Неумесно е да се каже дека барокната зграда на Водовод е евтина!

 

 

Директорот на ЈП „Водовод и Канализација“, Александар Атанасов  за телевизија „Телма“  изјави дека новата  управна зграда на пертпријатието не е премногу скапа и дека нема да биде пречекорен износот од десет милиони евра. Атанасов во изјавата, меѓу другото, вели:

Овој објект за таа цена што ќе испадне на крајот, може да се каже дека е евтин објект, искрено да ви кажам, како што гледаме, нели за разлика од другите објекти што се изградени. Споредбено со другите објекти можам да кажам, не само да кажам туку тврдам дека нема посебен луксуз во самата зграда…

[Извор: Телма, (од 0,41 до 1,04 минута од видеото), датум: 13.03.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ваквата изјава на директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Александар Атанасов, според кого барокниот објект на претпријатието на кејот на реката Варада „е евтин“, е неумесна и сосема несоодветна, имајќи го предвид актуелниот социјален и економски контекст. Да се каже дека зградата, за која официјално се соопштува дека ќе чини  десет милиони евра (иако во јавноста имаше информации дека цената, веројатно, ќе биде двојно повисока), е евтина и само на прв поглед изгледа скапо и луксузно, во најмала рака е некоректно, особено, во ситуација кога во 21 век во делови од Скопје  сѐ уште има субстандардни услови за живот и хронични проблеми со недостиг на вода.

Така на пример, во делот од Топаана под касарната „Илинден“ – фактички во поширокиот центар на главниот град, нема фекална канализација. Во сиромаштија и беда и со големи проблеми со водоснабдувањето живетат и луѓето во  Шуто Оризари, според чии сведоштва пренесени во медиумите,  во делови од Општината вооппшто нема водоводна мрежа, а во дел таа е нефункционална.

Надежите се дека деценискиот проблем со честите рестрикции и немањето вода  во летните периоди, што го имаат жителите на Шуто Оризари, ќе се реши со изградабата на нов водовод во оваа Општина, која почна на крајот на јуни  2015 година. Инвестицијата е  вредна три милиони евра и според тогашните прогнози, требаше целосно да биде готова есента 2016 година. Но, работите се развлекоа и водоводот, досега (17.03.2017), сè уште не е завршен.

Неодамна  ТВ 24 пренесе изјава на директорот Атанасов во која тој вели дека изградбата на водоводот во Шуто Оризари финишира и најавува дека наредниот месец (април 2017) ќе биде ставен во функција:

Над 95 проценти од изградбата на водоводната мрежа е реализирана, но резервоарот не е пуштен во употреба. Кредитирот, Светска Банка, од нас побара да изградиме и специјален атмосферски колектор, на кој сега работиме. Тоа го пролонгираше рокот за пуштање во употреба. Очекуваме до aприл се да биде завршено – тогаш свечено ќе го пуштиме во употреба. (Атанасов)

Инаку, првичните планови за овој објeкт беа тој да се реализира во 2015 година и да чини 2,5 милиони евра. Изградба на нов систем за водоснабдување во Шуто Оризари, вети градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, уште за локалните избори во 2013 година. Во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ ,  (во делот „Водоснабдување, атмосферски и фекални канализации“, стр. 63) , е наведено дека проектот треба да се спроведе во период (2013-2015) година.

 

ПРОЕКТ: ВОДОСНАБДУВАЊЕ ЗА ШУТО ОРИЗАРИ

Опис на проектот: Подобрување на мрежата за снабдување со вода во на- селбата Шуто Оризари со изградба на пумпна станица кај бул. „Босна и Хер- цеговина“, нов потисен цевковод до постојните резервоари и изградба на нов резервоар. Овој проект ќе го реализира Град Скопје, во соработка со Општина Шуто Оризари и со ЈП „Водовод и канализација – Скопје“. ( Вредност на изведба: 2,5 мил евра Рок: 2013-2015 година)

Па, во ситуација кога жителите на Шуто Оризари во текот на летниот период немаат ниту вода за пиење и кога во делови од Скопје  сѐ уште не се целосно заменети азбестните и лиено – железните цевки, изјавата на Атанасов дека управната барокна зграда на скопски „Водовод“, за која ќе се потрошат 3-4 пати повеќе пари отколку за вододводот во Шоуто Оризари,  е евтина,  ја сметаме за некоректна  и според методологијата на „Вистиномер“ ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *