Нема законска пречка за разрешување на Зврлевски

vmro-dpmne-logo

 

Законот не  забранува именување или разрешување на државни функционери откако ќе се распишат изборите, туку  забранува да се вработуваат или да се отпуштаат луѓе во државната и јавната администрација

 

 

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ денеска (09.08.2017)  на прес-конференција во Собранието, меѓу другото, рече:

Најостро да реагирам на начинот на којшто господинот Талат Џафери денеска и во последниот период ги води седниците и управува со Собранието на Република Македонија.

Прво сакам да ви ги кажам причините зошто е нервозата која што господинот Талат Џафери ја наметнува во работата на Собранието.

Прво очигледно е дека ниту тој, ниту парламентарното мнозинство не биле свесни и не го виделе  членот 8-а од Изборниот законик со кој што се ставаат во мирување сите вакви постапки.

Имајќи ја напамет одговорноста спрема своите политички партии и спрема Владата, како иницијатори за разрешувањето на Марко Зврлевски, којшто во конкретниов случај е ирелевантен како тема, господинот Талат Џафери и парламентарното мнозинство свесно влегуваат во кршење на Изборниот законик, а тоа обвинување го префрлаат на нас.

Се заради тоа што не го виделе овој член од законот, за што сами се одговорни и си носат одговорност пред Владата, пред своите партии итн, пред граѓаните.

[Извор: Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ, Датум: 09.08.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ (и координатор на правата од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ), Илија Димовски, во која тврди дека разрешувањето на јавниот обвинител Марко Зврлевски во време кога веќе се распишани локалните избори е спротивно на Изборниот закон, е невистинита.

Дека ваквите наводи се невистинити доволно е да се погледне членот 8 – а, став 1, алинеја 4 од Изборниот законик (стр.5), на којшто се повикува Димовски.

Член 8-а (1)

Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори па до завршување на изборите за избор на градоначалник или членови на советот, односно до конституирањето на советот на општините и градот Скопје не може:

 

(4) да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

 

Никаде во овој член не е наведено дека се забранува именување или разрешување на државни функционери откако ќе се распишат изборите. Оваа одредба прецизира дека се забранува да се вработуваат или да се отпуштаат луѓе во државната и јавната администрација.

Забрана за разрешување на функционери нема ниту во некој друг член од споменатиот Закон, а ниту, пак, во некој друг закон.

Инаку, истото неточно тврдење два дена претходно го искажа и  партискиот колега на Димовски  и координатор на втората пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, според кого:

oд  денот на донесување на одлука за распишување на избори до завршување на изборот и на самите избори, постои законска пречка да се разрешуваат и именуваат директори на органи на државна управа и други државни институции за кои што владата има надлежност. Освен во случаите каде што мандатот е завршен, при што може да се именува вршител на должност.

 

ИЗВОРИ:

  1. Веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ (09.08.2017): Талат и парламентарното мнозинство да не помислува дека може да си поигрува со волјата на 450 илјади граѓани  [Пристапено на 09.08.2017]
  2. Собрание  на РМ: КООРДИНАТОРИ НА ПРАТЕНИЧКИ ГРУПИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 2016-2020   [Пристапено на 09.08.2017]
  3. Курир (07.08.2017): Mилошоски: Постои законска пречка да се разрешуваат и именуваат директори на органи на државата [Пристапено на 09.08.2017]
  4. Собрание на РМ : Изборен законик – пречистен текст (стр.5)  [Пристапено на 09.08.2017]

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *