ДИК има право да брише граѓани на РМ од Избирачкиот список

Илија Димовски во Топ Тема, Фото: Скриншот

ДИК нема право да брише никого од список кој е граѓанин на Република Македонија. Вие за да избришете државјанин на Република Македонија од Избирачки список треба да смените Устав, не закон, Устав.

[Извор: TВ Телма, Топ Тема (43:42 – 44:06 oд видеото), Датум: 23.03.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Предмет на оценка и аргументација е изјавата на Илија Димовски, шеф на парламентарната група на ВМРО – ДПМНЕ  во Собранието на Република Македонија,  дадена на  23 март (2016) во интервјуто за Топ Тема на Телевизија Телма, која е невистинита.

Во ова интервју  главно се разговараше за целите на Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ, галопирачкиот пораст на јавниот  долг,  јунските избори, пречистување на Избирачкиот список и реформи во медиумите, а на прашањето на новинарот:

Колку сето ова води кон реално решавање на сомнежите во избирачкиот список ако на крајот Државната изборна комисија сама не може да брише докажано сомнителни по било кој основ гласачи и се останува на управните постапки кои што траат многу долго. Ќе се примени ли кон измени на законите или не?

пратеникот Илија Димовски го даде следниот одговор:

ДИК нема право да брише никого од список кој е граѓанин на Република Македонија. Вие за да избришете државјанин на Република Македонија од избирачки список треба да смените устав, не закон, устав.(TВ Телма, Топ Тема, 43:42 – 44:06 oд видеото)

 

 

Согласно измените на Изборниот законик  (Сл. Весник бр.196 од 10.11.2015 година),  Член 13 (со кој фактички се менува членот 42 од Изборниот законик – Сл. Весник  бр.32 од 12.02.2014 година ) утврдува дека Државната изборна комисија е надлежна да врши бришење од Избирачкиот список врз основа на податоци од матични книги, евиденција за живеалишта и државјанство, службени евиденции, проверување, по барање на граѓани и на политичка партија врз основа на претходно извршен јавен увид. Законот прецизно го утврдува следново:

(1) Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список по службена должност врз основа на податоци од матичните книги, евиденцијата за живеалиште и за државјанството на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување

(2) Државната изборна комисија врши запишување, дополнување и бришење во Избирачкиот список и по барање на граѓани, а врз основа на усвоениот Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список

(3) Државната изборна комисија врши бришење во Избирачкиот список на починато лице или лице кое по било кој основ го загубило избирачкото право по барање на политичка партија со доставување на податоци за починатото лице или кое по било кој основ го загубило избирачкото право, врз основа на претходна проверка во податоците од матичните книги, евиденцијата на живеалиште и за државјанство на Република Македонија, други службени евиденции и со непосредно проверување, согласно со усвоениот Правилник за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список

(4) Запишувањето на државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство се врши и врз основа на доставена пријава во ДКП, односно конзуларните канцеларии.

Законот утврдува дека по завршување на јавниот увид на Изибрачкиот список, политичките партии доставуваат барање до ДИК за запишување, измена или бришење на податоци од Избирачкиот список. Поточно, со Член 49 – а од Изборниот законик (Сл. Весник  бр.32 од 12.02.2014 година), вклучително и Член 17 од измените на Изборниот законик (Сл. Весник бр.196 од 10.11.2015 година) се прецизира дека:

(1) Во рок од пет дена од денот на завршувањето на јавниот увид Државната изборна комисија избирачкиот список го доставува до политичките партии

(2) Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на избирачкиот список до Државната изборна комисија доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци

(3) Државната изборна комисија по поднесеното барање одлучува со решение во рок од три дена од денот на приемот на барањето,  согласно со Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во Избирачкиот список.

(4) Против решението од ставот (3) на овој член може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението

(5) Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

 

Kaко што се забележува, со Изборниот законик (Сл. Весник  бр.32 од 12.02.2014 година) и со измените на Изборниот законик (Сл. Весник бр.196 од 10.11.2015 година) се утврдува дека  Државната изборна комисија е дури и должна во рок од три дена од денот на приемот на барањето за запишување, дополување или бришење на податотоците да утврди дали барањето е основено. Останува правото за поднесување на тужба доколку решението на ДИК се смета за неосновано, против која Управниот суд е должен да реши во рок од 24 часа.  Ова упатува дека ДИК не само што има право, туку е и должна во одреден рок да одговора по барањата за бришење на податоци.

Пратеникот Илија Димовски понатаму во изјавата упатува дека за да се избрише државјанин на Република Македонија потребно е да се измени Уставот на РМ. Нема потреба да се навлегува во подлабока проверка на оваа изјава во рамките на Уставот на РМ, пред сè бидејќи Изборниот законик е дециден во однос на одредбите за пречистување на избирачкиот список. Уставот на Република Македонија ги регулира темелните  вредности на уставниот поредок на земјата вклучително и демократските избори, но без да навлегува во деталните сфери кои дополнително се регулираат со закони.

Имајќи ја предвид оваа правна аргументација, може да се заклучи дека изјавата на Илија Димовски дека ДИК нема право да брише граѓани од Избирачкиот список и дека истото бара промена на Устав е невистинита.

ЛИНКОВИ:

 

Оценето од: Милена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција