Нов закон за конфискација на криминален имот нема, а нема ни абер да се донесе

Фото: Wikimedia

 

СДСМ во предизборната програма даде ветување за модернизација на законодавството по примерот на ЕУ околу запленувањето на криминално стекнатиот имот, кое досега не е исполнето:

 

По примерот на земјите од Европската Унија, ќе донесеме ефикасен закон за запленување на криминално стекнатиот имот, вклучувајќи и корупција и организиран криминал, веднаш по првата правосилна пресуда

[Извор: СДСМ – План за живот во Македонија/предиз.прогр – датум, 2016 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ и нејзината коалиција во предизборието во 2016 година, вети во програмата дека ќе направи ново современо законско решение за одземање/конфискација на криминално стекнатиот имот, уште веднаш по првата правосилност на пресудата. Ова ветување е ставено во програмата на стр.233 во делот за „Правда, сигурност и контрола на власта“ и во поглавјето кое носи наслов: „План 180 – Итни реформски приоритети на новата Влада“. Ова значи дека законот бил ветен за првите шест месеци од преземањето на власта, односно за периодот  јуни – декември 2017 година, со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година.

Законот за кој зборува СДСМ во предизборната програма има официјален назив:

Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка.

Првпат овој Закон е донесен во 2008 година, а стапува во сила во 2009 година, заедно со тогаш новоформираната владина Агенција за управување со вака одземениот имот.

Законот оттогаш досега е менуван или дополнуван вкупно 10 пати, при што 9-те промени биле направени заклучно со 2015 година. СДСМ навистина направила измени и дополнувања на овој Закон во април 2018 година, но тие се само од формално-правен карактер и се однесуваат на изборот на директорот на Агенцијата која управува со одземениот имот.

Но, она што е изненадувачки, е што ветеното во предизборната програма на СДСМ, воопшто го нема во Програмата за работа на Владата за периодот 2017-2020 година, ниту пак, во одделните програми како онаа за 2018 г. или во Планот 3-6-9.

Згора на сè, европското законодавство и правилата на ЕУ постојано се менуваат и унапредуваат во полза на што поефикасно одземање на криминално стекнатиот имот, при што последните измени се донесени во јануари 2018 година.

Поради горенаведените факти оценката е дека ова предизборно ветување на СДСМ не е исполнето, ниту пак, е зацртано да се исполни.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.