Немаше консензус во Собранието за гласањето за промена на Уставот

фото: META

 

Во вториот ТВ дуел за јавниот сервис МРТ со претседателската кандидатка Гордана Силјановска- Давкова, во дебатата околу Преспанскиот договор и промената на Уставот, со што најважниот дел од договорот беше имплементиран, претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во еден момент кажа невистина, дека тоа се случило со консензус:

Консензусот постои, постоеше и во Парламентот, со над 80 гласови се усвоени уставните измени…и консензусот постоеше и претходно на серија лидерски средби од кои што имаше заеднички соопштенија за јавност

[ИЗВОР: ТВ Дебата на Пендаровски и Силјановска Давкова за МРТ – датум: 25.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пендаровски, нешто слично на погрешно употребениот термин консензуален претседателски кандидат (на ДУИ и на СДСМ), што се наметнуваше во јавноста од овие две партии уште пред формално да биде избран кандидатот, и во ТВ дебатата со Гордана Силјановска-Давкова го употреби зборот консензус онаму каде што не му е местото и со тоа искажа невистина.

Имено, настаните за промената на Уставот на Република Македонија, со што се промени и името во Република Северна Македонија, не беа така одамна за јавноста да не памети со каква драматика беа обезбедни 80 гласови на парламентарците. Таа драматична неизвесност траеше од 20 октомври 2018 г. до 11.01.2019 година, кога се заврши во Собранието со усвојувањето на новиот Устав.

Паралементарното мнозинство од СДСМ и ДУИ, поддржано од ДПА, Алијансата за Албанците, партиите што произлегоа од БЕСА…, имаше обезбедно 71 пратеник, кои беа согласни договорот од Преспа да се имплементира со промена на Уставот на државата. Обезбедувањето на преостанатите 9 гласа се одвиваше низ серија мачни преговори со пратеници, пред сè од некогашаната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ од 51 пратеник, по што, на сè уште до крај нејасен начин, но и со Закон за амнестија за настаните од 27 април 2017 година, успеаја да обезбедат 8 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со што се стигна до бројката од 79 пратеници.

Пресудниот глас беше на пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој при првото гласање за потребата од донесувањето на измени на Уставот, не гласаше и во моментот на гласањето стана покрај ѕидот на пратеничките клупи заедно со 43-та пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако беа изгласани уставните измени, овие 8 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ што гласаа за нив веднаш беа исклучени од партијата и од пратеничката група, напаѓани во јавноста како предавници, а полицијата долго време ги чуваше нивните домови.

Собранието има 120 пратеници. Ако 80 од нив гласале и тоа во таква жестока дебата во Собранието (и во целото општество) и со толку перипетии како што се носење посебен закон за амнестија под „фирмата“ помирување за 27 април, тогаш тоа не може да се нарече консензус. Дотолку повеќе што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, што беше против целиот процес, претставува значителен дел од избирачкото тело во државата.

Точно е, исто така, дека извесен период од меѓулидерските средби на кои се разговараше за текот на преговорите со Грција имаше колку толку согласност, но не и за последната фаза кога македонската преговарачка страна реши да ја прифати конечната верзија.

Конечно, зборот консензус е сосема прецизно појаснет во Дигиталниот речник на македонскиот јазик: Спогодбаодлука врз основа на согласност на сите заинтересирани страни.

Оттука, изјавата на Пендаровски дека промените на Уставот биле донесени со консензус е невистина.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција