Нема пренос во живо од најатрактивните туристички локации во Македонија

Нема пренос во живо од туристичките атракции на земјата, Фото: Принтскрин

Проект: Пренос во живо од најатрактивните туристички локации во Македонија. Овој проект опфаќа поставување камери на најатрактивните туристички дестинации во Македонија (летни и зимски) од каде секој заинтересиран потенцијален посетител ќе може во живо да се запознае со случувањата на таа дестинација. Тоа може да се организира во определени периоди или во текот на цела година, како на пример: пренос од случувањата на крајбрежјето на Охридско Езеро, пренос од случувањата по течението на реката Дрим и плоштадот во Струга, пренос од случувањата на ски центрите, пренос на случувањата од плоштад Македонија, Стара чаршија во Скопје, Широк сокак во Битола, Аквапарковите во Пробиштип и Скопје и други туристички атрактивни дестинации. Преносот на сигналите (сликата) ќе се одвива преку веб- страниците на Агенцијата за поддршка на туризмот на Република Македонија, Министерството за економија, локални институции (општините) и други државни институции, како и преку веб-страниците на туристичките агенции и други економски оператори во Република Македонија кои ќе пројават интерес за тоа. Целта на проектот е промоција на туристичката понуда во Македонија и унапредување на туризмот. (Буџет: 600.000 денари, Рок на имплементација: 20142015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за  „Пренос во живо од најатрактивните туристички локации во Македонија”,  беше првично најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ (2014-2018) , дел Туризам (страна.145). Досега, ова ветување не е исполнето. По предизборната најава, публицитет на овој проект за промоција на туристичкиот потенцијал на земјата беше даден и од страна на медиумите (Вечер, Скопје инфо).

Две години по неговата најава и една година по ветениот краен рок за имплементација на проектот, проверуваме дали истиот е реализиран. Агенцијатата за поддрша на туризмот на Република Македонија, на чија веб-страна треба да се врши преносот во живо од најатрактивните локации во земјата, нема таков пристап односно не нуди пренос  од туристичките локации. Извршивме проверка и на веб страните на Министерството за економија, Град Скопје, Општина Охрид и неколку туристички агенции (Савана, Орфеј, Фибула), како што е наведено во ветувањето дека би го вршеле преносот, но не беше забележано дека ваков тип на пренос е достапен.

Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија” во делот Туризам, воопшто не се споменува дека било какви активности се преземени за реализација на овој проект. Наведени се порталите sharemacedonia.com (неактивен), macedonia-timeless.com, tourismmacedonia.gov.mk , кои нудат информации околу туристичките потенцијали на земјата, но ниту се споменува дека истите вршат директен пренос од туристичките локалитети , ниту пак на самите веб страни се наоѓа таков тип на пристап.

Иако во ветувањето од програмата не е наведено која институција би била носител на овој проект, извршивме проверка во Стратешки план на Министерство за информатичко општество и администрација 2016-2018. Во овој документ нема достапна информација дека е во тек или се планира имплементација на ветениот проект.

Имајќи ја предвид оваа анализа, може да се заклучи дека ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ за проектот “Пренос во живо од најатрактивните туристички локации во Македонија” не е ипсолнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција