невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција