Секој денар од „јавните“ пари, мора да биде јавен

Зошто страв од јавност? Фото: ВМРО-ДПМНЕ, веб страна

Одлуката на Владата на РМ за симнување на тајноста на тие податоци е сосема исправна и во сообразност со демократскотo начело на јавност при трошењето на јавните пари. Граѓаните, дури и со основните домашни законски решенија, Законот за Влада и Уставот на РМ, имаат право да знаат каде се троши секој денар со кој располага државата, со тоа, се разбира и Владата, како главен „трошаџија“ на заедничките пари што се слеваат во буџетот

 

 

Никола Груевски во говор посветен на политиките кон странските инвестиции ја даде следната изјава за која сметаме дека е невистина:

Н.Г.: …Најавеното објавување еден вид официјално објавен ценовник за државната помош како и да го наречат тоа, во реалноста ќе резултира со многу загубени битки во однос на привлекување компании од странство да отворат нови работни места во Македонија…

Ако до неодамна се прашував дали во новата влада знаат да привлекуваат странски инвеститори, сега се повеќе се прашувам дали всушност тие тоа го сакаат…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ, Веб страна, датум, 03.09.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на РМ, во подолг говор посветен на странските инвестиции во државата, даде изјава со оценка за транспарентоста на субвенциите што ги прави државата во оваа бизнис политика, што ја оценуваме како невистина.

Покрај сите изјави и оценки околу тоа кој знаел и кој имал намера да привлекува странски инвестиции, како и за тоа дали тие навистина се клучниот двигател на економијата и на извозот (зашто да не се заборави дека паралелно расте и увозот), Груевски вели дека одлуката на Владата за декласификација на податоците за тоа колку државата внела пари во бизнисот со странските компании што инвестирале во Македонија, ќе било погубно за иднината на странските инвестиции:

Најавеното објавување еден вид официјално објавен ценовник за државната помош како и да го наречат тоа, во реалноста ќе резултира со многу загубени битки во однос на привлекување компании од странство да отворат нови работни места во Македонија…

 Груевски притоа не наведува позериозни аргументи, освен дека не видел тоа да го прават во земјите од регионот…

Одлуката на Владата на РМ за симнување на тајноста на тие податоци е сосема исправна и во сообразност со демократскотo начело на јавност при трошењето на јавните пари. Граѓаните, дури и со основните домашни законски решенија, Законот за Влада и Уставот на РМ, имаат право да знаат каде се троши секој денар со кој располага државата, со тоа, се разбира и Владата, како главен „трошаџија“ на заедничките пари што се слеваат во буџетот.

Да потсетиме, Владата на Груевски има ставено различни степени на тајност за државните субвенции за странските инвеститори, а често и со степен „државна тајна“. Таков беше одговорот до многу медиуми, кои согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер бараа од институциите податоци за одделни случаи.

За жал, не само кон медиумите. Овој степен на тајност важеше и за пратениците во Собранието на РМ кога пред нив се наоѓаше некој извештај од Владата за странските инвестиции или кога ќе поставеа пратеничко прашање на оваа тема. Тоа е апсолутно недозволиво, зашто Владата за својата работа одговора пред граѓаните, претставени со свои избраници во Собранието на РМ.

Настрана овој главен аргумент зошто податоците за државните субвенции во делот на странските инвестиции мора да бидат транспарентни, дел од економските експерти, исто така, се заложија за транспаретност на овие податоци. Најважен аргумент за нив е дека врз основа на тие податоци ќе може да се направи целосно прецизна анализа и да се оцени севкупната економска политика на владата во тој дел.

Многу е важно, особено за проценка на ефектите од оваа политика на привлекување странски директни инвестиции, затоа што често беа мета на критика, меѓутоа критиката често беше паушална, и позитивната и негативната, токму затоа што немаше доволно иформации да се направи таквата проценка  – вели професор Марјан Петрески во разговор за 24 Вести.

Истото го смета и економскиот експерт Павле Гацов, кој уште додава дека сомнително е кога трошењето на јавните пари се крие, зашто тогаш мотивите обично се лукративни.

Иако и други делови од подолгиот говор на Груевски околу странските инвестиции се дискутабилни и може да се оценуваат како делумно вистинити или невистинити, оваа изјава со потребата државните субвенции за отворање на странски инвестициии да остане тајна, е целосна невистина. Ниту е точно дека било подобро тие да останат тајна, ниту е вистина дека поради тоа странските инвеститори ќе се откажеле да инвестираат во Македонија.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција