Ништо од елитната населба „Градина“ во Прилеп

Местото каде требаше да се изгради населбата „Градина“ Фото: Слободен печат

 

Проект: Продолжување со изградба на колективен станбен простор и индивидуални куќи, односно дореализација на неодамна започнатата европска населба Градина. Буџет: 90 милиони денари. Извор на средства: буџет на општината. (Рок за реализација: 2013-2017)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на колективен станбен простор и индивидуални куќи, познат како населба „Градина“,  е неисполнето ветување на градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески. Проектот е дел од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори 2013-2017 година, насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобар Прилеп“ (стр.24).

Во програмата детално е опишано како е замислена новата т.н. европска населба која требаше да никне во Прилеп.

Општина Прилеп продолжува со изградбата на нова населба Градина, која ќе биде модерна европска населба за 13.000 жители. Населбата е на 1,5 км оддалеченост од строгиот центар на Прилеп. Инфраструктурата е предвидена по европски стандарди: широки улици, тротоари, велосипедски и пешачки патеки, енергетско ефикасно осветлување, централно греење, многу зеленило, градинка, училиште, спортски центри, трговски центри и сè она што претставува модерна и урбана населба. Населбата Градина е со површина од 42 хектари, со предвидени градежни парцели за станбени куќи, станбени згради, деловни објекти, големи трговски и угостителски единици, парцели за образовани институции, објекти за спорт и рекреација, како и парцели за комунална супраструктура, односно за изградба на трафостаници.

Во претходниот мандат, како што пишува и во самата програма, веќе биле продадени повеќе локации со намена за индивидуално домување (семејни куќи).

Во наредниот период остануваме посветени на целосна реализација на овој урбанистички модерен проект, со цел унапредување на условите за квалитетно живеење и работа на граѓаните, се наведува во предизборната програма на Ристески.

Сепак, сето ова останало само на хартија. На 15.12.2014 година, порталот 10без10 иинформира дека е во тек објавата за продажаба на градежни парцели за индивидуално домување во станбената населба „Градина“.

Досега во оваа нова населба се продадени околу петнаесетина парцели од кои за неколку веќе има и одобрение за градење. Општината е обврзана оваа нова станбена населба да ја среди комплетно инфраструктурно, односно водоводот, канализацијата, осветлувањето и асфалтирањето на улиците заедно со тротоарите.

На 02.10.2015 година, порталот Точка информира дека Општината дала нова објава за продажба на парцели во населбата „Градина“.

Со најновата објава на прилепските општински власти која е во тек, понудени се на продажба пет нови градежни парцели со намена (Г3 и Г4 – сервиси и мало стопанство и стоваришта) во Индустриската зона “Прилеп 2” која се наоѓа во населбата “Сточен пазар” и три нови парцели за домување (A1) во новата населба “Градина”.

На 28.10.2015 година, порталот Билд објави информација дека почнала изградбата на населбата.

Две години по обелоденувањето на идејата за изградба на новата прилепска населба „Градина“, денеска беше поставен камен – темелник на првата куќа на семејството Митрески. Со тоа и официјално започна реализацијата на проектот, на кој му претходеа неколку електронски лицитации за продажба на градежни парцели.

Во интервју за неделникот Република, објавено на 04.01.2016 година, градоначалникот Ристески, во делот на прашањето каква е понудата на станбен и деловен простор во Прилеп, информира дека во населбата „Градина“ дотогаш биле продадени повеќе од 40 локации.

Локации за продажба во населба „Градина“ има сѐ уште, за тие што се заинтересирани за изградба на индивидуални куќи. Во меѓувреме, заврши и тендерот за изградба на инфраструктурата и оваа населба ќе биде комплетно инфраструктурно уредена и ќе преставува една од најмодерните населби во Прилеп, вели Ристески во интервјуто.

На 15.09.2016 година, порталот Курир информира локалната самоуправа во Прилеп објавила на продажба 20 парцели за домување во новата населба „Градина“.

На 31.10.2016 година, порталот Слободна, објави текст во кој информира дека „елитната“ прилепска населба „Градина“ останала празна ливада.

… изградена е една единствена куќа до која не постои ниту пристапен пат. Сѐ останато околу неа, до каде допира погледот, е празна ливада. Ветувањата за комплетно инфраструктурно уредување на просторот се далеку од реализација. Голем број од граѓаните кои склучиле договори за купување на парцели за изградба на индивидуални станбени згради, истите ги раскинале. Неофицијално, причина за тоа била висината на комуналните давачки кои биле поголеми од првично договорените.

Според информациите  објавени во весникот Слободен печат на 06.09.2017 година, состојбата со елитната населба во Прилеп не е променета и ден денес, за што сведочи и објавената фотографија во весникот.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на Ристески за изградба на колективен станбен простор и индивидуални куќи, познат како населба „Градина“ е неисполнето .

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција