Нема систем за финансиска поддршка за нови филтри кај загадувачите

РЕК Битола. Фото: Wikipedia

 

 

Владејачката политичка партија СДСМ во предизборието во својата Програма го вети, а не го исполни следното:

Ќе воведеме систем за финансиска поддршка за изградба на филтри кај загадувачите во индустријата.  

[Извор: СДСМ-За живот во Македонија, стр.227 – датум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ беше дадено со временски рок од 6 месеци откако ќе се воспостави Владата што тие ќе ја предводат. Тоа може да се види од внимателно читање на нивната предизборна програма, каде што ветувањето е ставено во „Планот 180“(првите 180 денови), во делот на мерки предвидени за унапредување на состојбата со животната средина.

Со проверка од повеќе извори „Вистиномер“ може да потврди дека ова ветување не е исполнето. Проверката најпрво ја опфати Програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020 година.

Во делот за „Животна средина“, единствено нешто што е споменато во програмата на стр.49, а што може да се поврзе со ветувањето од партиската програма, е  следната реченица:

…поддршка на приватниот сектор за постигнување на поставените стандарди во заштитата на животната средина, царински олеснување при увоз на нова технолошка опрема или инсталација на системи за пречистување на отпадните гасови или отпадните води, обезбедување финансиски средства преку буџетот, ИПА помошта на ЕУ и „меките“ кредити на ЕБРД, ЕИБ и Светска банка за стимулирање јавно-приватни партнерства како и целосна транспарентност и широки консултации во областа.

Проверката потоа одеше и преку пребарување во Програмата за работа на Владата за 2018 година. По ниту еден од клучните зборови за пребарување не пронајдовме дека Владата си зацртала во текот на оваа година да направи финансиски систем како помош за замена на филтрите на индустриските загадувачи.

Потоа пребаравме и на веб-страницата на Министерството за животна средина каде, исто така, не најдовме некаква програма за ветениот систем за финансиска поддршка за замена на филтрите кај големите индустриски загадувачи.

Единствено нешто што пронајдовме, а е поврзано со филтри и со финансиска помош, е давањето кредит на комбинатот Југохром од Јегуновце од страна на Македонската банка за поддршка на развојот во висина од околу 1,5 милиони евра. Всушност станува збор за одлука на Влада донесена на една од последните седници, со која се задолжува банката да го одобри кредитот преку посебна кредитна линија, а крајна цел на средствата е доизградба на системот за филтрирање на штетните материи од Југохром, со што ќе се овозможи повторно рестартирање на дел од погоните.

Дека  нема воспоставено систем за финансиска поддршка, говори и изјавата на директорот  на РЕК Битола, м-р Васко Ковачевски, од  јули годинава (2018), во која изрази очекување дека Владата ќе даде поддршка за реконструкција на електростатските филтри во РЕК.

Конечно, дека не е воведен систем за финансиска поддршка за изградба на филтри кај загадувачите во индустријата“, проверивме и во разговор со висок владин извор, кој ни го потврди тоа.

Со оглед на горенаведените факти, може да се даде оценката дека ветувањето на СДСМ во предизборната програма не е исполнето.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.