Нов политички дискурс во одбрана  на „тефтер-судството“

Не убедуваат дека опозицијата врши притисок врз судството. Како, не е важно. Фото: скриншот/колаж

Во прислушуваните разговори има толку многу примери за партиските влијанија врз судството од страна на актуелната власт и тоа и кога станува збор за избор на судии и кога станува збор за судските одлуки, што е беспредметно да се тврди дека опозицијата е, всушност, онаа која би можела да има влијание врз судовите и судиите. А, токму во ова сакаат да не убедат претставници на власта во последните настапи на тема судството

 

 

Во прислушуваните разговори има толку многу примери за партиските влијанија врз судството од страна на актуелната власт и тоа и кога станува збор за избор на судии и кога станува збор за судските одлуки, што е беспредметно да се тврди дека опозицијата е, всушност, онаа која би можела да има влијание врз судовите и судиите. А, токму во ова сакаат да не убедат претставници на власта во последните настапи на тема судството

 

Пишува: Стојанче МАНЕВ

 

Целосното повлекување на одлуката за помилување на претседателот Ѓорге Иванов, не само што повторно го отвори судското процесирање на пријавите од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), туку поттикна и критичка реторика кај владејaчката партија за состојбите во судството. Јавно изразените сомнежи за политички мотивирани и слективни постапки на СЈО, се проширија и надополнија со изјави и ставови кои ја доведуваат во прашање довербата на целокупниот правосуден систем, а не само на неговите парцијални делови кои се поврзани со процесирање на пријавите од специјалното обвинителство.

Констатациите за субординираноста на правниот систем на политичкиот естаблишмент од власта кои беа наведени во извештајот на Прибе, каде на јасен и недвосмислен начин се изнесени забелешки  за политичко мешање во номинацијата и назначувањето на судии, за атмосфера на притисок и недоверба во судство, не беа прифатени како релевантни индикатори, кои заслужуваат сериозно внимание и вградување во перцепциите за состојбата со правосудниот систем во земјава.

Од страна на неколку извори групата беше известена дека постои атмосфера на притисок и недоверба во судството. Ова се потврди и со објавувањето на разговорите кои протекоа.  Многу судии веруваат дека унапредувањето во рамките на судството е резервирано за оние чиишто одлуки го фаворизираат политичкиот естаблишментсе вели во извештајот на Прибе (Препораки на Групата на искусни експерти за системските прашања за владеење на правото поврзани со следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015) во делот 1.2. кој се однесува на состојбите во судството и обвинителството.

Овие конкретни забелешки, кои ја доведуваат во прашање на довербата во целокупниот правен систем на Република Македонија и неговата способност да испорача законски и правични одлуки, не беа доволен поттик за будење на „високата правна свест“ кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Никола Груевски.  Одредувањето на мерката домашен притвор за градоначалникот на Битола, Владимир Талевски, осомничен во случајот „Транспортер“,  го прекрши молкот и политичкиот дискурс кој доаѓа од владејачката партија, нејзините поддржувачи од граѓанскиот и медиумски сектор се исполни со коритички ставови и изјави за состојбите во правосудниот систем.

 

КОЈ ВРШИ ПРИТИСОЦИ ВРЗ СУДСТВОТО

При одбележувањето на 26-итиот роденден на ВМРО-ДПМНЕ, екс-премиерот Никола Грувески, помеѓу другото, во својот говор се осврна на замаглувањето на демаркационата линија помеѓу политиката и правото. Обвинувајќи за политичко сојузништво помеѓу СЈО и опозициската СДСМ, Груевски пред членството на партијата демонстрираше зачуденост и  загриженост за политичко влијание и притисоци врз судството.

Како што кажа еден лидер на партија пред некој ден, СЈО стана коалициски партнер на СДСМ. Откако видоа дека СЈО не им е доволно, удрија да вршат притисок врз судот. Сега новата стратегија е да се изврши притисок на судиите. Им се закануваат јавно, и тоа директно претседателот на СДСМ во негова јавна изјава дека кога ќе дошле на власт ќе ги сменеле сите судии, и за нив неподобните ќе ги остранеле. Замислете, луѓето чија главна кампања е слобода и демократија, одат со отворена закана на судството. На НВО и нивните поддржувачи тоа ниту им пречи, ниту имаат реакција. Потоа, излегува портпаролот на СДСМ и објавува дека против судиите кои не суделе по нивни терк ќе започнеле кривична постапка. Замислете, кривична постапка за став или одлука на судија. Никогаш тоа не се случило. И повторно молк од НВО, но и од преставниците на меѓународната заедница. Кога ова го прави СДСМ, тоа е демократија. Ако пола од ова го правеше ВМРО-ДПМНЕ тоа ќе беше тоталитаризам и режимрече Никола Груевски на одбележувањето на 26 годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ (19.06.2016).

Само еден ден по овие изнесени ставови и поставувањето на контурите на новиот политички дискурс за состoјбите во судството, „молкот од НВО“ го прекршија од Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), кои во својата Декларација која ја доставија до Основниот суд Скопје 1 и Апелациониот суд Скопје обраќајки им се на судиите како олицетворение на моралните вредности на македонскиот правен систем ги потсетија дека се се избрани поради „капацитетот и личниот интегритет“:

Вие сте избрани заради вашиот капацитет и личен интегритет. Независноста на судот подразбира дека ниту еден судија не може правилно да ги носи одлуките доколку е исплашен, доколку е предмет на закани или пак очекува некаква корист од која било страна.

Затоа не смеете да потклекнувате на никакви притисоци, ниту однатре, ниту однадвор. Правдата мора да биде еднаква за сите. Целосно е неприфатливо за едни да важат законите, а за други да нема никаква одговорност – се вели помеѓу другото во Декларацијата.

Ваквите загрижувачки тонови за политички мотивирана селективност во судските одлуки добија дополнителна тежина со потсетувањето оти „Зоран Заев изјавуваше дека ќе правел списоци со судии на кои ќе им се одмаздувал доколку дојде на власт“, притоа охрабрувајќи ги судиите да не носат нарачани судски одлуки.

Само неколку дена по овие реакции, средбата на претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова и амбасадорот на САД, Џес Бејли, медиумите блиски на власта ја сфатија како надворешно мешање во независноста на судството и доказ за тврдењето на Иванов дека странски амбасадори ни се шетале по судовите и им диктирале по телефон што да прават.

Откако скопскиот Апелационен суд, на 29 јуни, ја потврди одлуката за 30 дневен куќен притвор на градоначалникот Владимир Талески, првиот човек на битолскиот огранок на владејачката партија, Борче Димитровски, на прес конференција, на 30 јуни,оцени дека станува збор за дириграна одлука со која продолжува хајката против ВМРО-ДПМНЕ.

Една судска одлука прерасна во доволна причина за промовирање на политички дискурс на пробудена правна свест и фиксирање на односот помеѓу СЈО и судството во рамки на  „нарачни судски одлуки“, „подобни и неподбони судии“, „списоци на судии“,  притоа изведувајќи  генерализции кои ја доведуваат во прашање уставно гарантираната самостојност и независнот на судовите, како и нивната обврска одлуките да ги засноваат на Уставот и законите и ратификуваните меѓународни договори (Член 98, Устав на Република Македонија).  Истиот дикурс исполнет со загрживувачки тонови и перцепции не се појави за невоедначената судска пракса поврзана со одлуките за барањата на СЈО во процесот со кој е опфатен началникот на 5-та управа во Управата да безбедност и контраразузнување при МВР, Горан Грујевски, првоосомничен во предметот „Тврдина“.  Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 – Скопје на 1 април, оваа година, постапувајќи по жалба на одбраната, одлучи да го промени решението на судијата на претходна постапка и да му ја замени мерката притвор со домашен притвор на началникот. По повлекувањето на одлуката за помилување од страна на претседателот Ѓорге Иванов, судија на претходна постапка, постапувајќи по предлогот на СЈО за определување на мерка притвор за Грујовски, донесе решение со кое го одби предлогот на СЈО и определи мерка на претпазливост, односно одземање на патна исправа. Различни судски одлуки од ист судски систем, по ист предмет. Дали различните судски одлуки за началникот на 5-та управа се дел од „старата стратегија“, која опозицијата и амбасадорите имаат намера да ја срушат?

 

ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА РЕЛАЦИИ ПОМЕЃУ ПОЛИТИКАТА И СУДСТВОТО

За да се дојде  до еден од можните одговори за тоа како е конструирана релацијата помеѓу судството и политика, односно за да се откријат елементите на „старата стратегија“, која во ново промовираниот политички дискурс се прикажува како потенцијална жртва на политички мотиви вградени во постапките на СЈО, можеме да се осврнеме на содржината на јавно објавените прислушувани разговори, кои во извештајот на Прибе се прифатени како релевантен доказ за состојбите со правосудниот систем во Република Македонија.

Перцепцијата е дека, особено во врска со унапредувањето на судиите на повисоки позиции, политичките причини преовладуваат и има докази во протечените прислушкувани телефонски разговори што го поддржуваат гледиштето дека оваа перцепција е оправдана – се вели во извештајот на Прибе.

На 19 март, 2015 година, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, објави серија телефонски разговори, од чија содржина произлегуваат сериозни индиции за подреденоста на судството на политички интереси. На прес-конференцијата Заев рече дека со телефонските разговори се докажува кој целосно го контролира правосудниот систем во Република Македонија и се разоткрива политичкото влијание врз судството со договарања судски процеси и местење судии.

Во разговорот на Филимена Маневска и Влатко Мијалков слушнавме дека претседателката на Апелацискиот суд била „ептен наша“, за тоа што претходно завршила работа за партијата и повторно ќе заврши:

ФМ: Љупка Арсениевска, претседателка на Апелација. Таа ептен наша е.
ВМ: Аха.
ФМ: Па не се сеќаваш, преку неа го завршивме за, за ова, за Каранаков?

ВМ: Ееее, да, да, да, да да, да да.
ФМ: Па преку неа, нели?
ВМ: Да, да, да.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во разговор со шефот на кабинет на екс-премиерот Груевски, Мартин Протугер, открива дека кривични пријави за сообраќајка може да се отфрлат бидејќи обвинителот работи по нарачка:

МП: За жена му шо овакво, и сега кривична и стегнале. Што направила сообраќајка.
ГЈ: Ај пушти ми податоци, да видам со обвинителот.
МП: Да, да, да, ќе ти пуштам.
ГЈ: Ама не, океј е ако и пуштиле кривична, ама да падне треба кривичната.
МП: Да, да, да.
ГЈ: Нели така се договоривме?
МП: Така, така, така.

За тоа како некој кој „ептен врши работа“ на власта за судскиот систем станува поважен отколку правото, може да се слушне од разговорот на Јанкулоска и Сашо Мијалков,  во кој се слуша како по налог на министерката државата на Врховен суд „ќе загуби“ процес против ранет бранител кој треба да враќа пари за обештетување:

ГЈ: Има едно човече, аа, Величковски Сашо се вика, ние сме го тужеле, он е сега пензионер…
СМ: Добро.
ГЈ: …повреден у 2001. И сега ние, као на Влада имавме став да повлекуваме тужби…
СМ: Аха.
ГЈ:…сите тие работи, ама имаше еден дел на тужби што не можевме да ги повлечеме, оти веќе се беше завршено.
СМ: Добро.
ГЈ: И човеков, сега пред Врховен му е предметот, практично по наша тужба од МВР, да враќа пари за оштета. Тој исто ни врши многу работа на терен, овие Достоинство ги…им отцепува
СМ: Што треба да правиме ние?
ГЈ: Да го изгубиме спорот, ние МВР на Врховен.

Можевме да слушнеме и како поранешниот премиер Никола Груевски морал да биде известен околу кадровското екипирање на судовите, уште пред да се распише оглас за судии. Екс-претседателката на Судскиот совет, Александра Зафировска, пријавува кај секретарката на Груевски, Ленче Самарџиевска, дека има намера да распише оглас за судии, бидејќи така се договориле “со премиерот на последниот состанок“ да го извести:

АЗ: Се договоривме на минатиот состанок, да го известам Премиерот, кога ќе…ова…распишам оглас, значи, пред да распишам оглас за судии.
ЛС: Добро.
АЗ: Значи, да го известите дека ќе распишам оглас за двајца судии на Апелација Скопје…

Овој сет на прислушувани разговори ни открива и како Сашо  Мијалков сака Гордана Јанкулоска да му потврди дали добро сфатил што се зборувало на партискиот состанок и кои места во судството треба да се договараат:

СМ: Само да проверам една работа со тебе. Дали е тоа тачно?
ГЈ: Ајде?
СМ: Вечерва расправаме за судство, за 1-ца, 2-ка, Врховен и Крушево, така?
ГЈ: Да.

Правосудниот систем е главна тема на уште еден раговор меѓу Јанкулоска и Мијалков, во кој може да се слушне како се договараат обвинители по барање на тогашниот министер за правда, Блерим Беџети, при што екс-министерката напоменува дека му кажала на колегата министер дека не таа, туку Мијалков ги носи одлуките:

СМ: Горде!
ГЈ: Еј, кажи Сашо?
СМ: Блерим ме бара, сака да бираме тројца обвинители на основен суд…на Основно јавно обвинителство.
ГЈ: Е па јас му реков. Он се јавуваше кај мене, и вика: тројцата, ова-она. Викам: неам насока Блерим за таа работа, нели пошто вие целиот пакет го договаравте, викам немам, викам. Ако ти е за брзо, слушни се со Сашо директно.
СМ: Ја, мислам, пошто и онака треба да ги известиме, дај да им ги избереме, пошто у понеделник сакаме да правиме Судски совет, да бираме судии.

Постоењето на списоци со подобни судии, еден од разговорите на Јанкулоска и Мијалков, открива дека не биле непозната пракса. Екс-министерката водела прецизна евиденција на подобни судии во „тефтерче“, заокружени со плусеви и кој ги предлагал за напредување во кариерата:

СМ: Него да те прашам една работа. Ние кога биравме судии у 1-ца…
ГЈ: Аха
СМ: Имам овдека забележано 72-ка Лидија Петровска. Кој ја предложи неа?
ГЈ: Чекај да видам у тефтерчево
СМ: Ај види
ГЈ: Сега не ми текнува по името…само да..тука ми е баш на маса, секунда, извини…За 1-ца беше?
СМ: Да, за 1-ца и таму ја избравме. Ја ја видов, мене ми фати око, беше добра. Многу ме интересира кој ми ја предложи.
ГЈ: Сега, сега, јас вртам дур збориме со тебе…
СМ: Да.
ГЈ: по списоциве…2-ка, 2-ка, Апелација…Марфиев закон…1-ца сигурно ми е на крај…еве стасав до 1-ца, само да видам…овде не ми се испозаокружени, а еве уште еден…Лидија Петровска, Сашка ја предложила, 72 број….

(…)

ГЈ: Она има напишано на рака и плус, после тоа кога сме разговарале, значи сме ја штиклирале и уште еден плус и имам стаено, претпоставувам тоа врз основа на дискусијава што сме ја имале меѓу нас. Меѓутоа е од Сашка предложена, и горе на списокот, ти ти го имаш истиот, 72 на рака пишува Лидија Петровска

Слушнавме и дека напредувањето во судската хиерахија не е поврзано со задоволување на објективни критериуми и професионални квалификации, туку со познавањето на „правиот“ човек. Во еден од разговорите Мијалков ја известува пријателката Софија Лаличиќ дека работата е завршена и е избрана за судијка. Разговорот открива и други „пикантерии“ во врска со начинот на кој се врши регрутација на судиите – треба да подмитуваш со работи од „Сваровски“, со ваучери за козметичар, да пушиш, да лижеш г`зови….

СЛ: Ме зезаш?

СМ: Да, ајде, со среќа нека ти е.

СЛ: За кога?

СМ: Понеделник.

(…)

СЛ: Е што, она пушеше кај Лидија секој ден Сварсовски поклони и купуваше. И ја купи Лидија за поклоните сега…сум ти кажала за Тупанчевска уште пред година дена, нели сум ти кажала за Тупанчевска да памтиш.

СМ: Добро ајде нема везе ако му е братучетка. Имам ја братучеди што не ги ни познавам.

СЛ: И добро, друг?

СМ: Толку е што.

СЛ: Е па три места има.

СМ: Е па третото слободно е, до понеделник.

СЛ: Што збориш бе?

СМ: Каква е таа, кажи ми?

СЛ: На Тупанчевски му е братучетка. Јас многу фино стојам со неа, коректна е. Ама многу пуши, многу лиже г`зови, вештачка е. Кај мене не знаеш, она почна да ме части, бесплатни козметички работи…

СМ: Ама сега, ќе ја викам ја неа кај мене, ќе ја видам ја, тоа неможе да пројде така.

СЛ: Ти не знаеш каков г`золижач е. Мене ме частеше ваучери за да идам на козметичари за да ме купи за ова

Потоа слушнавме и дека Мијалков средил да биде избрана за судија и вработена во УБК, која му ја средува целата работа со провизијата на израелската опрема, што може да се слушне во 15-тата „бомба“. Тој ја инфомира Светлана Костова дека е избрана за судија:

СМ: Е па, сакав да ти кажам една работа сега. Ќе те бираме за судија или не те бираме?

СК: Како нема да ме бирате?

СМ: А?

СК: Јас би сакала да ме бирате.

СМ: Е па добро, јас средив работа да бидеш избрана.

СК: Да?

СМ: Да. Што значи ќе треба да ме частиш.

СК: Ееее, цел живот ќе Ви бидам должна.

Дека овој последен разгворот има конкретна последица врз правосудниот систем се потврди со седницата на Судскиот совет, одржана на 30.03.2011 година, кога Костова е избрана за судија директно во Вишиот управен суд, без ниту еден ден претходно судиско искуство.

Содржината на овие разговори од „бомбите“ ги откриваат контурите на проверената „стара стратегија“ на регулирање на односот помеѓу политиката и правото, или поточно, на подредување на правниот систем и креирање на системска порпулзивност кон интересите на одредени центри на политичка моќ. Токму овие елементи се искристени да се проектираат, како дел од новиот политички диксурс на демонстранција на пробудена правна свест,  на односот помеѓу СЈО и судскиот систем.

Нагласувањето на нашите „добри страни“ и нивните „лоши страни“ во односот кон првосудниот систем, како и промовирањето на политичкиот притисок врз судиите како „нова стратегија“ без експлицитни референци или индикации како емпириска подлога за релациите на опозициската СДСМ, СЈО, или амбасадорите од една страна, и судиите кои постпауваат по предметите инцирани од специјалното обвинителство, од друга страна,  може да се протолкува како рефлексија на стравови од парцијална дисфункционалност на “старата стратегија“ на регулирање на односот на политиката и правосудниот систем. Или поедноставено, предметите од СЈО не е пожелно судски да се процесирани од страна на судии, кои не задоволуваат барем еден од овие критериуми: да се евидентирани со плус во „тефтерчето на Јанкулоска“, Груевски да бил известен за нивниот избор или, пак, да се сретнале со „правиот човек“ пред нивниот избор.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција