Фактите на министерот Никола Димитров се ирелевантни за состојбите со избирачкиот список

Никола Димитров, министер за надворешни работи. Фото: МНР

Податоците на Фондот за здравствено осигурување можат да бидат само основа за број на работоспособно население во земјава, за подготовка на статистики и извештаи, но во никој случај не и за споредба со избирачкиот список

 

Податоците на Фондот за здравствено осигурување можат да бидат само основа за број на работоспособно население во земјава, за подготовка на статистики и извештаи, но во никој случај не и за споредба со избирачкиот список

 

Делот од Фејсбук статусот на министерот Никола Димитров, кој се однесува на избирачкиот список и за кој тој вели дека станува збор за факти, нема правна основа за да се прифати како таков. Во овој подолг статус, Димитров се осврнува врз повеќе моменти поврзани со референдумот и многу од нив се точни и вистинити. Но, она што тој го објаснува во овој дел од статусот е, сепак, неточно:

Дали е факт дека избирачкиот список не е воопшто реален, ако се земат предвид податоците на Фондот за здравствено осигурување? Да. 416.382 се малолетни лица, без право на глас, од вкупно 1.872.466 осигуреници. Дали стотици илјади граѓани ни се иселени? Да.

[Извор: Никола Димитров, Фејсбук профил, датум: 03.10.2018]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

За тоа дали избирачкиот список е „реален“ или не, може да се расправа. И, со оглед на тоа што во Македонија попис не е одржан веќе 16 години, редица показатели покажуваат дека избирачкиот список навистина не е реален. Но, „фактите“, кои Димитров ги искажува за да покаже дека избирачкиот список не е реален се едноставно неточни, односно невистинити.

Податоците на Фондот за здравствено осигурување можат да бидат само основа за број на работоспособно население во земјава, за подготовка на статистики и извештаи, но во никој случај не и за споредба со избирачкиот список. Прво, Фондот за здравствено осигурување води евиденција само за лицата кои се вработени и/или имаат осигурување преку трето лице. Во оваа бројка не влегуваат лицата кои се невработени и немаат здравствено осигурување и не се евидентирани како баратели на работа, а имаат право на глас, како и лицата кои веќе не се работоспособни над 65 години, а не остваруваат пензија или други примања.

Поради работа за странски компании, многу лица се осигурени приватно како поединци во фондови надвор од Република Македонија и тие не фигурираат во Фондот за здравство како бројка. Дополнително, Фондот ги брише и сите кои останале времено без работа или не им се исплатени придонесите за здравство, па оттука бројката наведена во тврдењето на Димитров е често менлива и неприменлива за утврдување на бројот на гласачи. Затоа, во ниту еден момент не може да се прифати тезата на министерот дека избирачкиот список не е реален поткрепено само со споредба преку број на лица кои имаат здравствено осигурување.

Исто така, во избирачкиот список воопшто не влегуваат малолетните лица под 18 години, така што тие нема што да се спомнуваат во овој контекст, односно преку нив не може да се покаже колку избирачкиот список е реален или нереален.

Еве што вели на оваа тема претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски во изјава за порталот магазин.мк од 12.08.2018:

Jас неколку пати во неколку прилики тврдам дека бројката е реална. Да не ја мешаме политиката затоа што оваа работа водењето на Избирачкиот список е статистичка операција. Вклучени се Заводот за статистика и Министерството за внатрешни работи, така што од нивните евиденции практично се црпи составот на Избирачкиот список. И на граѓаните да им биде појасно право да биде на Избирачкиот список има секој граѓанин којшто наполнил 18 години и којшто има важечка лична карта или патна исправа на Република Македонија, а не секој што живее во земјава. Жителите на Република Македонија се утврдуваат по пат на друга операција – попис, а додека правото да бидеш на избирачки список го стекнуваш, исполнувајќи ги овие услови и со тоа јасно се става дистинкција меѓу двете работи. Тоа е, всушност, разликата.

Како потврда дека на избирачкиот список влегуваат сите државјани на Република Македонија без оглед каде и да живеат покажуваат и членовите 2 и 6 од Законот за избирачки список:

Член 2

(1) Државјаните на Република Македонија (во натамошниот текст: граѓани) кои имаат избирачко право се запишуваат во Избирачкиот список.

 

Член 6

(1) Во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот, кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа.

(2) Во Избирачкиот список се запишуваат и сите државјани на Република Македонија што се на привремена работа или престој во странство, со
живеалиште на територијата на Република Македонија и со важечка патна исправа. Овие лица се запишуваат според нивното последно живеалиште во Република Македонија пред заминувањето во странство.

(3) Во Избирачкиот список не се запишуваат граѓаните на кои со правосилна судска одлука им е одземена деловната способност.

 

И последната реченица од овој дел од изјавата на Димитров, каде тој прашува дали стотици илјади граѓани се иселени, а со која се имплицира како тие граѓани да ги нема на избирачкиот список, ги води работите во погрешна насока. Напротив, избирачкиот список се формира од сите полнолетни граѓани на Република Македонија, кои имаат лична карта или патна исправа на Република Македонија. Затоа, на тој избирачки список фигурира и македонската дијаспора во странство, стотиците илјади иселени, како што вели Димитров, кои како полнолетни граѓани, со македонска патна исправа, имаат право на глас и на референдумот и на изборите. Според податоците на ДИК, во извештајот за референдумот, објавен на 3 октомври, 76.060 граѓани се евидентирани како иселени или на привремена работа во странство, кои не поднеле пријава за гласање во ДКП на Македонија, а 2.694 лица биле евидентирани за гласање во едно од 33-те претставништва на Македонија. Сето ова покажува дека тие и натаму фигурираат на избирачкиот список, имаат право на глас и учествуваат во формирање на цензусот, половина плус 1 од вкупниот број избирачи запишани на Избирачкиот список, што за овој референдум беше 1.806.336 гласачи.

За споредба, во 2014 година бројот на гласачи изнесувал 1.779.500, во 2016 година за парламентарните избори 1.784.524 избирачи, а на последните локални избори во 2017, 1.814.644 гласачи.

Затоа, овој дел од Фејсбук статусот на министерот за надворешни работи е невистинит, а се со цел да се оправда зошто не е достигнат цензусот од над 900 илјади гласови за успешен референдум. Прашањето, дали ваквиот цензус утврден во Уставот и во Законот за референдум, е превисок и дали тој може да се достигне, особено ако една од двете големи партии во државата се одлучи да оди на бојкот, може да биде предмет на дебата, но аргументите не се овие овде изнесени од страна на министерот Димитров.

 

ИЗВОРИ

 

Оцени: Саше Димовски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција