Обврските од „Пржино“ не се спроведени – сè друго е манипулација

Elections on April 24 are an absolute, definite, indisputable must. Elections or we are done for. Image: SEC,

Обична проверка на напишаното во договорот и датумите за спроведување на обврските од истиот, е доволна за да се утврди манипулацијата со јавноста дека „сите обврски“ се спроведени. Доцнењето на поголемиот дел од поважните обврски е со рок од најмалку два месеца, а некои не се ни започнати со спроведување, како што е реформата на медиумскиот сектор.

 

Обична проверка на напишаното во договорот и датумите за спроведување на обврските од истиот, е доволна за да се утврди манипулацијата со јавноста дека „сите обврски“ се спроведени. Доцнењето на поголемиот дел од поважните обврски е со рок од најмалку два месеца, а некои не се ни започнати со спроведување, како што е реформата на медиумскиот сектор.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

Никакво поместување не доаѓа предвид. Ние сите обврски од Договорот од Пржино ги исполнивме. Оваа криза треба да се реши што побргу, а не да се продлабочува. Ако се поместат изборите, тогаш  Договорот од Пржино нема да важи, изјави Иво Котевски, гласноговорникот на ВМРО ДПМНЕ.

Оваа изјава на високиот функционер на ВМРО-ДПМНЕ е само последната во низата изјави кои доаѓаат од претставниците на оваа партија и на партијата ДУИ, коалиционен партнер во власта, со која се нагласува дека одржувањето на изборите на 24 април 2016 г. е ултимативна цел на Договорот од Пржино, бидејќи сите обврски од Договорот постигнат на 2 јуни и амандмански дополнет на 29 јуни, се исполнети.

 

Потписите на четворицата лидери под Договорот од Пржино. Фото: ЕУ веб сајт
Потписите на четворицата лидери под Договорот од Пржино. Фото: ec.europa.eu

 

Од друга страна, највисоките претставници на СДСМ, постојано истакнуваат во последниот месец дека нема да одат на одржување на закажаните избори, доколку не се спроведат сите договорени обврски, бидејќи без тоа гласањето ќе биде уште една изборна измама. Претставниците на оваа партија почнувајќи од лидерот, го употребуваат терминот „кристално чисти избори“, како услов за да излезат на гласање.

 

ДОГОВОРОТ Е ЈАСЕН И ПРЕЦИЗЕН

За да се провери вистинитоста на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ изнесено преку директорот на Центарот за комуникации на оваа партија Иво Котевски, најупатно е да се погледнат точките од самиот договор.

Според сето тоа што е запишано, може одговорно да се тврди дека само две точки се испочитувани во дадениот временски рок – враќањето на претставниците на опозицијата во Собранието на 1 септември 2015 година и самиот договор за тоа кој ќе биде специјален јавен обвинител, постигнат едвај на 15 септември.

Сè друго, почнувајќи од формирањето на Специјалното јавно обвинителство, воспоставување на нов состав на Државната изборна комисија, со широки овластувања во проверката на избирачкиот список, воспоставување на специјална истражна комисија во Собранието кое ќе ги истражи околностите околу појавувањето на прислушуваните телефонски разговори и друга постоечка која требаше да ја провери законитоста во работењето на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) при МВР, реформата на медиумите и генерално владеењето на правото, како и  уште погенерално – спроведување на сите препораки на Европската комисија (ЕК) во таа насока, сето тоа доцни или воопшто не е спроведено, при што доцнењата се најмалку од два месеца па нагоре.

Впрочем „Вистиномер“ веќе пишуваше на овие теми со посебни осврти на некои од прашањата, како што се медиумите или ДИК, но и генерално за спроведувањето на целиот изборен процес.

 

ИСПОЛНУВАЊЕТО НА ОБВРСКИТЕ ДОЦНИ СО МЕСЕЦИ

Специјалното јавно обвинителство дури пред самиот крај на 2015 ги доби сите потребни услови за целосна работа, но да не заборавиме останаа уште двајца заменици обвинители помалку од бараните 14 од страна на специјалната обвинителка Катица Јанева. А, рокот сето тоа да се заврши, беше на 15 септември, од што се испочитува само договорот за именувањето на Јанева.

Реформираниот ДИК, дури пред неколку дена го доби генералниот секретар, но затоа во процес на постапка се прашањата за смена или проверка на условите за да бидат на таа функција за две госпоѓи – членки на ДИК. Патем, рокот за воспоставување целосно функционален ДИК беше на 31 јули 2015 година, а засилените овластувања требаше да ги добие на 31 септември истата година.

Во ноември минатата година требаше да бидат презентирани првичните извештаи за наодите на две собраниски комисии – за аферата прислушкување и за работењето на УБК. Ниту од овие рокови не остана ништо и до моментот на објавувањето на овој текст, тие се пробиени.

Едно друго важно прашање е целосно закочено. Тоа е остварувањето на медиумските слободи кои би биле гарант за рамноправно претставување на учесниците на вонредните избори пред граѓаните – гласачи. Ако се суди според договорот, овие реформи во медиумскиот сектор требаше да бидат завршени до крајот на август минатата година. Но, разговорите за нив започнаа во октомври, дефинитивно беа закочени веќе на крајот на ноември, а тоа продолжи и до крајот на декември минатата година. Тие подразбираа две главни структурни промени – реформа на Агенцијата за аудио визуелни медиумски услуги (главно регулаторно тело за телевизиите и радијата, како и за печатените медиуми) и структурни промени во Јавниот радиодифузен сервис МРТ. Досегашната расправа меѓу партиите и новинарските здруженија не овозможи поместување од мртва точка, а без слободни медиуми не може да се каже дека се исполнети условите за слободни и фер избори.

Има уште многу точки и потточки што не се директно набројани, но се опфатени со реченицата спроведување на препораките од ЕК и од други ад-хок или постојани тела кои се занимаваат со Македонија во поглед на излез од политичката криза и генерално, а кои воопшто не се спроведени и сите се во сферата на делување на правото и медиумските слободи.

Според тоа, обична манипулација со јавноста е да се каже дека „ние (ВМРО ДПМНЕ -н.з.) сите обврски од Договорот од Пржино ги исполнивме“, па уште да се додаде дека „ако се поместат изборите, тогаш Договорот од Пржино нема да важи“.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција