Обновено е зеленилото во повеќе делови на Центар

Новиот парк во Капиштец Фото: Отчет на Жерновски - Центар (2013 -2017)

 

Подигање на ново зеленило, денивелирано во однос на пешачките и коловозните површини на 30 локации на територијата на општината

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски за локалните избори во 2013 година, во неговата изборната програма: „Иднината сега! Време е! Андреј Жерновски за Центар“ (стр.21), вети „подигање на ново зеленило на 30 локации  во Општината“.

Написите објавувани во медиумите во изминатите четири години, како и наведеното  во Отчетот на Жерновски,  „Центар 2013-2017“ ,  укажуваат дека во споменатиот период  постепено се обновува урбаното зеленило во повеќе делови во Општината, така што ова негово изборно ветување го сметаме за  исполнето.

Така, на пример во информација од септември 2013 година може да се прочита:

Општина Центар во текот на минатите денови изврши преместување и повторно садење на садниците од локацијата до Хотелот Бристол, која што се наоѓа во градежен опфат на аголот на ул. Македонија и ул. Мито Хаџивасилев Јасмин. Имено, на локацијата беа посадени 8 јавори и 1 зимзелен садник, кои што по оградувањето и започнувањето на градежните работи беа извадени и им претеше сушење доколку не се пресадат.

Во јанураи 2014 година медиумите информираа дека

Општина Центар започна голема акција за обновување на зеленилото и тревните површини во населбата Пролет.

Во септември 2015 година порталот „Плусинфо“ информираше дека

Во рамките на проектот „Работно лето 2015“, општина Центар започна со хортикултурно уредување на просторот во Градски Ѕид, популарното Индијанско маало, делот од Дом на градежници до бул. „Партизански одреди“.

Во напис на порталот МКД од октомври 2015 година се вели дека:

Општина Центар го исчисти и реконструираше зеленилото и направи нов парк меѓу зградите во Градски ѕид, на булеварот „Кочо Рацин”, спроти Олимписки базен.

На 14 декември 2016 година во информација  на „Сител“ е наведено дека:

Општина Центар го обнови зеленилото во Градски ѕид, зад поранешна „Агромеханика“. Засадена е нова трева, зимзелени грмушки и високи садници. 

 

Фото: Отчет Центар (2013-2017), стр. (46/47)
Фото: Отчет Центар (2013-2017), стр. (46/47)

Во  врска со обновувањето на зеленилото во Општина Центар,  во Отчетот на Жерновски  – во објавата насловена „Зелен Центар“(стр.45)  ,   се вели:

Обновивме  70.000 м²  зелени површини. Меѓу 13 – те кули во Капиштец  направивме нов парк. Градски ѕид  е повторно убав и зелен. Кино Карпош е прв парк во Дебар Маало, разубавен со јапонски цреши

На наредните неколку страници од оваа печатена брошура може да се прочита дека зеленилото е целосно обновено (или е подигнато ново) на дваесетина  локации со вкупна површина од  78.000 м².  За секоја локација поединечно има фотографии и детални описи за колкава повришна се работи и со какво зеленило е облагороден просторот (комбинација од ниско и високо зеленило – тревен бусен, цветни садници, грмушки, декоративни дрвја, листопадни и зимзелени дрвја…)

Па така, на пример, посочено е дека  „првпат по 40 години е реконструирано зеленилото во Градски ѕид“, на површина од 20.000 м²  и тоа:

8.000 м² зелена површина –    од булевар „11 Октомври“ до улица „Македонија“ ;

7.000  м² –  Градски ѕид блок 4 , од булевар „Димитрие Чуповски“ до булевар „Св.Кирил и Методиј“;

 4.800 м² – Градски ѕид блок 9 на булевар „Кочо Рацин“  и  

4.700 м²  – Индијанско маало  (Градски ѕид, Голем Ринг Запад – од булеварот „Димитрие Чуповски кај Дом на градежници до булеварот „Партизански одреди“).

Меѓу дваесетината  наброени раззеленети површини се спомнува и паркот во Капиштец (20.000 м² ), паркот „Пролет“ (6.700 м² ), зеленилото меѓу улицата „Васил Главинов“, „Агромеханика“ кон улицата „Даме Груев“ (5.820 м²), потоа зеленилото кај некогашна „Сава Крањ“ (2.032 м²  ) и спроти „Рамстор“ (1.700 м²  ),  како и раззеленувањето на просторот на уште неколку други локации во Центар (Кино Карпош, Цветен пазар, Порта Центар…) .

Освен на овие локации, ново зеленило( дрвја, грмушки и садници) е засадено и на двете Боемски улици (стр.91), како и на четирите нови сквера (стр.104) во Центар: кај „Порта Буњаковец“ и на улиците „Наум Наумовски – Борче“, „Пиринска“ и „8 Ударна бригада“.

Имајќи го предвид сето ова,  може да се каже дека  изборното ветување на Жерновски за обновување на зеленилото во Општина Центар е исполнето.

 

 ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција