Неумесно е Иванов да бара милост од Собранието за тепачите на пратениците?!

Иванов смета дека Собранието треба да направи амнестијата на осомничените и обвинетите за крвавиот инцидент во Парламентот на 27. 04. 2017 година Фото: Принтскрин

 

Не станува збор за „луѓе кои ги завела толпата и се повеле од емоции“, туку за луѓе кои свесно дошле да тепаат! Како може некого да го „завела толпата“, ако тој дошол „подготвен“ со качулка?! Настаните и општиот политички амбиент во државата во 2002 година  и сега по 15 години, не се  споредуваат. Амнестијата за која  говори Иванов беше политички мотивирана и направена  пролетта  2002 година,  како обврска од Рамковниот договор и беше услов за релаксирање на постконфликтната атмосфера во земјата.

 

Претседателот Ѓорге Иванов вчера (17.07.2017) по доделувањето на мандатот за составување влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев,  во подолгото интервју во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“ го изјави и следното:

Ние во 2001 година имавме воен конфликт, па најдовме начин за помирување. Ако имаат доблест новите пратеници, во новиот состав на Собранието, ако сакаат да делуваат на смирување на општеството, да покажат акт на добра волја и помирување, нека го направат тоа што беше направено после конфликтот во 2001. Тогаш знаевме дека Собранието  амнестира воени злосторници. Ако можеле да се амнестираат воени злосторници тогаш зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпата или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции.

[Извор: Канал 5 (Од 14,40 до 15,15 минута од видеото) , Датум: 17.05.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Оваа изјава на шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, во која тој практично се заложи Собранието да направи амнестија на осомничените и обвинетите за крвавиот инцидент во Парламентот на 27. април 2017 година, ја сметаме за несоодветна и ја оценуваме за недоследна.

Ваквиот, најблаго кажано, некоректен предлог Иванов го спомна двапати во интервјуто. Односно, откако еднаш предложи тој, истата заложба ја повтори и во одговорот на директното прашање на новинарката: „Дали сметате дека треба да бидат амнестирани тие луѓе (осомничени за насилствата н.з.)“:

Ако постои добра волја во парламентот посебно од парламентарното мнозинство и имајќи го искуството после 2001 година и ако сакаат да имаме помирување во државата нека го покажат тоа на дело.

Веднаш потоа Иванов самиот даде објаснување зошто тој не може да го стори тоа:

Инаку, постапката за помилување кај претседателот е долга и таа се однесува откако ќе се изречат правосилни пресуди. Постапката оди од затворите во Министерството за правда, Министерството за правда до Комисијата за помилување, Комисијата за помилување до мене и таа е долга.

Притоа додаде дека:

Аболицијата е сосема друго прашање и тоа се знае и напишано е кога е од државен интерес (од 15,24 до 16.02 минута од видеото)

Иванов, барајќи од новиот собраниски состав  –  новиот Парламент „да им помогне на луѓе кои ги завела толпата, кои се повеле од емоции“,  свесно го минимизира срамниот инцидент во Собранието. Притоа, ја намалува тежината на стореното злодело кон пратениците, новинарите, полицајците, а првенствено кон Собранието како институција. Со ваквиот апел, Иванов, всушност, го релативизира и тепањето и обидот за уривање на Парламентот како претставнички дом на граѓаните и носител на законодавната власт. Тој со невидена леснотија им простува на тепачите и сугерира истото да го направи и Собранието!

Само, во конкретниот случај не станува збор за „луѓе кои ги завела толпата и се повеле од емоции“, туку за луѓе кои свесно дошле  да тепаат! Како може некого да го „завела толпата”, ако тој дошол „подготвен“ со качулка?! Дали оние кои крвнички го тепале пратеникот од Алијансата на Албанците, Зијадин Села, кој беше најтешко повреден, можеби ги завела толпата? Јавноста беше згрозена од снимките на кои се гледа како неколкумина дивјачки го влечат раскрвавениот Села – веројатно мислејќи дека е мртов, и урлаат: „Заев, Заев ни треба не он“!  Од какви тоа „емоции“ се повеле луѓето за онака ѕверски да му се нафрлат на Села, или, пак, оние кои со столици и метални држачи за камери ги тепаа другите пратеници ?

Видеата, пак, кои се вртеа низ медиумите и на интернет сведочат за лица кои со задовослтво тепаат, а не за „заведени“ личности, понесени од моментот – атмосферата. Има и  индикации дека барем дел од  насилниците не влегле со демонстрантите, туку од  гаражата на Собранието, дел кој е дозволен само за службените возила. А, како што беше објавено, голем дел од  тепачите во Парламентот имаат криминални досиеја, а еден од насилниците носеше маица на десно-екстремистичката партија ХСП (Хрватска странка права) со натпис: „За дом спремни“

Исто така, Иванов прави паралела меѓу две работи кои не се споредуваат. Амнестијата за која говори се случи по воениот конфликт во 2001 година, беше политички мотивирана и направена пролетта 2002 година, како обврска од Рамковниот договор (на кој, пак, е гарант меѓународната заедница) и беше услов за релаксирање на постконфликтната атмосфера во земјата.

На 07.03.2002 година беше донесен Законот за амнестија со кој државата демонстрираше милост спрема бившите припадници на ОНА. Спомнатото законско решение беше донесено под силен меѓународен притисок и многу директни закани врзани за одржувањето на тогашната донаторска конференција. Интересно е тоа што во самиот Закон беше предвиден рок од три дена за извршување на амнестијата. Македонскиот парламент го донесе Законот на 7 март 2002 година во доцните вечерни часови. Иако имаше противење и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, тој беше усвоен во формата во која беше предложен од Владата, без никаква интервенција и доби поддршка од четирите парламентарни партии, чии лидери го потпишаа Рамковниот документ – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ПДП. Законот беше изгласан со 64 гласа „за“, 12 пратеници се изјаснија против – независните пратеници екс алтернативци, оние од ВМРО-Вистинска и неколкумина парламентарци од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, а осум беа воздржани, исто така, од редовите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.

Така што, настаните и општиот политички амбиент во државата тогаш (во 2002) и сега по 15 години, не се компарираат. А, тоа што Иванов го бара од пратениците да покажат „доблест и милост“ за наслиството во Парламентот е сосема неумесно.

И, конечно кога сме кај амнестијата, треба да се каже и дека на 19.07.2011 година Собранието само со гласовите на владејачкото мнозинство – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, изгласа амнестија за предметите кои од Меѓународниот суд во Хаг беа вратени во Македонија. Со прифаќањето на автентично толкување на членот 1 од Законот за амнестија, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ решија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите „Хашки случаи“:„Водство на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесуирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција