Никола Груевски: Дали Кежаровски навистина открил име на заштитен сведок?

Премиерот Никола Груевски гостува во емисијата Јади бурек

 

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во емисијата Јади бурек на  Сител 3 телевизија изјави дека новинарот Томислав Кежаровски  „открил име на заштитен сведок за платено убиство и го ставил во опасност неговиот живот“. Притоа, премиерот нагласи дека за Кежаровски дознал по неговото апсење, а претходно не ни знаел дека постои на оваа планета.

Премиерот Никола Груевски гостува во емисијата Јади бурек
Премиерот Никола Груевски гостува во емисијата Јади бурек

Еве што точно изјави премиерот Никола Груевски во таа прилика:

Значи станува збор за одредени  криминалци кои влегуваат во куќата на старец, 80 годишен човек , влегуваат го убиваат за да му ги земат парите. Значи класично убиство од материјални причини да му ги земат парите на старецот. И бегаат. Полицијата трага по нив неколку години , на крајот полицијата успева да им го фати трагот и успева да обебзеди заштитен сведок. Човек кој што вели, јас знам кој е, но ако  ме заштитите и го зашитите моето има можам да соработувам со вас и да ви помогнам да ги имате доказите. Но, од вас барам, а тоа е согласно законот, од полицијата барам  да ме заштити бидејќи ќе ме убијат. Ако тие можеле да влезат да убијат старец за да му ги земат парите од дома, зошто да не го убијат и овој кој може да ги обезбеди доказите дека тие се убијци. Тоа по закон е казниво доколку некој го објави заштитниот сведок. Во случајот обвинението што е поднесено против Кежаровски е за објава во весник, ако не се лажам, или во некој медиум на името на заштиниот сведок. Тој дознал дека има заштитен сведок и го објавил неговото име, со тоа директно го носи во опасност да биде ликвидиран од луѓето кои пред неколку години убиле старец за да му ги земат парите од дома. Согласно тоа полицијата и обвинителството вршат акција, ги апсат сторителите и истовремено го приведуваат и судот  му дава притвор на Кежаровски. И така јас дознавам дека тој човек постои на оваа планета и во оваа држава Претходно ни име сум чул, ни презиме сум чул, ни кој е, ни што е…

[Датум: 24.01.2015 година, Извор: Сител 3 ТВ]

А, еве ја и неговата изјава во видео формат во траење од 1 минута и 43 секунди:

 

Образложение:

Наспроти ваквата изјава на премиерот (од 3,00 до 4,50 минута од видеото) дадена  на 23.01.2015 година, а која ја пренесоа повеќе медиуми, адвокатот на Кежаровски  од самиот почеток на овој контроверзен случај тврди дека со текстовите на новинарот не бил загрозен идентитетот на заштитниот сведок.

Кежаровски, инаку, беше притворен рано утрото на 28 мај 2013 година во полициската акција „Ликвидација“ во која  беа уапсени повеќе лица  (судии, адвокат, јавен обвинител) поврзани со судскиот случај  со двојното убиство во селото Орешје велешко. Новинарот беше уапсен за текстови објавени во 2008 година во тогашниот месечник Репортер 92, под обвинение дека го открил името на заштитниот сведок за што Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 на 21 октомври 2013 година му изрече затворска казна од 4,5 години.

Во почетокот на октомври 2013 година  Филип Медарски, бранителот на Кежаровски, во завршните зборови пред Судот детално ги образложи причините зошто смета дека идентитетот на заштитниот сведок не е откриен:

Во првиот текст објавен на  20.11.2008 г. пишува дека сведокот е лице со големо криминално досие, кое во моментот на објавување на текстот се наоѓал во затворот во Шуто Оризари за сторено разбојништво. Додека во вториот текст и тоа од 04.12.2008 година дека се работи за лице именувано како штипјанецот Златко, како и дека ова лице согласно записникот кој што е објавен во овој текст извесен период кориsтело одреден телефонски број.

Од вака објавените податоци, апсолутно не може да се открие идентитетот на лицето, лицето ниту е родено во Штип, ниту пак живее во Штип, така што вака употребената формулација во самиот текст не само што не оди на линија на откривање на идентитетот, туку упатува во погрешна насока во поглед на откривање на неговиот идентитет. Доколку навистина идентитетот на овој заштитен или во тој момент загрозен сведок, поточно е навистина откриен со овие објавени текстови, зошто на ова лице формално му се дава статус на заштитен сведок многу подоцна, односно во 2010 година и зошто тоа лице во постапката која што се води во Основниот суд Велес е сослушувано со ваков статус подолг период по објавување на предметните текстови?

На  24.10.2014 Медарски побара и од апелациските судии да ги прочитаат спорните текстови и да утврдат дали навистина е загрозен идентитетот на сведокот: 

Постојано зборуваме за загрозен сведок, а нема писмен акт со кој е добиен овој статус, ова решение не е изведено и образложено во пресудата. Кежаровски не го открил неговиот идентитет…

Самиот Кежаровски на јавната седница во Апелацискиот суд (24.10.2014)  кажа дека не е виновен и побара да му се укине затворската казна од 4,5 години.

Новинарските текстови немаа за цел да го откријат идентитетот на заштитениот сведок, туку да разоткријат нечии валкани игри. Текстовите ги пишував воден од вистината, па затоа тврдам дека не сум виновен.

Заштитниот сведок „Бреза“  (Златко Арсовски), пак во февруари 2013 година – три месеци пред апсењето на Кежаровски призна дека бил присилен да биде лажен заштитен сведок.

Ме присилуваа, малтретираа и закануваа, морав лажно да сведочам. Целата изјава која ја имам давано под псевдонимот Бреза ми ја напишаа додека бев во притвор, Вељо доаѓаше и ми се закануваше. Ги малтретираа и моите дома, се исплашив и прифатив. Ми ветуваа пари, дека ќе живеам во друга држава, изјави тогаш Арсовски.

На 15.01.2015 година Демократскиот сојуз побара Собранието да формира Анкетна комисија за случајот со новинарот Кежаровски.

Демократскиот сојуз смета дека обвинение засновано на докази обезбедени преку кршење на закони е спротивно на Законот за кривична постапка и врз такви докази не може да опстои обвинение. Против Томислав Кежаровски има обвинение дека објавил податоци за заштитен сведок, за кој се покажа дека тој сведок ниту видел, ниту слушнал кој го нарачал, ниту кој го извршил убиството во село Ореше, Велес. Се работи за класичен „крунски сведок” кој бил мотивиран-присилен на соработка со Судот, што е спротивно на Законот за заштита на сведоци и Законот за кривична постапка. Од тие причини ДС смета дека парламентот треба да формира Анкетна комисија која ќе ја разгледа улогата на сите инволвирани во тој случај и ќе предложи постапка за утврдување на одговорноста.

Споменатата изјава на премиерот, пак,  која е прилично дискутабилна, доаѓа еден ден по Решението на Кривичниот суд со кое новинарот е условно ослободен и има за цел да ја оправда скандалозната пресуда  со која еден македонски новинар заврши во затвор заради напишан текст. Токму за ваквата драстична казна Глобалната мрежа за одбрана и промовирање на слободата на изразувањето (ИФЕКС) коментираше дека е незабележана во европското правосудство.

Кежаровски помина 6 месеци во истражниот затвор во Шуто Оризари, а од октомври 2013 година беше во домашен притвор се до 16 јануари 2015 година, кога вечерта по итна постапка, без да ја прими пресудата на Апелацискиот суд беше спроведен  во затворот во Шутка на издржување на остатокот од затворската казна од три месеци и десет дена. (Пресудата на Апелација, со која на Кежаровски му е потврдена казна затвор од две години, Основниот суд Скопје 1 ја објави претходниот ден – на 15 јануари 2015 година, иако, таа беше донесена многу порано, но, не се соопштуваше).

Но, на 20 јануари утрото Кежаровски на барање на директорот на затворот беше привремено ослободен  поради нарушено здравје, со укажување да се јави во затворот на 18 февруари за да ја дослужи казната.

Ваквиот пресврт се случи два часа пред протестот за ослободување на Кежаровски што се одржа пред Апелацискиот суд и пред Владата.

На 22  јануари Кривичниот совет при  Основниот суд Скопје 1 соопшти дека новинарот Кежаровски е ослободен од издржувањето на преостанатиот дел од затворската казна.

 

Линкови:

 

Оценила: Оливера Војновска 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција