Никола Тодоров: По 1989 година во Македонија за првпат e извршена кадаверична трансплантација на бубрег

Никола Тодоров, Министер за здравство | Извор: Канал 5 | Датум: 16.02.2014
Никола Тодоров, Министер за здравство | Извор: Канал 5 | Датум: 16.02.2014
Никола Тодоров, Министер за здравство | Извор: Канал 5 | Датум: 16.02.2014

Пред два дена (ноќта меѓу 14 и 15 февруари) се направи успешна трансплантација на двајца пациенти на Клиниката за урологија. Последната ваква трансплантација во Македонија е направена во 80-те години (на минатиот век). Дефинитивно ова и за докторите и за целата македонска јавност е влегување во еден нов систем на здравството, каде што ќе се овозможи трансплантација од кадаверик на жив пациент.

Во врска со направената интервенција министерот Никола Тодоров изјави:

„Ова претставува еден нов стадиум во здравството во Македонија и сите доктори кои учествуваа во оваа процедура или постапка, практично испишаа нов дел од македонската здравствена историја. Инаку, во целиот овој процес беа ангажирани вкупно 35 доктори, на различни нивоа во различно време и уште 20 – на медицински помошен персонал. Што значи еден тим од повеќе од 50 луѓе работеа цел ден и цела вечер, буквлано без престанок се додека не се заврши целата оваа операција  на вадење органи од кадаверот и потоа трансплантирање кај двајца пациенти кои имаат потреба од бубрези.  Практично, со ова влегуваме во една нова фаза, во која очекуваме македонскиот здравствен систем да одговори на еден од многу современите предизвици на кои одговараат современите и добро развиените здравствени системи.“

Образложение:

Веднаш по изјавата на министерот Тодоров,  имаше демант во медиумите  дека ваква трансплантација била направена пред  осум години. Преку писмо реагираше Александар Трајковски од Скопје:

„Со огромно задоволство ја примив информацијата за неодамна направената кадаверична трансплантација во Република Македонија, која деновиве ја емитуваа речиси сите печатени и електронски медиуми. Она што непријатно ме изненади е фактот дека во секоја информација за оваа вест, беше потенцирано дека станува збор за прва кадаверична трансплантација направена после 25 години, што секако е неточно“. 

Трајковски појаснува дека на 1 март 2006 година на Клиничкиот центар во Скопје била извршена кадаверична трансплантација. Со оваа интервенција двајца пациенти добиле бубрег од починат донор,  тоа била неговата мајка, Ана Михајлоска.

„Да бидам искрен, воопшто не се сеќавам кој беше докторот кој што ја направи таа операција, а не се сеќавам ниту пак кој беше министер за здравство. Ниту едниот, ниту другиот не излегоа во јавноста да говорат за своето дело, па можеби затоа и самиот чин помина како нешто’вообичаено“, пушува Трајковски

Пребарувањето по интернет води до напис објавен во медиумите во 2006 година, каде е раскажана приказната на двајцата доктори кои ја направиле кадаверичната трансплантација за која Трајковски говори во писмото. Во текстот насловен: Пресадените бубрези им подарија живот“, може да се види дека во тоа врема на двајца пациенти на диализа им биле пресадени бубрези од починато лице, а интервенцијата ја направиле докторите Љупчо Лековски и Гоце Спасовски.

Кога ни ја соопштија веста дека семејството на пациентката се решило да подари органи, настана една трка побрзо да се организира  ‘пакувањето’ на органите. Откако донираните бубрези беа ставени на сигурно да се чуваат во стерилни контејнери, започна втората трка.“ вели д-р Лековски. Беше повикан нефрологот д-р Гоце Спасовски од Клиниката за нефрологија, со кого требаше да се најдат двајца пациенти на кои овие бубрези најмногу ќе им одговараат”.

Било тешко, но од листата на чекање на десетина пациенти на кои кавадерична трансплантација им е единствена можност да се спасат од дијализата биле избрани еден пациент од Скопје и една пациентка од Тетово. Сето ова се случувало за два дена, по што веднаш  се пристапило на вградување на донираните органи во телата на пациентите – е запишано во весникот.

Деновиве директорите на клиниките за урологија и за нефрологија, д-р Михаил Пенев и д-р Александар Шиколе, за еден медиум потврдиле дека навистина во 2006 година била направена трансплантација на органи од починат донор.

„Сите бевме импресионирани од алтруизмот на семејството кое самото иницираше да се донираат органите. Тоа беше еден изолиран случај, но навистина во 2006 година беше направена трансплантација на органи од починат донор “, изјавил директорот на Клиниката за нефрологија, професор д-р Шиколе, кој додал дека во периодот од 1987 до 1989 година, имало триесетина трансплантации на органи од кадавер.

Наводите во демнатот на Трајковски, текстот објавен пред осум години, како и изјавата на директорот на клиниката за нефрологија, Шиколе покажуваат дека изјавата на министерот Тодоров не е точна.

Линкови:

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција