Ни трага ни глас од Дом на културата во Тафталиџе 2

УЗ „Тафталиџе 2“

Изградба на Дом на културата – театар со 200 гледачи, галерија, сала за состаноци, сала за културно-уметнички друштва и танцување и кафе-ресторан

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Во изборната програма со која ја побара довербата на граѓаните на локалните избори во 2013 година „Визијата за Карпош“ на стр. 32, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, вети дека во населбата Тафталиџе 2 ќе се изгради Дом на културата, кој ќе се состои од театарска сала за 200 гледачи, галерија, сала за состаноци, сала за културно-уметнички друштва и танцување и кафе-ресторан „Тафталиџе“. Ова ветување, според тоа што го утврдивме, е неисполнето.

На интернет не може да се најде ниту една вест поврзана со изградба на Дом на културата во Тафталиџе 2. Постојат вести за расправа на советниците во општината за Деталниот урбанистички план за Тафталиџе 2.

Како што пренесе телевизија Телма на 10 март 2016 година ДУП за Тафталиџе 2 ги зовре страстите на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Карпош, иако како точка воопшто и не беше на дневен ред на седницата.

Советниците од СДСМ го оценија донесувањето на планот на ден пред Бадник е нетранспарентно, бидејќи имале само 15 минути да го разгледаат, а ниту тогаш ниту подоцна не можеле да расправаат за него, бидејќи го немале на увид. Градоначалникот Јакимовски возврати дека ДУП за тој дел е донесен законски, а токму опозицијата со лажење ги револтирала граѓаните да излезат на протести. Мнозинството советници побара донесувањето на ДУП да не се нарекува криминален чин.

Во Деталниот урбанистички план „ДУП за Градска четврт 3 06 (опфат помеѓу бул.Партизански одреди“, ул.Московска, бул.Македонија и бул.8-ми Септември“, кој поради резолуцијата во која што е објавен е слабо читлив, како што не информираа од општина Карпош, постои маркичка со намена за култура.

 Тоа е општа маркичка за изградба на објект од култура. Дали и кога ќе се гради Дом на култура не можеме да ви кажеме, тоа не зависи од нас – изјавија за „Вистиномер“ од секторот за урбанизам во општина Карпош.

Исто така, за „Вистиномер“ жители на оваа населба тврдат дека не чуле ништо дека ќе се гради ваков објект, ниту биле консултирани за такво нешто.

Иако во ДУП-от за Тафталиџе 2 е вцртана маркица за објект од културата, не е преземено ништо друго – ниту еден чекор! Поради тоа оценуваме оти ветувањето на Стевчо Јакимовски дадено во 2013 година, дека во Тафталиџе 2 ќе се изгради Дом на културата, е неисполнето.

 

ИЗВОРИ

 

 

Оценето од: Владе Ѓорчев

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *