Никола Груевски: Дали навистина имавме трет најголем раст во Европа во 2013?

 

Во емисија „Јади Бурек“ со Јанко Илковски, премиерот Никола Груевски изјави дека за целата 2013 година, како и во првите 3 квартали од 2014 година земјава имала трет најголем раст на бруто домашниот производ (БДП), односно трет најголем економски раст во Европа.

Nikola Gruevski-Jadi Burek
Премиерот Никола Груевски во емисијата Јади Бурек на ТВ Сител 3. Фото: видео клип скриншот.

Целата изјава на премиерот на оваа тема можете да ја погледнете овде, на овој извадок од интервјуто кој трае 41 секунда:

[Датум: 23.01.2015, Извор: Сител 3 ТВ]

 

Образложение:

Бројките, сепак, кажуваат нешто сосема друго.

Најпрвин, податоците за 2014 година, овде нема да ги анализираме. За земјите членки на Европската унија Еуростат ги има објавено податоците за првите три квартали лани поединечно, но не можевме да најдеме збирни податоци за првите три квартали од 2014, а, кога станува збор, пак, за земјите кои не се членки на Унијата, прашање е дали сите тие и имаат објавено податоци за третиот квартал од ланската година. Така што, не е јасно од каде му се добиени податоците на премиерот дека и во првите три квартали од ланската година Македонија има трет најголем раст на БДП во Европа (после Ирска и Велика Британија, како што појасни тој). По правило, податоците за растот на БДП на различни земји се споредуваат квартално и годишно, но сосема е можно премиерот да поседува такви податоци како резултат на владини пресметки или тие да се добиени од странски извори. Сепак, треба да се има предвид дека таквите пресметки не се добиени врз основа на конечни податоци, туку, врз основа на првични и ревидирани податоци. Кога станува збор за БДП, државните статистики даваат три различни видови податоци за секој квартал и за секоја година – првични, ревидирани и конечни. Податоците за 2014 година засега се или првични, или ревидирани. Многу често, дури може да се каже и по правило, бројките од првичните, ревидираните и конечните податоци се различни.

Но, она што сега веќе може слободно да се анализира, тоа се податоците за 2013 година, за која премиерот, исто така, рече дека сме имале трет најголем раст на БДП во Европа, повторувајќи го ова двапати.

Најрелевантен извор за вакви компаративни податоци е Светскиот економски преглед на Меѓународниот монетарен фонд, односно изданието објавено во октомври 2014 година.

Еве што покажуваат табелите. Земјите кои имале повисок раст на БДП од 2,9% во 2013 година (колкав што е растот на македонскиот БДП – заокружено со сино) се подвлечени со црвено, а со црвено е подвлечена и Малта, која преклани имала точно 2,9 отсто раст со оглед на фактот што оваа бројка не претставува раст поголем од македонскиот, туку еднаков на македонскиот. Трите заткавкаски земји: Ерменија, Азербејџан и Грузија, кои, исто така, имаат повисок раст на БДП од Македонија се подвлечени со зелена боја. За овие земји не е сосема јасно дали се европски или азиски. Некогаш се вели дека се лоцирани во Евроазија, другпат во Западна Азија, третпат во Источна Европа и за да не создаваме забуни и да не ја доведуваме целата анализа во прашање, нивниот раст на БДП нема да го земеме предвид. Нивното подвлекување овде е направено чисто илустративно.

Првата табела се однесува на развиените европски земји:

RazvieniZemjiEvropa-marked
Напомена: Кликнете на табелата за да можете да ја видите во поголем формат

а втората табела на европските земји во развој:

ZemjiVoRazvojiMK-marked
Напомена: Кликнете на табелата за да можете да ја видите во поголем формат

Табелите покажуваат дека од развиените европски земји две имале поголем раст од Македонија (Исланд, 3,3% и Летонија, 4,1%), а една ист раст како и Македонија (Малта, 2,9%). Од европските земји во развој, пак, дури шест имале повисок раст на БДП во 2013 година од Македонија (Молдавија 8,9%, Косово 3,4%, Литванија 3,3%, Црна Гора 3,5%, Романија 3,5% и Турција 4,0%). Иако Турција се протега на два континенти (Европа и Азија) овде ја сметаме како европска земја со оглед на тоа што таа е земја-кандидат за членство во ЕУ, а исто така и членка на Европското статистичко биро (Еуростат).

Севкупно, ова значи дека 8 земји во Европа во 2013 година имале повисок раст на БДП од Македонија, додека една имала економкси раст ист како и македонскиот.

 

Извори:

Целата емисија Јади Бурек [Пристапено на 25 јануари 2015 година], https://www.youtube.com/watch?v=dCQm52omBBU, горниот извадок: http://www.tubechop.com/watch/4541573

Меѓународен монeтарен фонд, Светски економски преглед. [Пристапено на 25 јануари 2015 година], http://www.imf.org/external/pubs/ft/weo/2014/02/ (html страница)

Меѓународен монeтарен фонд, Светски економски преглед. [Пристапено на 25 јануари 2015 година], http://www.imf.org/external/pubs/ft/weo/2014/02/pdf/text.pdf (pdf страница – за преземање – страници 185 и 188 од документот)

 

Оценил: Владимир Петрески

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција