Никола Груевски: Американски компании што требаше да инвестираат

Во интервјуто за весникот „Дневник“ од 28 јуни 2013 година премиерот Никола Груевски најави инвестиции од редица американски компании. Првата инвестиција, за која говори долниот цитат, требаше да се случи „наскоро“ и стануваше збор за компанија која „донела одлука“ за инвестирање.

Nikola-Gruevski

Шестата во најава е американска компанија од областа на автомобилски делови, која најави намера за инвестирање во Македонија. Претставници од таму беа на неколку локации, во Охрид, Kочани,Тетово и на други места во внатрешноста на Македонија, но сѐ уште ни немаат кажано точно каде би инвестирале. Би вработиле околу 800 луѓе за период од три години, а би почнале во првата половина на идната година.

Од истата компанија, но други три дивизии, ја разгледуваат можноста за инвестирање во Македонија.

Покрај горната најава, Груевски во интервјуто најави уште три американски инвестиции. Значи, станува збор за инвестиции, чии инвеститори имаат донесено одука за инвестирање:

Еден американска светска компанија, која има годишен обрт од 2 милијарди долари, ни најави инвестиција во Kичево, најпрвин во постоен објект, а потоа префрлање во слободата зона. Тие се од индустријата на автомобилските делови и нивниот сегашен план е да вработат 700 луѓе во период од две до три години, а во последниот квартал на оваа година најавија дека ќе почнат да адаптираат објект и да почнат со вработувања.

[…]

Една друга компанија од САД исто така планира градба на капацитет за делови на автомобили и вработување на 300 до 350 луѓе. Тие имаат и други дивизии, па можеби, ако с` оди добро, со оваа дивизија ќе привлечеме уште една. Една од тие дивизии е за авионски делови. Ќе направиме напори да ја убедиме да дојде.

Уште една американска компанија од индустријата на електронски делови во автомобилската индустрија најави инвестиција, но нема одредено во која општина ќе и биде локацијата.

Образложение

Како што е познато, ниедна од овие инвестиции не е остварена. Не само што не е остварена, туку не е ни најавена од страна на потенцијалните американски инвеститори.

За првата инвестиција премиерот рече дека е донесена одлука и дека таа треба да се случи „наскоро“, но како што гледаме, и по речиси седум месеци, ништо не нема ниту од нејзиното остварување, ниту, пак, од најавата на инвеститорот. Ова е особено проблематично со оглед на фактот што премиерот вели дека тие „би почнале во првата половина на идната година,“ што значи годинава. А, ако требало да почнат за пет месеци најдоцна, досега сигурно требаше да знаеме за која компанија станува збор, додека изградбата на погонот или барем подготовките требаше да бидат во полн ек или при крај.

Ист е случајот и со другите 3 најавени американски инвестиции, за кои премиерот говореше во своето јунско интервју за „Дневник“. И овде стануваше збор за, според премиерот, донесени инвестициски одлуки за кои македонската Влада била информирана од страна на инвеститорот, но кои не се остварија дури ни на ниво на најава од страна на инвеститорот. Инаку, премиерот за еден од овие инвеститори рече дека “последниот квартал на оваа година најавија дека ќе почнат да адаптираат објект и да почнат со вработувања“. Ниедна американска компанија во последниот квартал лани ниту почна со адаптација на објект, а камоли со вработувања.

Инаку, македонската Влада само во 2012 година одржа дури 3 промоции во САД кои ги одржаа функционери на Агенцијата за странски инвестиции во Деторит, а двапати беше и премиерот и тоа еднаш на источниот брег на САД, а еднаш на западниот. Промоциите продолжија и лани при што министерот за странски инвестиции Џери Наумоф одржа промоција во Питсбург, за заменик-премиерот Владимир Пешевски во Минеаполис, но и по овие две промоции, кои се одржаа во ноември лани, немаше никакви конкретни најави за инвестирање од страна на потенцијалните инвеститори од САД.

Како што може да се види на сајтот на Агенцијата за странски инвестиции, како и на интернет агрегаторите на вести, во изминатите 7 месеци во земјава нема ниедна американска странска инвестиција и покрај фактот што Груевски најави дури четири и тоа пред 7 месеци. Досега барем за една би требало да го знаевме инвеститорот, но за тоа нема никаква најава од ниедна американска компанија.

Линкови:

(Оценето од: Владимир Петрески)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција