Новата Антикорупциска ќе има посилен мандат, но неизвесно е кога ќе се конституира

Фото: commons.wikimedia.org

 

 

Новото законското решение за борба против корупцијата и судирот на интереси, кое е во фаза на усвојување, е драстично подобро во споредба со претходната регулатива и може да се каже дека претставува солидна правна основа за силна борба против корупцијата. Но, истовремено за целосна осуда е фактот што сè уште не е донесен овој закон, поради што не може да се конституира ниту нова Антикорупциска комисија, иако се ближат претседателските избори.

 

Пишува: Влатко Стојановски

 

Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси скоро една година е надвор од функција, откако 5 од вкупно 7 членови си поднесоа оставки по скандалот со злоупотреба на финансиски средства. Но, оваа состојба ќе остане непроменета во догледно време, со оглед дека политичките претставници во собраниската Комисија за избори и именувања не се договорија Антикорупциската комисија да се пополни со кандидатите што аплицираа согласно актуелниот Закон за спречување на корупција. Владејачките партии на чело со СДСМ побараа нови членови на Комисијата да се изберат според новиот закон за антикорупција, кој е во фаза на усвојување. Што предвидува овој предлог-закон?

Поради недостатоци и неусогласеност на сè уште важечкиот Закон за спречување на корупцијата, кој е менуван 7 пати по донесувањето во 2002 година, како и поради потребата за преуредување на националниот систем за спречување на корупција, Министерството за правда предложи целосно нов закон за антикорупција. Како што се наведува во образложението на предлагачот, целта на новиот закон е

создавање на реформиран национален систем за спречување на корупцијата преку имплементација на препораките за унапредување на антикорупциската правна и институционална рамка

Во извештајот за проценка на влијанието на регулативата од страна на Министерството предводено од Рената Десковска – Треневска, стои дека покрај основната цел за зајакнување на независноста и ефикасноста на Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, законот има свои специфични цели:

  • транспарентна постапка за избор и именување на претседател и членови на Комисијата;
  • надминување на непрецизностите во постапката за нивно разрешување;
  • намалување на фискалните импликации за примена на законот;
  • олеснување на проверката на имот и имотната состојбата на избраните и именуваните функционери,
  • проширување на опфатот…

Во предлог-законот за антикорупција поставен на Електронскиот национален регистар, кој преку 122 членови ги интегрира и надградува досегашниот закон и измените и дополнувањата на Законот за спречување на корупција и Законот за спречување на судир на интереси, се предлагаат неколку новини во споредба со досегашната антикорупциска регулатива. За разлика од претходните, новиот закон ги уредува мерките и активностите за спречување на корупција, пропишува поинаков начин и услови на избор на членовите на Антикорупциската комисија, ги проширување на надлежностите на Комисијата итн.

Поточно, законот разработува постапка на избор на претседател и 6 членови со мандат од 5 години, со право на уште еден повторен избор. Притоа, за претседател и за член на Комисијата може да биде именувано лице кое е државјанин на Р.М., има општа здравствена способност, поседува високо образование, меѓутоа исклучиво од областа на правните, политичките, комуниколошките или економските науки. Со цел избраните кандидати да поседуваат соодветни компетенции и професионално искуство, се бара кандидатите да имаат најмалку 12, односно 10 години работно искуство, од кои најмалку 8, односно 6 во областите на откривање или спречување корупцијата, владеење на правото или добро управување.

 

ПОРАНЕШНИ МИНИСТРИ, ПРАТЕНИЦИ, ПАРТИСКИ ДОНАТОРИ НЕМА ДА МОЖАТ ДА БИДАТ АНТИКОРУПЦИОНЕРИ

Патем, особено важен новитет во предлог-законот за антикорупција е условот идните членови на телото за борба против корупцијата во последните 10 години да не биле пратеници, членови на Владата, како и функционери и донатори на политичка партија, со оглед дека досега постоеше практика членови на телото за борба против корупцијата да бидат довчерашни високи јавни и државни функционери именувани и избрани во време на партијата што во тој момент била на власт, или, пак, нивни блиски роднини. Многумина од поранешнте антикорупционери, пак, се јавуваа како донатори во годишните извештаи на владејачката политичка партија или, пак, за време на изборна кампања, како што впрочем беше случајот со последниот претседател на Комисијата, Игор Тантуровски.

Што се однесува на постапката за избор, се предлага како и досега да ја спроведува собраниската Комисија за избори и именување по објавување на јавен оглас од страна на Собранието. Она што е ново во процедурата е интервјуирањето на пријавените кандидати во организација на собраниската Комисија, во чии рамки, покрај пратениците, ќе имаат можност да учествуваат и претставници на МАНУ, Народниот правобранител, Интеруниверзитетската конференција, но и на граѓанските и новинарските организации. По интервјуто, кое треба јавно да се пренесува на собранискиот канал, се предвидува собраниската комисија да му предложи на парламентот единствена листа на кандидати, со образложение за секој од нив.

Во врска со завршувањето на нивниот мандат, новиот закон предвидува предвремен прекин на мандатот доколку членот поднесе оставка, трајно ја изгуби способноста за вршење на функцијата, е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку 6 месеци или пак настапи смрт. Освен тоа, ова законско решение дополнително предвидува и предвремено разрешување на членовите на Комисијата од страна на парламентот ако се утврди дека некој не ги исполнува условите за избор и именување, стори повреда на одредбите од овој закон или потешка повреда на одредбите на етичкиот кодекс и деловникот за работа на ДКСК.

Во врска со надлежностите на Комисијата, и ова законско решение во подготовка предвидува телото да ја следи имотната состојба и да врши проверка на податоците од изјавите за имотната состојба, да постапува по пријави за сомнежи за корупција и судир на интереси и да покренува иницијатива пред надлежните органи за поведување постапка за утврдување на одговорност и за кривично гонење. Воедно, законот овозможува ДКСК да бара податоци и информации од надлежни институции, правни и физички лица, заради целосно утврдување на фактичка состојба, вклучително и пристап до 17 бази на податоци (МВР, УЈП, Централен регистар, Централен депозитар на хартии од вредност…).

 

ИМОТНИ ЛИСТОВИ ЌЕ СЕ ОБЈАВУВААТ ДВЕ ГОДИНИ ПО ЗАВРШУВАЊЕ НА МАНДАТОТ

Во однос на опфатот, овој закон ќе третира избрани или именувани лица, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, но на листата уште се додаваат нотари, извршители, административни службеници во кабинетите на претседателот на државата, на Собранието, на премиерот… Во однос на анкетните листови што тие мора да ги поднесат, се предвидува тоа да го прават и 2 години по престанокот на функцијата, а анкетниот лист во овој период ќе биде јавно објавен, за да може јавноста да има увид дали функционерите ја зголемиле имотната состојба по завршувањето на функцијата, што досега не беше можно.

Инаку, Комисијата ќе има можност да побара изјава и од службено лице кое согласно овој закон нема обврска да поднесе анкетен лист за имотна состојба, како и да спроведе постапка за испитување на неговата имотна состојба, во случаите кога постапува по предмет во кој е вклучено тоа лице. Се предлагаат и одредби согласно кои постапка за проверка на податоци, покрај во утврдените случаи (неподнесување, лажни и нецелосни податоци, или постапување по конкретен предмет), да се врши и врз основа на годишен план за определен број и категории на лица врз основа на проценка на ризикот за корупција.

Воедно, се предлага ДКСК да иницира покренување на постапка за испитување на основот на стекнување на имотот на и на член на семејството или блиско лице на службеното лице, доколку се стекнал со значителен имот за време на вршење на јавните овластувања на службеното лице, кој ги надминува неговите редовни примања, а постои основано сомневање дека службеното лице со намера да го прикрие потеклото на имотот го префрлил имотот на тој член. На тој начин се овозможува механизам за разбивање на мрежа која се користи за префрлување на имотот на фиктивни сопственици, со цел да се затскрие вистинскиот сопственик.

Исто така, по усвојувањето на овој закон Комисијата ќе има надлежност да ја следи и законитоста на финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи. Имено, се предлагаат одредби со кои се утврдува должност за финансиските институции во утврден рок да доставуваат податоци побарани од ДКСК, заради следење на законитоста, односно контрола на финансирањето на политичките партии и изборни кампањи, како и проверка на анкетните листови. Се предвидува да се утврди дека доставувањето на бараните податоци не претставува повреда на банкарска тајна.

 

КОНТРЛА НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ И ВРЗ УПРАВИТЕЛИТЕ ВО ПРИВАТНИ КОМПАНИИ

Овој закон уште предвидува дека службено лице не може во текот на траењето на мандатот или должноста и во рок од три години по нивниот престанок, да стекне акционерски права во правно лице врз кое тој или органот во кој работи  вршел надзор, освен ако тие права ги стекне по пат на наследување. Воедно, се предвидува дека избрано или именувано лице или одговорно лице во јавно претпријатие не смее да врши влијание за вработување или унапредување на блиско лице, што се подведува по поимот непотизам. Воедно, функционери не смеат да влијаат и врз постапки за јавна набавка, доделување на концесија во корист на блиско лице.

Колку за потсетување, овие појави беа доста присутни за време на претходната власт, но очигледно продолжува и за време на актуелната власт, кога медиумите објавија бројни примери за вработување во јавниот сектор на блиски роднини на министри, пратеници и на други функционери од редовите на власта. Покрај тоа, јавноста беше сведок за неколку контроверзни тендерски постапки, кои ги добија фантомски компании, поврзани со функционери од актуелната власт.

Освен јавните функционери и службениците лице, законот ги опфаќа и одговорните лице во трговските друштва или друго правно лице, кои ќе имаат забрана  да ја искористат својата положба во насока на создавање монополска положба на пазарот, растројство на пазарот, дискриминација на други трговски друштва и сл. Доколку ова законско решение беше донесено пред десетина година, на функционерите од поранешната владејачка врхушка ќе им беше многу потешко да преземаат постоечки компании со непринципиелни методи, да формираат нови компании кои со поддршка на власта создаваа нелојална конкуренција итн.

Кога сето тоа ќе се земе предвид, произлегува дека законското решение за борба против корупцијата и судирот на интереси, кое е во фаза на усвојување, е драстично подобро во споредба со претходната регулатива и може да се каже дека претставува солидна правна основа за силна борба против корупцијата. Но, истовремено за целосна осуда е фактот што сè уште не е донесен овој закон, поради што не може да се конституира ниту нова Антикорупциска комисија, иако се ближат претседателските избори.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.