Нема субвенции за камати за кредит за стан за млади брачни парови

Фото: Pixabay

 

Во предизборната програма на СДСМ за изборите во 2016 година, е наведено и следното ветување кое не е исполнето:

Ќе ја субвенционираме каматата од кредитите подигнати за купување на стан на млади брачни парови.

 

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонијадатум, декември 2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ во предизборната програма за предвремените парламентарни избори во 2016 година вети дека ќе ги субвенционира каматите за подигнатите кредити за стан за млади брачни парови, а мерката ќе биде донесена во првите 180 дена од мандатот. По проверката, констатиравме дека ова ветување досега (28.06.2018), иако е поминато повеќе од една година од мандатот на Владата предводена од СДСМ, е неисполнето.

Ова ветување на СДСМ се наоѓа и во Програмата за работа на Владата на РМ за периодот 2017-2020 година (стр. 44), но во малку поинаква форма, како мерки на Владата за спречување на злоупотреби со социјалните станови:

Владата ќе обезбеди мерки за спречување на злоупотреби со социјални станови преку субвенции за изградба (50% од комуналниот надоместок за изградба на индивидуални станбени куќи до 150 м2), субвенции на камата од кредити за купување на стан на млади брачни парови, и субвенции за проектирање и градба на објекти за ранливите групи на граѓани.

Проверката на сајтот на Владата на РМ со стандардно пребарување преку клучни зборови, покажа дека последната информација за субвенции за кредити за станови била објавена во 2015 година.

Проверкта на сајтот на Министерството за финансии, исто така, покажа дека последните податоци се однесуваат на акциите и проектите од претходната Влада, од типот „Купи куќа, купи стан“. Пребарувањето преку интернет покажа дека последниот јавен повик бил најавен од страна на Министерството за финансии, а потоа бил и објавен, на почетокот од 2017 година и важел до крајот на истата.

Конечно, во деталната Програма за работата на Владата во 2018 година (стр.309) има нова активност на Министерството за финансии, но дури за декември 2018 година и тоа е означена во делот на иницијативите со среден приоритет:

Информација за текот на спроведувањето на проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“ со Одлука за времетраењето на јавниот повик и бројот на јавни повици за пријавување на граѓани за добивање субвенциониран станбен кредит.

Врз основа на ова Владата ќе решава за тоа дали и колку граѓани ќе можат да се пријават за вакво субвенционирање во 2019 година, но сето тоа се други типови на субвенции кои беа прокети на претходната влада.

Според погоре посочените факти може да се даде оценка дека ветувањето од партиската програма на СДСМ, за кое е даден рок дека ќе се реализира во првите 180 дена од стапувањето на власт, за субвенционирање на каматата на кредити земени за купување на стан за млади брачни двојки, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција