Не е изградена ветената фабрика за оружје во Македонски Брод

Сè уште не почнала да се гради фабриката за оружје за која Груевски вети дека ќе биде изградена до мај 2017 година Фото: Принтскрин

Вечерва можеме да си кажеме една убава работа, добра вест за Македонски Брод- се донесе одлука од страна на американска компанија, да се купи земјиште во близина на Македонски Брод, земјиштето се купи и на почетокот на декември почнува со градба нова фабрика тука во Македонски Брод на само 5 километри од градот. Ова ќе биде прва поголема нова фабрика по повеќе децении која ќе се гради во Македонски Брод, за економски развој, нови вработувања и обезбедување на сигурност на 200 вработени, тоа се 200 семејства од ова место. Инвестицијата е на компанијата „Броадстоне Дефенсе“, американска компанија од Вашингтон, САД, која ќе произведува муниција, огнено оружје, панцири, и слично, за потребите на Американската војска и НАТО земјите (предизборен митинг на коалицијата За подобра Македонија, Македонски брод, 26.11.2016, Е.вести: Груевски: Американска компанија инвестира во Македонски Брод, ќе се вработат 200 лица)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На предизборниот митинг во Македонски Брод, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски на 25.11.2016 година најави почеток на изградба на фабриката на американската компанија, „Броудстоун Дифенс“, од Вашингтон, САД. Тој пред своите поддржувачи го изнесе и конкретниот тајминг за реализација на проектот, според кој до мај 2017 фабриката треба да биде комплетно завршена. До моментот кога е пишуван овој текст (08.06.2017 г.) реализацијата на овој проект воопшто не е започната и поради тоа ова предизборно ветување на Груевски го оценуваме како неисполнето.

Како што веќе имате чуено, претходната недела преку јавен повик и електронска аукција инвеститорот го купи земјиштето од 10 хектари во близина на Македонски Брод, при што веднаш во декември, за една или две недели од сега ќе започнат со градба. Според веќе изготвениот архитектонски проект, планираат да изградат фабрика, односно 5 хали за производство, како и дел за складирање и административна зграда. Според истиот план, се очекува да завршат со градба до крај на мај 2017-та година и да започнат со тест производство, за од јули 2017-та  година“,појаснувајќи дека во првите 5 години, вкупната инвестиција е планирана да биде 5 милиони долари, со вкупно 200 директни вработувања,

објави Груевски во својот говор и додаде:

Некои ги бива за деструкција и правење на кризи, а нас не бива за работа, и обезбедување на нови работни места. На СДСМ главна преокупација им е туркање на проект за рекомпонирање на државата, наш главен проект ни е привлекување на нови инвестиции за силен економски напредок.

На истиот митинг на присутните им се обрати и основачот на фабриката, Денис Прат кој кажа дека Броудстоун Дифенс разгледувала повеќе локации за фабриката, но ја одбрала Македонија поради одличната геостратешка положба и поволната бизнис клима:

Броудстоун Дифенс ќе вработи 200 луѓе во следните неколку години. Вработувањата ќе почнат од април 2017 кога ќе ангажираме локални мајстори, поранешен воен персонал, лица со искуство во огненото оружје и муниција, како и административци (Прат).

Истата инвестиија, Груевски еден месец подоцна ја најави и преку својот Фејсбук-профил:

Ме радува што денеска имаме промоција на инвестицијата и плановите за развивање на американската компанија Broadstone Defense која ќе инвестира во Македонски Брод. По неколку децении ова ќе биде прва поголема фабрика во Македонски Брод која ќе донесе економски развој, нови вработувања и обезбедување на сигурност на 200 вработени, а планот е почетокот на градба да започне кон крајот на овој месец, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Вака се сака Македонија, ова е реалниот живот и реалните потреби на граѓаните на кои нудиме решенија и проекти. Народот многу добро знае дека ние тоа што го ветуваме и го остваруваме, затоа што за разлика од нашите политички конкуренти имаме минато исполнето со проекти и дела. Секогаш кога нудиме нешто, кажуваме и како ќе го направиме, посочува Груевски во својот пост на Фејсбук.

Со оглед дека најавениот термин за завршување на изградбата на фабриката беше крај на мај оваа година (2017), се обидовме да добиеме информација до каде е со реализацијата на овој проект. Пребарувањето на интернет не донесе никакви резултати – нема достапни информации за тоа дали проектот е реализиран или е во фаза на реализација.

jugoslavaНо, затоа, по писменото обраќање до надлежните за информирање во Општина Македонски Брод, добивме одговор дека Oпштината во постапка на јавно наддавање го отуѓила (продала) земјиштето на компанијата „Броудстоун Дифенс“, но дека: Постапката е прекината поради недавање позитивно мислење Јавното правобранителство за солемнизација на договорот, а истото е поради недавање позитивно мислење од Антикорупциската комисија на РМ.“

Според Општина Македонски Брод, Антикорупциската комисија на РМ, пак, немала дадено свое мислење бидејќи била во исчекување на конституирањето на новата Влада.

Откако ќе се формира новата влада ќе се продолжи постапката, по што сопственикот ќе почне со градежните активности, велат од Општината

Од сето ова произлегува дека предизборното ветување на Никола Груевски, дека до крајот на мај годинава новата фабрика за оружје ќе биде изградена и ќе почне со пробно производство, не е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Југослава Дуковска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција