Одлуката на ДИК не предвремено, туку е задоцнето објавена

Александар Чичаковски. Фото: скриншот

Седниците се јавни, одлуките и записниците се јавно достапни документи и според внатрешните правила за работа на ДИК, сосема е јасно дека е невистинито тврдењето на Чичаковски дека одлуката морала финансиски да се реализира за да се најде пред увид на јавноста на веб страницата на ДИК

 

Претседателот на Државната изборна комисија, (ДИК), Александар Чичаковски, во интервју за НОВАТВ, меѓу другото, даде изјава која ја оценуваме како невистина:

Tаа одлука (за наградите и надоместоците) требаше да биде објавена откако ќе се реализираше… Кога ќе биде реализирана финансиски, затоа што таа одлука се обработува, се дава на секторот финансии, се подготвуваат соодветни вирмани, се испраќаат до министерство за финансии за реализација… па, сега, откако ќе се завршат сите процедури одлуката ќе биде исплатена. Под притисок на јавноста сега беше предвремено објавена…

[Извор: НОВАТВ, Студио со Александар Чичаковски (од 7-12 мин.), Датум: 08.12.2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Александар Чичаковски изнесе за јавноста невистина со тврдењето дека Одлуката за исплата на надоместоци, со која практично си поделиле како награда повеќе плати за членовите на ДИК и за повеќе други лица, требало да биде објавена откако ќе биде реализирана.

Одлуката требало да биде објавена веднаш и без одлагање. Тоа го налага општото разбирање за транспарентност на секој што го разбира зборот транспарентност, тоа го налага и Изборниот законик за јавноста на седниците на ДИК, тоа го налага и Законост за слободен пристап на информации од јавен карактер.

Впрочем, ако се погледне разговорот помеѓу 7 и 12 минута, ќе се види дека и самиот си упаѓа во збор, па дури во еден момент и признава дека „грешката е направена само во тоа што одлуката не била објавена“.

Транспарентноста произлегува и е наложена во Изборниот законик. Член 31, став 3 е краток и јасен: Седниците на ДИК се јавни. Чичаковски вели дека тие го испочитувале ова, бидејќи седницата била сосе дневниот ред најавена до медиумите и до јавноста, иако ние не можеме да ја најдеме на веб страницата на ДИК. А, токму на такво нешто ДИК е обврзан и со сопствениот Деловник за работа во Глава 13, чл.74, став 3:

Комисијата доставува соопштение до медиумите, овластените претставници на подносителите на листи, акредитираните набљудувачи …и на веб страната на Комисијата ја објавува поканата за свикување на седница на Комисијата со предлог на дневниот ред.

На веб страницата на Комисијата нема ниту едно соопштение во ниту една секција со одлука за свикување седница или со информација за закажана седница со дневен ред.

Исто така, според Деловникот на ДИК, записниците од седниците се изготвуваат во рок од три дена по одржување на седницата (член 64), а потоа се усвојуваат на наредната седница на ДИК (член 44). Иако ДИК има одржано 173 седници (последната одржана на 5 декември), сепак, последниот Записник е објавен од 170-тата седница одржана на 8 ноември.

Но, како што може да се види од фотографијата што ја објавуваме подолу од насловната страница на веб сајтот на ДИК, другите одлуки биле објавени на време, ден по одржаната седница на 14 ноември, освен Правилникот за наградите и Одлуката за тоа кој колку ќе биде награден:

FireShot Capture 402 - Државна Изборна Комисија - http___www.sec.mk_

 

FireShot Capture 403 - Државна Изборна Комисија - http___www.sec.mk_

Како што може да се види од датумите на овие скриншотови од насловната страница на веб сајтот на ДИК, американскиот амбасадор Џејмс Бејли, изјавата (во која извести за наградите) ја дава на 4-ти декември, а Одлуката и Правилникот од седницата од 14-ти ноември ДИК ги објавува на 5-ти декември. И оттука сосема е јасно дека немало потреба да се чека некаква финансиска реализација, туку дека притисокот на јавноста, предизвикан со изјавата на Бејли, придонесла одлуката да се најде на веб страницата следниот ден.

Седниците се јавни, одлуките и записниците се јавно достапни документи и според внатрешните правила за работа на ДИК, сосема е јасно дека е невистинито тврдењето на Чичаковски дека одлуката морала финансиски да се реализира за да се најде пред увид на јавноста на веб страницата на ДИК.

Впрочем, тоа го налага и друг закон – Законот за пристап до информации од јавен карактер. Во членот 9 од овој закон се наведува следното:

Имателите на информации се должни редовно да водат и да ја ажурираат листата на информации со кои тие располагаат и да ги објавуваат на начин достапен за јавноста (интернет страница, огласна табла и друго).

 Поради сето изнесено, изјавата на Чичаковски, во делот кој го разгледувавме, ја оценуваме за невистина.

 

ИЗВОРИ:

 


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.