Ништо од проектот „АРМ мој вистински дом“

vmro-dpmne-logo

 

ПРОЕКТ: АРМ мој вистински дом

Владата на Република Македонија води континуирана грижа за подобрување на условите за работа, живот и на стандардот на вработените во МО и припадниците на АРМ. За таа цел се работи на спроведување проектот „АРМ мој вистински дом”, со кој ќе го решиме станбеното прашање на дел од припадниците на АРМ преку изградба на станови кои ќе можат да се откупат со субвенционирани каматни стапки и по пониски цени од пазарните.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот „АРМ мој вистински дом“  е неисполнето ветување  на  ВМРО-ДПМНЕ, дадено во  изборната програма „Проверено“  (2014 – 2018) во делот   Одбрана и сигурност“ (стр.243), во рамки на проектот „Грижа за стандардот на вработените на МО и АРМ“. Досега (18.08.2018) нема „абер“ од становите по пониски цени од комерцијалните за припадниците на Армијата, кои ВМРО-ДПМНЕ, всушност, ги вети  првпат пред осум години. Овој проект е промовиран уште кон крајот на 2009 година, кога тогашниот министер за одбрана, Зоран Коњановски,   објави дека припадниците на АРМ ќе имаат можност да купат станови по повластени услови .

На 29 ноември 2009 година Коњановски  најави дека:

Во рамки на проект „АРМ, мој вистински дом”, Министерството и Владата ќе градат станови во Кичево, Тетово, Скопје, Куманово, Велес, Штип и во Прилеп. Се очекува становите да почнат да се градат кон средината на 2010 година, а да им се предадат на припадниците на АРМ до крајот на 2011 година. Цената на становите ќе биде пониска од онаа на комерцијалните станови, и еден квадратен метар би чинел од 450 до 500 евра…

Во интервју за магазинот „Штит“ (стр.10) од  јануари 2010 година Коњановски за овој проект вели:

Пред еден месец го промови – равме и проектот „АРМ–мој вистински дом“, проект кој ќе продолжиме да го развиваме и во наредната година, а ќе почнеме да го реализираме во втората половина на 2010 година кога ќе почнат да се градат становите.

Проектот „АРМ мој вистински дом“, ВМРО-ДПМНЕ  потоа  го споменува во предизборието за предвремените парламентарни избори во јуни 2011 година.   Во Манифестот за реформи и развој – Изборна рограма на ВМРО-ДПМНЕ (2011 – 2015) (Одбрана и сигурност, стр. 184) за овој проект  пишува:

Ќе продолжиме со проектот „АРМ – мој вистински дом“ и за изградба на станови и куќи за припадниците на армијата. Врз основа на изразениот интерес од припадниците на АРМ, и по донесување на ДУП-ови од страна на општините, во првата фаза е предвидена изградба на станови во: Скопје, Куманово и Тетово. Во наредните фази од овој проект, согласно со интересот на припадниците на АРМ, станови би можеле да се градат на веќе обезбедени локации и во општините: Велес, Кичево, Прилеп и Штип. Во наредниот период, согласно со изразниот интерес и можностите за урбанизација на неискористени површини, овој проект ќе го развиваме и со изградба на плански населби составени од индивидуални станбени објекти – куќи. Со овој проект, за првпат, на припадниците на АРМ ќе им се овозможи решавање на станбеното прашање под исклучително поволни услови, и тоа: исклучително ниска цена и долгорочно бескаматно кредитирање со грејс-период, од почеток на градба до вселување.

Но, проектот не се реализраше во овој мандат на ВМРО-ДПМНЕ, па изградбата на становите за припадниците на АРМ, беше повторно ветена во изборната програма „Проверено“  (2014 – 2018) на стр.243.

Во октомври 2015 година тогашниот министер за одбрана Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – потполковник Методија Величковски  во скопските касарни „Страшо Пинџур” – Петровец и „Илинден”, како и во кумановската касарна „Боро Менков” го презентираа  проектот „АРМ – мој вистински дом” пред припадниците на Армијата. Во медиумите беше пренесена изјава на Јолевски во која, меѓу другото,  вели:

Имавме средба со припадниците на АРМ заинтересирани да купат стан преку проектот ’АРМ – мој вистински дом’. Кон крајот на декември (2015) и средината на јануари (2016)  ќе започнеме со градба на првата зграда, а во тек сме да добиеме градежна дозвола од општината Карпош

А како што  информираа медиумите,  Јолевски на војниците од касарната Илинден, им соопштил дека проектот за изградба на првата зграда е завршен и е доставен до општина Карпош. Според тогашните најави првата зграда требала да почне да се гради во периодот декември 2015 година – јануари 2016 година    и да заврши за 12 месеци , односно декември 2016 година – јануари 2017 година.

Почетокот на првата зграда треба да биде кон крајот на декември или почетокот на јануари наредната година. Покрај добивањето на градежна дозвола, Владата на РМ донесе одлука за давање на долготраен бесплатен закуп за земјиштето каде што ќе се градат првите згради. Во преговори сме со банките за финансирање на овие станови, а разговараме и за дефинирање на условите за избор на градежна фирма

Првиот објект ќе се гради во близината на касарната Илинден, а доколку има интерес ќе се продолжи со градби и во другите градови. Се претпоставува дека ќе има поголем интерес и дека ќе се градат повеќе згради кон средината на јули или август наредната година.

Првата зграда се предвидува да биде изградена за 12 месеци. (Јолевски)

 Според планот објавен на веб – страницата на  Министерството за одбрана, зградата се состои од подрум+приземје+4 ката.

Во подрумот се сместени гаражи, на приземјето предвиден е деловен простор, а на четирите ката се становите за потребите на припадниците на АРМ. Покрај гаражите, недостатокот од паркинг простор согласно правилникот за проектирање на станбени згради е решен со паркинг места во рамките на градежната парцела. Според структурата на становите во оваа зграда има три вида на станови. Еднособни станови, двособни  и трособни.

При изработката на проектна документација за останатите згради покрај горенаведената структура на станови ќе бидат предвидени и четирисобни станови со површина од околу 100 м2.

Израдбата на првата зграда од проектот „АРМ мој вистински дом“ почна во октомври 2016 година , во предизборието за предвремените парламентарни избори ( декември 2016 ), на локацијата зад касарната „Илинден“ во Скопје. Медиумите информираа дека на поставувањето камен – темелник покрај тогашниот министер за одбрана Јолевски и припадниците на АРМ, присуствувал и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како што тогаш беше соопштено:

Од 32­ – та стана осум се еднособни, осум двособни, осум трособни и осум четворособни станови. Цената на еднособниот стан ќе биде околу 19 илјади евра, а за вработените на АРМ ќе ги купуваат на 240 месечни рати во висина од околу 70 евра во денарска противвредност. За најголемите станови вработените во АРМ ќе треба да издвојат околу 45 илјади евра, кои ќе ги плаќаат исто така на 240 рати, но во висина од околу 170 евра во денарска противвредност.

Сепак, ваквите ветувања кои се дел и од последната исборна програма на ВМРО-ДПМНЕ за предвремените парламентарни избори 2017-2020 – „Реално“, стр. 287, не се остварија.

Вчера (18.08.2017) „Дојче Веле“ објави текст со наслов : Од „АРМ мој вистински дом“ остана само дупка! Во написот се прикажани фотографии од местото на кое требаше да никне зграда за припадниците на АРМ и на кои се гледа дека сега тоа е празна ливада. Исто така, е пренесена и изјава на Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот на одбрана и безбедност, кој за „Дојче Веле“ нагласува:

Остана само дупка од проектот „АРМ мој вистински дом“

За едно фотографирање за дневно-политички поени, Јолевски ангажиреше фирма да ископа дупка и да ја маскира како темел. За тоа негово фотографирање беа потрошени пари од буџетот кои можеа да се искористат порационално – за купување војнички униформи, чизми и за други потреби. Подготовката на овој проект – од план до првата дупка, има проголтано 100.000 евра. Ете, на таков начин, со туркање партиска агенда и со лажни ветувања „се подигна“ животниот стандард на војниците и вработените во одбраната

 Имајќи го предвид сето ова, може да се констатира дека изборното ветување „АРМ мој вистински дом“ ,  кое ВМРО-ДПМНЕ даваше во неколку изборни циклуси ,   е неисполнето.

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *