Од сите „реформи“ на Тодоров најдобро функционира одливот на лекари

Исис меѓу лекарите. Албрехт Дирер, 1506 година. Фото: Google Art Project

 

 

Интерпелацијата на СДСМ за министерот за здравство Никола Тодоров, како што и самиот кажа, беше одлична можност да се споредат резултатите и бројките за тоа што е вложено и колку е постигнато со безбројните реформи на здравствениот систем во Република Македонија.

 

Пишува: Тео Блажевски

 

СДСМ поднесе интерпелација за министерот за здравство во која се наведени повеќе слабости на владините политики во здравството, кои резултирале со трагични последици по животите на граѓаните и пациентите, при што како причини се наведени „системските проблеми и целокупниот хаос во здравството“. Интерпелацијата за која Собранието расправaше во понеделникот на 21.12.2015, со мнозинство гласови од партиите на власт, беше отфрлена.

Во интерпрелацијата министерот се обвинуваше за целосно игнорантски однос и кон трагичните случување низ болниците во Македонија, со што се покажува дека министерот нема „никаков морален капацитет“. Во документот и во расправата беа истакнати и случаите на губење на живот на млади родилки (случајот со жената од Гевгелија која ја породувале гинеколог и двајца пијани анестезиолози), како и смртта на други пациенти, како Тамара, девојчето од Велес и на други на кои не им беше излезено навреме со позитивен одговор од надлежните. Беа споменати и недостигот на соодветна опрема, како и медицински материјали, беше критикувано плаќањето по учинок како нерамномерната распределба на платите со влошување на меѓучовечките односи, големиот број на умрени новороденчиња, чиј број во 2013 изнесувал 229 со кој и според Еуростат сме на врвот на листата од земјите во Европа.

Издвојувањата за здравјето на населението по глава на жител е меѓу најниските во Европа и изнесува 835 долари, што е најмало издвојување споредено со поранешните југословенски републики, а беа изнесени и суми од повеќе десетици милиони евра како долгови на јавното здравство, меѓу кои се долговите што ги имаат Јавните здравствени установи кон добавувачи и Фондот за здравство.

На сето ова министерот во многу подолг одговор се задржа главно на детални анализи за тоа колку стотици милиони евра се вложени во современи медицински апарати, дека е во тек спроведување на разни програми за подобрување на здравствената инфраструктура (реновирање, реконструкции и изградба на нови болнички установи во државата) во висина од 150 милиони евра, дека со Методологијата на единствени и референтни цени на лековите биле заштедени 32 милиони евра, почнувајќи од 2012 година, итн.

Во однос на смртноста кај новороденчињата, иако генерално го признава лошиот тренд, министерот вели дека „доенечката смртност како феномен најпрецизно се анализира само преку трендот на опаѓање (или зголемување) на подолг период, а не со едноставна споредба на податоци од една со друга година“.

Сепак, од одговорот е видливо дека министерот ги избегнал прашањата за долговите во јавното здравство, за одливот на кадри и причините за тоа, за недостигот на контрастни материјали за разни рентгенски снимања и недостигот од други лекарски материјали, особено неопходни во хирургијата, како и за парите што ги троши Министерството за здравство за рекламите во текот на една година, при што СДСМ наведува дека само рекламите за подигање на јавната свест против абортусот изнесувале 3 милиони евра за една година.

Да се говори за здравството и здравствениот систем во една земја може на долго и на широко. Ниту со интерпелацијата на СДСМ се опфатени сите сегменти во овој систем и за тоа каква е навистина здравствената заштита на граѓаните, ниту, пак, со одговорот на министерот се опфатени сите сегменти. Затоа, во оваа анализа ќе се задржиме само на три многу важни сегменти: долговите во јавното здравство, одливот на вискостручниот лекарски кадар, како и системот за лекување на граѓаните во странство, за кој како метафора послужи смртта на малата Тамара.

 

КОЛКУ НАВИСТИНА ДОЛГУВААТ БОЛНИЦИТЕ И ДРУГИТЕ ЈЗУ ВО МАКЕДОНИЈА?

СДСМ во интерпелацијата наведува дека само Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од Скопје, со последната реорганизација и со именувањето на системот на двајца директори, континуирано го зголемувал долгот кој сега достигнал над 51 милион евра, а дека сите други јавни здравствени установи должат уште околу 70 милиони евра. Овие бројки, според нив, се однесуваат до средината на 2015 година.

„Вистиномер“ се обиде преку јавно достапни податоци да ги провери овие бројки и дојдовме со сознание дека може да се потврди само првата. Односно, според документ на самиот Фонд, вистина е дека на крајот на август, ЈЗУ должеле 52, 5 милиони евра (вкупни долгови на сите ЈЗУ) и дека во однос на месец декември тоа изнесува зголемување од 7,5 отсто.

Вкупните долгови на ЈЗУ на 31.08.2015 година изнесуваат 3.234.124 илјади денари (52,5 милиони евра) и во однос на месец декември 2014 година (износ 3.008.866 илјади денари) бележат зголемување од 7.5%. Вкупно за сите ЈЗУ, се наведува во периодичниот извештај на ФЗО за приливите и расходите за месец август годинава.

Станува збор за променливи бројки, кои се однесуваат на долговите на јавните здравствени установи (113 со кои Фондот за здравство има склучено договори) кон добавувачите или побарувања од Фондот поради зголемен обем на работа што го надминал годишниот буџет на клиничките установи и другите болници.

Меѓутоа, ако се погледне последниот годишен извештај на ФЗО за 2014 година, нема посебен раздел за работењето на 113-те ЈЗУ кои се дел од севкупниот здравствен систем што го покрива ФЗО. Самиот Фонд пак, во 2014 година работел позитивно. Односно, имал вкупни приходи од 370 милиони евра, а расходи од 367 милиони евра. Од ова произлегува дека долговите на ЈЗУ, кои се генерираат секоја година, најверојатно се покриваат со зголемени приходи во Фондот, кои растат од година в година.

 

ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО – СÈ ПОМАЛКУ ПАЦИЕНТИ БАРААТ ЛЕКУВАЊЕ ВО СТРАНСТВО

Јавноста во Македонија добро е запозната со случајот на Тамара Димовска, која почина во февруари годинава, чекајќи Фондот за здравствено осигурување да ѝ одобри операција во Турција, која чинеше околу 30-тина илјади евра. Беа организирани серија протести пред Министерството за здравство со барање Тодоров да поднесе оставка. Наместо министерот, оставка поднесе тогашната директорка на ФЗО, Маја Парнарџиева Змејковска и нејзиниот заменик. Да биде апсурдот поголем, на денот на погребот на Тамара нејзиното семејство добива потпишано решение со одобрување на средствата за неопходната операција.

Овој случај го отвори прашањето колку и како функционира системот за неопходно лекување во странство. Особено, откако премиерот Никола Груевски во 2013 година, преку портпаролот на Владата се пофали дека граѓаните што имаат таква потреба, ќе треба да издвојат само симболични 200 евра, а сиот друг трошок ќе падне на товар на државата. Државата, исто така, се пофали дека во 2015 година го зголемила буџетот за оваа намена за двојно. Што значи сето ова во реалноста?

Од годишниот извештај на ФЗО за 2014 година може да се види дека бројот на граѓани што упатуваат барање за лекување во странство од година на година се намалува. Ако во 2011 година 400 граѓани побарале да се лекуваат во странство, во 2014 г. тоа го сториле само 296, додека рекордно низок број барања биле поднесени во 2012 година, само 243. Притоа, ФЗО, преку системот на првостепената и второстепената комисија, значи систем на двојна контрола, одобрил во 2011 година 274, а во 2014 само 123 барања од граѓаните. Тоа покажува дека опаѓа и бројот на одобрени лекувања во странство при зголемен буџет за таа намена.

Како многу индикативна бројка може да се наведе и бројката на решени жалби на граѓаните по основ на неодобрени лекувања или надоместоци што се барани по други основи за лекување во странство. ФЗО во 2011 година имал 33 жалби по овие основи, а позитивно решил 26 или дури 79 проценти. Во 2014 година, пак, биле примени вкупно 106 жалби, при што како позитивни биле решени само 25, што е процент на позитивно решени од само 24 отсто.

И сега за најиндикативната бројка. Според истиот годишен извештај во 2014 година, за сите лекувања во странство ФЗО имал расходи од само 2, 6 милиони евра од вкупните расходи од 367 милиони евра, што е помалку од 1 отсто!  Само по себе се наметнува прашањето, зошто овој износ е толку мал и зошто има толку одбиени пациенти, дури и покрај тенденцијата што како генерална политика ја тера Владата и министерството што поголем број на пациенти да се лекуваат во домашното здравство. Манипулацијата се гледа во тоа што бесплатното лекување во странство за сите оние што имаат потреба (или само за 200 евра), е убаво за уво за просечниот гласач, но реалноста говори дека бројот на тие што бараат такво лекување е сè помал, а бројот на одбиените е сè поголем. Една од причините е, секако, зголемување на некои нови методи и медицински постапки, како што е детската кардиохирургија, но друга, секако дека тешко се остварува неопходната бирократска процедура: прво конзилијарно мислење, па мислење на првостепената и второстепената комисија при ФЗО, па дури потоа потпис на директорите на Фондот.

 

ДОСЕГАШНИТЕ РЕФОРМИ НЕ ГО ЗАПРЕА ОДЛИВОТ НА ЛЕКАРИ

За одливот на лекари по општа пракса, лекари специјалисти и супспецијалисти се пишува со години. И никогаш државата не го знае точно овој број или не сака да го каже. Единствените две години кога државата објавила јавен попис на лекари и лекари специјалисти, стоматолози и фарамколози се 2009 и 2011 година, преку публикации на Институтот за јавно здравје на РМ.

Главниот одлив на лекарите од јавното здравство се одвива во два правци – кон приватното здравство и кон странство. Кај приватното здравство, исто така, има миграциони процеси – многу мал процент е враќање во јавното здравство, а еден дел, исто така, заминува во странство.

Кога државата веќе не сака да ја утврди точната бројка, може да се утврди приближна, а еден од главните показатели се и барањата за потврда за членство, препорака и лиценца од Лекарската комора на РМ.

Меѓународниот истражувачки проект „Хелтгрупер“ во средината на јули 2015 излезе со истражување за неколку балкански земји, според кое во изминатите три години, во странство заминале вкупно околу 2.000 доктори од Албанија Косово, Македонија и Србија. Колку се од Македонија?

Прецизна бројка не можеме да кажеме, бидејќи лекарите не се должни никаде да се пријават дека заминуваат во странство, но според посредни показатели проценуваме дека таа бројка за Македонија, изнесува минимум 500, изјави за „Вистиномер“ д-р Владимир Лазаревик, раководител на проектот и специјалист по здравствен менаџмент.

Едно постаро истражување што го спроведуваше некогашниот неделник „Граѓански“, а кое не беше демантирано, покажа дека од периодот од 2006 до 2012 година, јавното здравство го напуштиле околу 500 високо остручени лекари, т.е. специјалисти и супспецијалисти. Дел заминаа во приватното здравство, а дел во странство.

Одливот на лекари може да се констатира и од самиот извештај на ФЗО за 2014 година (стр.4), но само кај лекарите по општа пракса. Според овој извор, се гледа намалувањето од година во година на бројот на лекари по општа пракса во приватните здравствени установи. Имено, во 2012 година вакви лекари имало 1.692, во 2013 г. 1.500, додека во 2014 г. 1.471. Или, само за две години овој број се намалил за 221 лекар.

Споменатото истражување на „Хелтгрупер“ ги класифицира проблемите и причините кои стојат зад миграцијата во пет клучни категории: економски, професионални, политички, лични и социјални фактори, кои влијаат врз здравствениот персонал за да се пресели од нивните матични земји. Клучните фактори кои влијаат врз лекарите да се преселат, на прво место, се желбата за професионален развој и повисоки приходи. Во Македонија околу 80% од анкетираните укажале дека овие два фактори се важни за нивните размислувања да заминат во странство, се наведува во извештајот.

Сепак, во сите земји кои биле предмет на ова истражување, една од клучните причини за миграција се и политичките услови во земјата. Овој податок е потврден во одговорите на прашањата, особено кај потенцијалните мигранти, како и кај лекарите кои веќе се отселиле во други земји. Така, повеќе од 80% од нив укажале дека политичката состојба во Македонија е многу важна и важна во нивните размислувања да заминат во странство.

Вработувањето поврзано со директни политички конекции е еден од факторите којшто ги стимулира младите доктори да размислуваат да заминат во странство од Македонија, но и од другите земји – се наведува во заклучоците  во истражувањето, спроведено на над 1600 лекари.

Оваа состојба станува алармантна, за некои региони, како на пример за југоисточниот, каде (меѓу) последните двајца анестезиолози се суспендирани од работа поради пијанство и смрт на пациентка. Младите специјализанти (околу 400 на државна квота и околу 600 на приватна) треба да поминат најмалку 10 години (специјализацијата и извесен број години на пракса) за да може да се каже дека станува збор за комплетно оспособен и стручен лекар. Така што, може условно да се заклучи дека од бројните реформи во здравството, најдобро функционира одливот на лекарите. Тодоров и Груевски можат на 100-те милиони евра за опрема да вложат уште нови 300-та, ама сето тоа ќе биде бадијала ако нема кој со таа опрема да работи, коментира еден од лекарите што ги консултиравме.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција