Невистина: Експерти надвор од влада не одлучуваат за кратење плати и пензии

Кирил Миноски во име на ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да си остане во опозиција. Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Спинувајќи изјава на Никола Поповски кој настапи како професор и експерт, прво дел од медиумите, а два дена подоцна и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека нивниот политичкки противник треба да остане во опозиција, измислувајќи дека ќе се крателе плати, пензии и ќе отпуштало од работа

 

Кирил Миноски, министер за финансии именуван од ВМРО-ДПМНЕ, каде што е член на Извршниот комитет, ја даде следнава изјава во име на својата партија:

СДСМ пред изборите, пред само една недела, пред граѓаните ветуваше просечна плата од 30.000 денари, повисока минимална плата, нови вработувања, зголемување на пензиите и тоа не еднаш, туку ДВА пати годишно, а веќе вчера пропагираше отпуштања во јавниот сектор, намалување на платите и кратење на пензиите. Од опозиција овие луѓе нема да може да им наштетат на граѓаните на Република Македонија, нема да да отпуштаат луѓе од работа за да ги вработат своите послушници, да кратат плати и пензии.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, веб страница, датум: 20.12.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Миноски за наводни намери на СДСМ за отпуштања, кратења пензии и намалување на плати се целосна невистина.

Оваа невистина се должи на спин што го направија медиуми блиски до провладината ВМРО-ДПМНЕ во понеделникот, по интервјуто на поранешниот министер за финансии и претседател на Собранието на РМ, Никола Поповски за Радио Слободна Европа.

Поповски во интервјуто, настапувајќи како експерт и професор излезе со ставови за тоа што може да се очекува во економската политика во иднина и како да се подобри економската состојба.

Мислењето на професорот Никола Поповски веднаш беше претставено од дел од провладините медиуми како став на Социјалдемократскиот сојуз, што може да се види и од копи-пејст насловите на агрегаторот Тајм мк утредента на 19.12.2016.

Ова му послужи на високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ и министер за здравство Никола Тодоров да излезе со став дека „Кратењето на пензииите и платите е карактеристика на СДСМ“.

За да го засилат ставот дека тоа ќе било политика на СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ ќе постапувала сосема обратно, министерот за финанси, Кирил Миноски, одржа ден подоцна и посебна прес конференција во штабот на ВМРО-ДПМНЕ со ставови кои се предмет на оваа проверка.

Никола Поповски најверојатно сè уште е член на СДСМ, но долги години тој не е во раководните органи и тела на партија. Тоа сосема јасно укажува дека Поповски во интервјуто за РСЕ изнесува сопствено експертско мислење, бидејќи ниту медиумот, ниту тој навестија нешто поинакво.

Со уште една проверка на веб страницата на СДСМ може да се утврди дека во споменатите денови од завршувањето на изборите до вчера, оваа партија ниту еднаш не навестила каква економска политика ќе води доколку формира влада и последни пораки остануваат оние од програмата на партијата и од настапите за време на кампањата.

Поради сè погоре изнесено, недвосмислено се потврдува дека дел од изјавата на Кирил Миноски во име на ВМРО – ДПМНЕ е спин и невистина, т.е. ставање зборови во уста на политичкиот противник без реална поткрепа.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.