Нема суштински промени во основното образование – законот сè уште во подготовка

Фото: Pixabay

Владата на РМ во Програмата за работа за годинава предвиде донесување на нов Закон за основно образование. Ова ветување е преземено од предизборната програма на СДСМ, како најголема партија во владината коалиција. Но, ветувањето владата не успеа да го исполни

 

 

Владата на РМ во Програмата за работа за годинава предвиде донесување на нов Закон за основно образование. Ова ветување е преземено од предизборната програма на СДСМ, како најголема партија во владината коалиција. Но, ветувањето владата не успеа да го исполни:

Иницијативи со висок приоритет за јуни 2018:

Изменување и дополнување на Законот за основно образование

Целта на законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование е подобрување на воспитно-образовниот процес во основните училишта, подобрување на условите за работа на наставниот и друг кадар во училиштата, поедноставување на одредени административни процедури, подобрување на начинот на водењето на педагошката евиденција и документација, како и други реформи, а со цел на генерално зголемување на квалитетот на основното образование. Иницијативата има индикација на поврзаност со приоритетна цел: подобрување на квалитетот на образованието и науката преку спроведување стратегии и реформи во образованието и науката. Иницијативата е предвидена во Националната програма за усвојување на европското законодавство за 2018 година

[Извор: Програма за работа на Владата на РМ за 2018 г., датум: 2017 година]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Врз основа на предизборната програма на СДСМ „План за живот во Македонија“, Владата на РМ во оваа учебна 2018/2019 година имаше зацртано да донесе крупни квалитативни реформи во образовниот процес на основното образование. Програмата се базираше врз основа на сите детектирани слабости во целиот образовен систем, вклучувајќи го и системот на основното образование.

Еве која беше намерата на СДСМ, претставена во предизборната програма, во врска со основното образование:

Ќе обезбедиме квалитетно државно образование преку примена на успешен европски модел. За сите реформи во образованието ќе водиме јавна расправа и консултации. Веднаш ќе го укинеме екстерното тестирање. Ќе го намалиме бројот на предмети. Ќе го намалиме и бројот на ученици во паралелка, најмногу на 25-мина, со цел квалитетна настава. Предучилишното образование ќе биде проектирано на период од една година, со задржување на деветгодишната поставеност на основното образование. За да ги ослободиме децата од притисок по оценки во првите години од школувањето, оценувањето од 1 до 5 одделение ќе биде само описно. Квалитетот на образованието ќе го обезбеди…(стр.7),

На почетокот на мандатот ќе организираме јавна расправа за функционална промена на концептот на образование, по примерот на една земја од Европската Унија, а концептот што ќе произлезе од таа сеопфатна расправа ќе биде имплементиран најдоцна до 2018 година.(стр.116)

Ќе спроведеме растоварување на наставните содржини и намалување на оптовареноста на учениците во основното и во средното образование. Ќе ставиме фокус на математичките и јазичните вештини и предмети, важни за развивање на клучните компетенции кај децата (стр.117)

Ова беа ветувањата и со таква намера, соодветните измени на основниот закон, Законот за основно образование, требаше да бидат усвоени во Собранието во јуни годинава.

Но, законот со измени и дополнувања за основото образование не само што не е усвоен, туку сè уште не е излезен од Владата, т.е. не е подготвен. Ова се утврдува со длабинско пребарување на сајтовите на Владата на РМ и на Собранието на РМ, прегу агрегатите на вести на интернет и слично.

Имено Владата, т.е. ресорното министерство подготвило законски текст со измените на Законот за основно образование уште во април годинава. Тоа може да се види од прес конференцијата на поранешната министерка за образование и наука Рената Дескоска. Таа тогаш рече дека новиот закон е готов и дека од тој датум, 10.04.2018 се става на увид на јавна расправа на сите заинтересирани страни.

Дескоска додаде дека очекува јавната расправа да заврши за еден месец и законот во јуни да биде усвоен од Собранието на РМ.

Но, дали поради сложеноста на материјата или поради промените на чело на МОН – во мај Дескоска беше заменета со новиот министер Арбер Адеми – од МОН и од Владата сè уште не излегоа со законот.

Оправдувањето на новиот министер беше дека законот е премногу важен и дека не смее да се брза со неговот донесување, за да не се случи повторно да се менува за кратко време:

Кога се работи за крупни законски решенија, не треба да се брза, затоа што сме виделе усвојување закони, а потоа многу бргу измени и дополнувања на тие закони. Законот за основно образование е многу значаен и затоа треба да се најде најдоброто решение. Се работи за креирање квалитетен воспитно-образовен систем за иднината на нашите деца

Според соопштението од МОН на таа прес конференција на почетокот на јули 2018 г., Адеми прецизираше дека е во тек подготовка на втора верзија на новиот закон за основно образование

Дополнително, деновиве и дел од медиумите констатираа дека ваквата состојба сè уште трае и дека тоа им била потврдено и од Министерството за образование, со образложение дека измените се комплексни и дека треба добро да бидат обмислени за да не настанат дополнителни проблеми:

Станува збор за смела реформа која подразбира посериозни поместувања во образовниот систем. Затоа е потребно Министерството за образование и наука и училиштата да бидат целосно подготвени пред воведувањето на најавените реформи во образовниот процес. Намалувањето на часовите и на бројот на децата во паралелките создава сериозни организациски предизвици. Концептот предвидува менторство на поискусните наставници над помалку искусните наставници, како и вршење одредени административни обврски во училиштето, со што целосно ќе се надополнат часовите кои наставниците ги имале пред намалувањето на часовите. Целта е реформата да обезбеди сигурност на сите засегнати во образовниот процес – изјавиле претставници од МОН за Факултети.мк, медиум кој се занимава, пред сè, со прашањата од виското, но и генерално, образованието и науката во целост.

Дали причината за ова лежи и во смената на челната функција на МОН во текот на оваа година или само во сложеноста на реформата, не е познато, но секако поради горенаведените аргументи може да се даде оценка дека ветувањето на СДСМ за основното образование, а, пред сè, зацртаното во програмата на Владата за оваа 2018 година, во делот на суштински измени на Законот за основно образование, не се исполнети. Зашто, тие измени и новиот закон, дури и да бидат усвоени во текот на оваа есен, секако дека е тешко да се очекува да почнат да се применуваат веднаш.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.