Ниту Арифи не успеа да се справи со депониите во Тетово

Проблем стар околу две децении. Фото: Радио МОФ

 

Тетово е домашен, а можеби и регионален шампион во загадена животна средина. Меѓу клучните приоритети на администрацијата на општината во иднина ќе биде радикална промена на статусот на Тетово од расадник на ѓубре во чиста град. Ќе се организира модерен модел на собирање и чистење на отпадот во градот и современо претпријатие за општинските хигиена, со цел да се зголеми ефикасноста на работата. Ќе се применуваат и методи на регионалната соработка и ќе се мотивираат нови инвестиции или концесија или јавно приватно партнерство. Граѓаните ќе можат да уживаат во почист град каде што отпадот ќе се собира и и ќе биде префрлен во регионалната депонија во Русино Гостивар. Во сите области на градот, ќе бидат поставени големи и мали контејнери за да се собира и празни отпадот секој ден во неделата, додека улиците и плоштадите ќе се чистат со современи машини.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето од страна на ДУИ и нејзиниот тогашен кандидат, а потоа и градоначалничка на Тетово, Теута Арифи за решавање на проблемот со отпадот во Тетово, дадено во предизборната програма (стр.99) за локалните избори во 2013 година, досега не е исполнето.

Ова се констатира од повеќе проверки, почнувајќи од веб-сајтот на Општина Тетово, со генерално и детално следење на известувањата на медиумите, како и контакти со изворите на „Вистиномер“ од еколошките организации.

Вистината е дека   со некои посериозни се активности се отпочнало дури оваа година, на крај од мандатот на актуелната локална власт во Тетово, но и тоа што е почнато е на ниво на планирање и активности за урбанизирање на одреден простор за претоварна станица, како и ветување за регионално финансирање на пристапен пат до депонијата Русино во близина на Гостивар, која никако да стане стандардизирана регионална депонија.

Проблемот, кој може да се класифицира во групата на најгорливи проблеми во Тетово не е воопшто нов. Од 2000-тита година, пред Теута Арифи уште тројца други градоначалници го наследувале, правеле или не правеле сериозни напори да го решат и тој останал до денес.

На јавна дебата одржана за овој проблем на почетокот на март годинава (2017), граѓанските организации кои се занимаваат со проблемите на чистата животна средина, констатираат дека суштината на нерешавањето на проблемот е во недостигот од политичка волја. Покрај тоа, ја опишаа и моменталната ситуација:

 Во Тетовско имаме стотици диви депонии затоа што ѓубрето кое се фрла на дневна основа не се собира редовно, за разлика од Скопскиот Регион каде 95 отсто од ѓубрето кое го фрлаат домаќинствата се собира. Затоа мора властите многу подобро да менаџираат со оваа работа, за да не ни се создаваат нови диви депонии – вели Баже Јосифоски од невладината огранизација „Ајде Македонија“.

Ваквата констатација, според градоначалничката Теута Арифи, не одговара на вистинита. Во февруари 2017 во изјава за Канал 77 таа вели дека сметот се собира секојдневно и дека е во тек тенедерска постапка за изградба на претоваран станица за отпадот:

Факт е дека кога јас дојдов како градоначалник сметот не се собираше ниту по улиците на градот. За нас приоритет беше да го вратиме кредибилитетот на Јавнто претпријатие. Тоа денес не е проблем. Денес се собира сметот и од ридско планинските села, се воведе миење на улиците…Во процедура сме на тендерирање за градба на објекотот и таа процедура брзо очекуваме да заврши и на пролет да се започне со градење. Не баравме решенија на див начин да работиме, туку работиме по процедура и добивме дозвола од Министерство за екологија за да можеме да преминеме во еден таков процес кој предвидува селектирање на отпадот. Тетово не треба да има депонија туку станица но со сметот проблем имаат и другите општини затоа што пристапот до депонијата Русино која не е депонија по стандард и е проблематична. (Арифи)

Градоначалничката Арифи истото го повтори и денеска (06.04.2017 г. при симболичното предавање на стопанисувањето со новоизградениот цевковод од системот за водоснабдување на Тетово) , со тоа што најави дека процедурите околу депонијата Русино ќе се забрзаат наредниот наредниот месец (мај 2017), кога фактички изминува нејзиниот мандат.

Наспроти ова, „Еко-герила“, граѓанска организација од Тетово, на споменатата дебата ( март 2017) изнесе став дека со претоварна станица и депонија за селектирање на отпадот, не е трајно и конзистентно решение.

Парцијалните решенија, како изградба на станица за претовар на отпад, каде одредено време ќе се депонира отпадот, а потоа ќе се транспортира во скопската депонија Дрисла не може да го реши проблемот – изјави Гани Мехмеди од „Еко-герила“

 

Во истражувачката сторија под наслов „Тендерите и пресудија на депонијата во Тетово“, од која ја цитиравме градоначалничката Арифи, се наведуваат тврдења дека иако постоел заинтересиран концесионер за управување со тетовскиот отпад, германскиот концерн Хенкел, тоа било откажано по наредба на Абулаќим Адеми, министер за животна средина од 2011 до 2014 година.

За заинтересираноста на странска копанија потврда може да се најде и во медиумите, кои во август 2012 година ја пренеле изјавата на поранешниот градоначалник, дека „Хенкел“ има едногодишен договор за користење на локација за менаџирање со отпадот.

На сајтот на Општина Тетово може да се најде податок дека во ноември 2014 година на една од точките на дневниот ред на 16 -та седница на Советот на Општина Тетово,  била и Предлог – Одлуката да се прекине постапката за доделување концесија за управување со регионална депонија.

Според сите информации и нашата Метоодологија, ветувањето на градоначалничката на Тетово за расчистување на дивата депонија не е исполнето, а  јасно е, дека потфрлиле сите – и претходните градоначалници и државата, т.е. Владата, која,  иако, има и стратегија и план за справување со нестандардните депонии, сепак, не успеале да се справат со овој проблем стар речиси две децении.

 

ИЗВОРИ:

 

 Оценил: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција