Нема веќе екстерно тестирање

На првата седница по изборот на новата Влада, Собранието донесе законски измени со кои се укина екстерното за основците и средношколците Фото: Мета

Веднаш ќе го укинеме екстерното тестирање како проект што предизвика голем револт кај наставниците, а создаде вознемиреност и незадоволство кај учениците и кај нивните родители. Екстерното тестирање не ги оствари целите за кои беше воведен и служеше само за вршење притисок врз наставниците, закану- вајќи им се со казни и губење на работното место.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На 01.06.2017 година, на првата пленарна седница по изборот на новата Влада, Собранието донесе законски измени со кои се укина екстерното тестирање. Ова е исполнето ветување на СДСМ дадено во октомври минатата година (2016) во „Планот за живот во Македонија“ (Подобар живот во Македонија; Образование, стр. 224),  програмата со која партијата излезе на вонредните парламентарни избори (11.12.2016 г.).

Укинување на екстерното тестирање, СДСМ  најави и во март оваа година (2017 г.) во Предлог Програма за работа на Владата 2017 – 2020 (Образование за новото време, стр.25):

Владата ќе предложи укинување на екстерното тестирање како проект што предизика голем револт кај наставниците, а создаде вознемиреност и незадоволство и кај учениците и нивните родители. Екстерното тестирање го девалвира целиот напор и труд на наставниците и на учениците во текот на целата учебна година, а не дове- де до зголемен квалитет. Ќе воведеме евалуација и тестирања на учениците, но без дополнително внесување на оценки во нивните свидетелства и без казни за настав- ниците. Вреднувањето на стекнатото знаење ќе се спроведува континуирано. На оние училишта што ќе покажат послаби резултати, ќе им биде дадена помош и поддршка за унапредување на наставата.

Со 64 гласа „за“, ниту еден „против“ или „воздржан“ (пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваа на седницата), Собранието на први јуни 2017 година ги изгласа измените на три закони од областа на образованието со кои се укина екстерното тестирање. Станува збор за Законот за изменување на Законот за основното образование , Законот за изменување на Законот за средното образование и Законот за изменување на Законот за наставници во основните и средните училишта. Во образложението на споменатите законски измени, се наведени причините за нивното донесување:

Неколкугодишното спроведување на екстерното тестирање покажа дека наместо да го подобри квалитетот на образованието, состојбите во образованието само се влошија.Огромен дел од стручната јавност, но и директните учесници во образовниот процес, пред се наставниците, по овие неколку тестирања ги искажаа своите ставови и критики за екстерното тестирање. Екстерното тестирање како механизам за оценување донесе само стресови и фрустрации во целиот наставен процес. Не само што тестирањето технички беше пропратено со многу нерегуларности и неточности, туку стотици луѓе од администрацијата се ангажираа за да се спроведе нешто, што малку што може да измери. Политиката, пак, влезе во образованието преку влијанието што оценката на екстерното тестирање го доби во реален контекст. Оценката на тестирањето законски влезе во свидетелствата на децата и влијаеше на нивниот среден успех. Тоа значеше дека една бирократска операција го „контролира“ успехот на децата. Апсурдот беше што во свидетелствата на децата се пишуваа и единици, како оценки кои законски не се преодни. Но, најголеми контроверзи есктерното донесе во кариерата на наставниците. Доколку оценката на детето по некој предмет во голема мера се разликува од оценката на наствникот (за една или за две оценки), наставникот влегува на „црн список“ и ако тоа се случи две години по ред, тогаш наставникот ќе го загуби своето работно место. Директорот на училиштето ќе му даде отказ, поради незадоволнителни резултати од работењето. Овој чин ја прелеја чашата и покажа дека некој од власта сака „да владее“ со наставниот процес, но најмногу со наставниците. Заканите за парични казни и намалувањето на платата беше, исто така, дел од процесот, веројатно како казнено-воспитна мерка за „послабите“ наставници

На 02.06.2017 година Министерството за образование и наука (МОН) соопшти:

Со усвојувањето на измените на Законот за основното образование, на Законот за средното образование и на Законот за наставници во основните и средните училишта од страна на Собранието вчера- 1 јуни, се укина екстерното тестирање.

Измените истиот ден се објавени во „Службен весник на Република Македонија” бр.67 и стапија во сила со денот на нивното објавување.

Со овие законски измени е укинато екстерното тестирање и нема да се спроведува. Сите отпочнати постапки во врска со екстерното проверување на знаењето на учениците запираат

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција