Од ветените 60, десетина згради во Центар добија енергетски фасади

Зградата на булеварот „ Св. Климент Охридски“ , наречена „Папагал“, доби нов лик во февруари 2014 година Фото: Принтскрин

Целосна реализација на замената на постоечките дотраени фасади на колективните станбени згради со енергетско ефикасни фасади заедно со замена на дотраената столарија во соработка со сопствениците на становите. Со овој проект во наредните 4 години ќе бидат опфатени над 60 колективни станбени згради.

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски    за локалните избори во 2013 година вети енергетско ефикасни фасади за шеесетина станбени згради.Ова ветување е дел од неговата изборната програма „Иднината сега! Време е! Андреј Жерновски за Центар“  (стр.18), и според проверката на „Вистиномер“,  досега (12.04.2017) се заменети старите фасади само на 13 згради, па ветувањето го сметаме за  делумно исполнето.

Реализацијата на проектот за менување на дотраените фасади во Центар стартуваше во октомври  2013 година,  а градоначалникот  Жерновски, како што пренесоа медиумите,  тогаш изјави дека за време на неговиот мандат нови  енергетски фасади ќе добијат 50 згради, иако во Изборната програма вети повеќе од 60:

Почнуваме сега, а проектот ќе се реализира во континуитет и на околу 40 – 50 згради ќе им биде сменета фасадата до крајот на мојот градоначалнички мандат. Она што е најзначајно – ќе се заменат постоечките дотраени фасади на колективните станбени згради со енергетско ефикасни фасади, заедно со замена на дотраената столарија во соработка со сопствениците на становите. Ова ќе значи заштеда. Сметките за греење ќе бидат за една третина пониски (Жерновски)

Тогаш што беше соопштено, дека  објектите кои ќе бидат реконструирани во рамки на проектот ќе се избираат по пат на конкурс, при што на првиот се избрани 13 згради

Една од првите згради во Општина Центар на која ѝ беше обновена фасадата е станбената зграда на булеварот „Св. Климент Охридски“, наречена „Папагал“, која во февруари 2014 година доби термичка изолација и нов лик.

Според досега (12.04.2016) објавените информации во медиумите  и од тоа што може да се види со пребарување на веб-страницата на Општина Центар, енергетско ефикасни фасади добиле вкупно 13 згради.

Последните информации на оваат тема се од јунијули 2016 година. На 21 јуни 2016 година од Ошпштина Центар информираа дека е започна реконструкцијата на фасадата на зградата  на улица „Цицо Поповиќ“ бр. 7,  во населбата  Пролет, изградена во 1948 година и дека

со доаѓањето на новото   општинско раководство, енергетска ефикасност добија 13 фасади.

А на  28 јули 2016 година кога заврши  реконструкцијата на  фасадата на зградата број 13А на булеварот „Климент Охридски“,   беше соопштено

Ова е 12-та зграда која со реконструкција доби енергетско ефикасна фасада, а средствата се одвоени од буџетот на Општината.

Што делува некако збунувачки.

Во врска со реализацијата на овој проект побаравме  информација од Општина Центар, но до моментот кога е објавен овој текст (12.04.2017) оттаму не добивме одговор.

Па, имајќи го предвид сето ова, вклучително и фактот дека мандатот на Жерновски завршува наредниот месец (мај 2017),  според Методологијата на „Вистиномер“, ова негово изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

 

*Забелешка

Ова ветување на градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски,  „Вистиномер“ го анализираше во март 2015 година и тогаш доби оценка „ во тек“

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска