Нема соларни панели за енергетски ефикасни градинки во Центар

Градинката „Кочо Рацин“, клон „Панорама“ Фото: Веб-страница на Општина Центар

Набавка и монтажа на соларни панели за сите детски градинки.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во изборната програма (2013) на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски е наведено ветувањето за поставување на соларни панели во сите детски градинки на подрачјето на Општина Центар. До денот кога е пишуван овој текст, 13 април 2017 година, нема достапни информации дека е реализирано или е во фаза на реализација ова ветување на градоначалникот Жерновски, дадено пред локалните избори во 2013 година. Четири години подоцна, на самиот крај на мандатот, може да се оцени дека ова ветување на Жерновски е неисполнето.

Во поглавјето на изборната програма на Андреј Жерновски, „Иднината сега.Време е!“, посветено на енергетската ефикасност (стр.18), стои следново образложение:

Општина Центар како најурбана, 100% урбана општина, треба да биде предводник во примената на најновите трендови на зголемена енергетска ефикасност. Наша цел е максимално зголемување на енергетската ефикасност на објектите на сите институции кои се во надлежност на Општината,

при што, како една од мерките за реализација на оваа цел е наведена набавка и монтажа на соларни панели за сите детски градинки“.

Сепак, ниту темелното пребарување на Интернет содржините, како и на содржините на службениот сајт на Општина Центар, не исфрлија ниту една информација која би се однесувала на реализација на ветувањето за користење на сончевата енергија во детските градинки на територијата на Општина Центар. На територијата на оваа скопска општина, инаку, има три предшколски установи: „Кочо Рацин“,„Раде Јовчевски – Корчагин“ и  „13 Ноември“,  во вкупно  десет објекти (матични градинки и нивни клонови).

Единствено што во врска со оваа тема постои на сајтот на Центар е предлогот од анонимен граѓанин објавен на 10.02.2017 во рубриката „Идеи за Центар“ ( во која граѓаните можат да предлагаат идеи за подобрување на животот во Општината),  кој се залага за поставување на „соларни панели на покривите на сите јавни установи на територијата на општина Центар“.

Да се наместат соларни панела на сите градинки, основни, средни учичишта и останати установи под Општина Центар, и наместо тој простор да биде мртов, нека произведува струја.

Оваа рубрика е осмислена да им овозможи на граѓаните да ги искажат своите идеи од кои потоа Општината одбира кој предлог може и треба да се реализира. Коментар на овој предлог на граѓанин, од овластено лице од Општината, досега (13.04.2017) нема.

До денот на објавувањето на овој напис „Вистиномер“ не доби одговор од надлежните во  Општина Центар, од каде побаравме информација до каде е реализацијата на овој ветен проект на градоначалникот Андреј Жерновски.

Од сето ова може да се заклучи дека предизборното ветување на Жерновски за енергетска ефикасност на предучилишните установи на територијата на Општина Центар, на само еден месец пред истекот на неговиот градоначалнички мандат (мај 2017), не е исполнето.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција