Нема закажување за лична карта по СМС

vmro-dpmne-logo

Овој проект опфаќа проширување на кол-центарот и за други градови и закажување за вадење нови лични карти,патни исправи и возачки дозволи преку СМС на цела територија на Република  Македонија (Буџет: во рамки на одобрениот буџет, Рок: 2015 година).

OБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „Полесно до личен документ”, е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот Модерна, реформирана, европска полиција во служба на граѓаните – Подобри и нови услуги за граѓаните (стр.234), со рок на имплементација до 2015 година. Досега ова ветување не е исполнето.

Порталот uslugi.gov.mk на Владата на Република Македонија, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен каратер, овозможува меѓу другото и информации во врска со административните процедури за вадење нови лични карти, патни исправи и возачки дозволи. Согласно упатствата од порталот, од 2007 година закажувањето за вадење на нови лични карти, патни исправи и возачки дозволи се врши преку бесплатниот телефонски број 0800 192 92. Во ниту еден дел не се споменува можноста за закажување за вадење на овие документи преку СМС, како што е ветено во Изборната програма на владејачката партија. Недостаток на овој пристап е што закажувањето може да се изврши само од фиксна телефонска линија, но не и од мобилен телефонски уред.

Единствена промена во овој дел е што во 2011 година, Министерството за внатрешни работи овозможи закажување на термин за аплицирање за лични карти, патни исправи и возачки дозволи електронски преку “Контакт-центар” што е дел од веб порталот на МВР. Притоа е наведено дека “Контакт-центарот” го менаџира закажувањето на термини на лични документи по електронски пат само за граѓани со живеалиште на подрачјето на град Скопје.

Во Отчетот за реализација на програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “За подобра Македонија”, не се споменуваат активности околу реализација на ова ветување.

Вистиномер вршеше проверка на уште неколку слични ветувања од Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 во делот Модерна, реформирана, европска полиција во служба на граѓаните. Станува збор за проектите “Олеснување на пристапот до документ” со кој без разлика на местото на живеење секој граѓанин со претходна најава би можел да добие документи во друг град, понатаму проектот “Лична карта во вашиот дом”, при што и за овие проекти беше проценето дека не се исполнети. Ова укажува на недоволен ангажман на Министерството за внатрешни работи за олеснување на административни процедури за аплицирање и издавање на лични документи.

Имајќи ја предвид оваа анализа, може да се заклучи дека ветувањето „Полесно до личен документ”,  не е исполнето.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Милена Јосифовска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *