Нова опструкција кон политичкиот договор и законите

 

 

Дополнителниот заменик министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во изминатите два-три дена ја алармира јавноста со изјави дека не му е овозможено да работи од страна на Министерството, бидејќи не му е дадена канцеларија и дека со тоа има последици врз спроведување на законите:

Љ. Николовски: …Уште од 2-ри (септември) ја имаат одлуката за дополнителни заменици министри и согласно тоа почнуваат да се применуваат законските обврски за двојно потпишување на сите акти и документи во рамки на министерството. Тоа отвора уште поголем системски проблем дали функционираат институциите во државата и како функционираат ако не се почитува, токму, законот за влада кој што е изгласан од страна на парламентот.

[Извор: ТВ 24 Вести, Датум: 14.09.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Николовски е вистинита, без оглед што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗВШ) на Република Македонија се обидува да демантира дел од изјавата и да најде оправдување.

Љупчо Николовски е изгласан во Собранието на Република Македонија уште на 2-ри септември 2016 година, како дополнителен заменик министер во ова министерство, а по предлог на Владата на премиерот Емил Димитриев и тоа, врз основа на политичкиот договор постигнат меѓу лидерите на најголемите политички партии во земјата од јули 2016 година.

Согласно ова, Николовски се смета за легален и легитимен заменик министер уште со потпишувањето на свечена изјава во Собранието на РМ, па, де факто, ниту мора да се чека објавувањето во Службен весник, кој во вакви ситуации, патем, се печати веднаш по седницата на Собранието. Ова толкување на правните експерти (Стојановски, во овој случај за друго прашање), значи дека Николовски има право уште од истиот момент (петок 2-ри септември), да појде во МЗВШ и да побара да се смести во канцеларија.

Органот на управа со кој раководи министерот Михаил Цветков, бил должен да направи сооодветна подготовка, бидејќи датумот на изборот се знаеше неколку дена претходно, откако лидерите на партиите го потврдија функционирањето на политичкиот договор.

Министерството, најпрво не реагираше на тврдењето на Николовски, иако по вчерашаната изјава и по барањето на еден медиум за проверка на ова тврдење, практично признаваат дека доцнеле:

Известен е, ги имаат клучевите, овие канцеларии се опремени пред четири дена уште во петокот (9-ти септември) и се работи за (канцеларии за советниците на дополнителниот и за дополнителниот. Навистина имавме проблем со канцеларии, меѓутоа ние превртевме, ставивме наши вработени по други канцеларии и ослободивме две простории, со тоа се обезбедени технички услови за работа – изјави државниот секретар во МВЗШ, Бесир Јашари.

На снимката од ТВ прилогот од 13.09.2016, дополнително се гледа дека канцелариите се состојот од маси и столчиња, без сметачи или телефони, што тешко дека може да се окарактеризира како исполнети техничкки услови.

Но, како и да е, со самото признание дека „имале проблеми со канцеларии“ и дека „канцелариите се готови од петкот“ (9-ти септември) и самото МЗВШ признава дека барем најмалку 7 дена не го спровеле законот за Влада и со тоа документите и актите за кои е потребен двоен потпис бил прекршен.

Тоа, без оглед на причините и намерите – намерно или не, не може да се протолкува никако поинаку, освен како уште една опструкција на политичиот договор, кој, меѓу другото, предвидува и двоен потпис во некои од органите на управа.

Оттука, изјавата на Николовски во делот дека не му се овозможуваат услови за работа, а особено во делот дека со тоа се прекршува Законот за влада и се создава проблем во функционирањето на институциите, ја сметаме за вистинита.

 

Оценил: Тео Блажевски

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *