Никола Тодоров: Сериозен бенефит за младите лекари

„Ова (измените на Законот за здравствена заштита кои се во собраниска процедура и со кои, меѓу другото, се менуваат дел од условите за студирање на лекарите специјализанти – н.з.), значи сериозен бенефит за младите лекари, затоа што од една страна им се субвенционира специјализацијата, а од друга страна имаат или загарантирано вработување или загарантиран договор со Фондот во износ од 50 илјади денари месечно, што е сосема доволно за почеток при основање на приватна здравствена установа. На овој начин сакаме да го решиме недостатокот на педијатри и гинеколози во определни градови, така што ќе ги стимулираме младите лекари да одберат ваква специјализација“.

[Извор: Курир  Датум 07.12.2015]

 

Образложение

Изјавата на министерот за здравство, Никола Тодоров, дадена на прес-конференција, свикана специјално за најновите измени на Законот за здравствена заштита кои се предложени по итна постапка, во најмала рака покажува недоследност и на министерот и на политиките на Владата.  Исто така, ваквата изјава на Тодоров е проблематична и од аспект на вистинитоста.

Недоследноста произлегува од корекциите на последните неколку измени во истиот закон во период од три години („Службен весник на Република Македонија“ бр. 43/2012, 145/2012, 87/2013, 164/2013, 39/2014, 43/2014, 132/2014, 188/2014 и 10/2015), кои се однесуваат на посебната проблематика со специјализантите и супспецијализантите, а кои се иницирани и носени токму од истиот министер и од истата Влада. Најригорозните измени во однос на специјализантите, посебно делот за тоа дека не им следува вработување додека специјализираат, како и оној за условите што ги имаат при турнусите и за договорите што треба да ги потпишат за враќање на десеткратен износ од самата специјализација (до 120 илјади евра) ако предвреме потоа го напуштат јавното здравство, беа донесени со последните измени на законот од истиот министер и истата Влада.

Покрај ова, станува збор за исполнување само на мал дел од барањата и на Асоцијацијата и на неформалното здружение на специјализанти и супспецијализанти на Универзитот Свети Кирил и Методиј од Скопје, при што, овие вториве, по неодамнешната петиција сега бараат запирање на парцијалните измени во ЗЗЗ:

– Бараме веднаш да се стопира донесувањето на новите прелог законски измени во ЗЗЗ и наместо со преодни и парцијални решенија конечно да се пристапи кон трајно решавање на статусот на СИТЕ СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ, со соодветна валоризација на нашиот труд преку исплата на реална и чесно заработена плата за сите лекари на приватна специјализација и менување на договорите на државните специјализанти со сооднос 1:1 во однос на годините кои треба да ги одработат во јавното здравство и финанските средства за школарина со кои го гарантираат исполнувањето на таа обврска.  [Пристапено на 07.12.2015]

Тоа може да се забележи и од јавниот настап на дел од предводниците на ова неформално здружение, како што е д-р Билјана  Додева, специјализант по клиничка психијатрија, а ставовите изнесени во петицијата и по однос на измените Додева ни ги потврди и во телефонски разговор.

Дека станува збор за законски измени со кои се исполнува само мал дел од барањата, може да се забележи ако се прочитаат внимателно дел од најновите законски измени кои во моментот додека се анализира оваа изјава се наоѓаат на прво читање во Собранието на РМ. [Пристапено на 07.12.2015]

Тоа може да се утврди дури и ставот на Асоцијацијата на специјализанти (околу 400 специјализанти кои се претежно на државна специјализација), од каде го поздравија предлогот, но истовремено, оценуваат  дека „ во иднина очекуваат да бидат решени и останатите проблеми со кои се соочуваат младите лекари“ [Пристапено на 07.12.2015]

Според тоа, изјавата дека станува збор за сериозен бенефит за младите доктори може да се оцени како делумно вистинита, а секако и како недоследност на сопствените политики, со кои прво им се ускратуваа права на специјализантите, за сега да се „зголемат“.

Извори:

 

Оценето од Тео Блажевски