Обвинителството треба на јавноста да ѝ ги соопшти пропустите околу бегството на Груевски

Никола Груевски. Фото: скриншот

 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го издаде следното соопштение во кое цениме дека има недоследност:

До овој момент надлежниот обвинител нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица кои помогнале или учествувале во организирањето и реализацијата на бегството на сега осудениот Никола Груевски. Досега прибавените докази упатуваат на заклучок дека имало определени пропусти во постапувањето на надлежните институции, кои не претставуваат кривично-правно дејствие и не се во надлежност на Јавното обвинителство.

[Извор: Jавно обвинителство на РМ – датум: 06.02.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ

Соопштението што го даде Основнотo обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во кое, покрај широкиот опис на дејствата околу истрагата за бегството на Никола Груевски, се дава и заклучок, во кој се наведува „до овој момент…нема утврдено постоење на кривична одговорност на службени лица…“, го сметаме за недоследно поради најмалку два момента.

Прво, ако ОЈО утврдило дека „имало определни пропусти во постапувањето на надлежните институции кои не претставуваат кривично-правно дејствие“, тогаш согласно транспарентоста во работењето на сите институции и на Владата во целина, би требало да ја запознае јавноста со тие недостатоци или пропусти.

Ова од причина што, под број еден, ако ОЈО не гледа, можеби некој друг (стручната фела, правници, поранешни обвинители, адвокати, некој од СЈО, итн.), ќе види она што ОЈО не го соглeдало, па ќе укаже дека во тој пропуст на институциите, сепак има кривично правно дејствие за нечинење. Дури и да нема, јавноста сака да знае кој е одговорен, макар и како помал пропуст за кој може прекршочно или дисциплински да одговара.

Тука само ќе потсетиме на Членот 353 став 1 од КЗ:

(1) Службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.

Но, може да се потсети и на Членот 353-в, став 1 од КЗ:

(1) Службено лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое со повреда на законските прописи за судир на интересите или за совесно постапување при вршењето на дискреционо овластување, со пропуштање на должен надзор или на друг начин очигледно несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.

Првиот член 353 се вика „Злоупотреба на службена должност и овластување“, додека вториот што го цитираме се вика „Несовесно работење во службата“.

И во двата члена ако се читаат внимателно, сосема е јасно дека може да биде обвинет оној што „со неизвршување на својата службена должност“ или „со пропуштање на должен надзор…“  или „на друг начин очигледно несовесно постапува“, му направил или остварил корист за друг.

Токму затоа е многу важно од аспект на транспарентност, почит кон јавноста, ОЈО да ги соопшти тие пропусти кај одредени институции кои ги утврдиле, па јавноста повторно темелно да издебатира неколку нешта.

После бегството на Груевски се отворија најмалку три сериозни дилеми на кои сè уште нема конечен одговор.

Едната е дека службите задолжени при МВР за безбедност не направиле и немале проценка дека лицето е од висок ризик и може да избега. Службата за безбедност и контраразузнавање немала таква проценка, додека Бирото за јавна безбедност, т.е. Секторот за обезбедување, како што веќе и пишувавме во „Вистиномер“, примениле „обезбедување на повик“, нешто што не постои во правилниците на МВР.

Втората сериозна дилема беше дали Судот можел да работи и преку викенд и веднаш да ги алармира другите институции дека не може да го најде лицето. И третата сериозна дилема е зошто СЈО не реагирала попромтно, во смисла да побара пред самиот крај на постапката, односно одлуката на Апелалција, засилен надзор врз Груевски.

По соопштението од ОЈО, сега ја имаме и дилемата зошто Управата за финансиско разузнавање не алармирала никого и дали вадењето на толкава сума пари во ист ден – 130 илјади евра од повеќе сметки, е или не е сомнителен индикатор.

Поради сè погоре наведено, сметаме дека последниот пасус во соопштението на ОЈО за организиран криминал и корупција постои недоследност, па дури и со употребениот термин „до овој момент“.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција