Охрид е сè уште без модерно пристаниште

Фото: Општина Охрид/веб сајт

 

Проект: Модерно градско пристаниште

Опис: Максимално ќе се заложиме да обезбедиме финансиска поддршка од Владата на Република Македонија за Охрид да добие модерно пристаниште. Тоа ќе го направиме со реновирање на сегашното градско пристаниште и ќе има доградба на крак кон старото пристаниште, со штитници од бранови, со што ќе се зголеми туристичката понуда во општината. Ваквото пристаниште ќе овозможи подобрување на сообраќајната инфраструктура, како и олеснување на езерскиот сообраќај во Охридско Езеро. (Средства: 610.000.000,00 денари; Извори на финансирање: Буџет на РМ ; Рок: 2013- 2017 година)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Во Охрид, еден од најголемите туристички центри во Македонија, иако има многу бродови и чамци за езерска пловидба, сè уште нема модерно градско пристаниште. Проектот е за првпат ветен во предизборната понуда за локалните избори во 2013 година на сè уште актуелниот градоначалник Никола Бакрачески, заедно со уште еден проект, изградба и на марината кај Билјанини извори.

Ниту марината, ниту модерното градско пристаниште за кое беше даден рок до 2017 година, не се изградени, иако имало активности и за едното и за другото прашање.

Имено, една година по изборите Општината донела одлука за рапсишување на оглас за заинтересирани за реконструкција на малото пристаниште пред Хотел Палас, наредната година донела „одлука за започнување на постапката за изградба и управување на мала марина од малото пристаниште“, откако еден месец претходно ја разгледале и физибилити студијата за оправданоста за проектот.

Во меѓувреме и самата партија ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во 2014 година го ветува овој проект, но со малку поинакви рокови и идеи. Имено партијата вели дека до крајот на 2016 година ќе биде изготвена документацијата и ќе се бара партнер за изградба, а ако се најде ќе се изгради до 2018. Ако не, ќе се бараат други извори и можности за финансирање.

Од сето тоа, последно што е забележано како активност е распишување на конкурс за идејно решение на две можни локации, кој е распишан и завршил во почетокот на 2016 година. Добиени се седум проекти во Министерствот за транспорт и врски, но од тогаш молк.

Како и да е, факт е дека модерното градско пристаниште не е изградено, иако е ветено не само како заложба, туку и како конкретен проект – детално опишан во програмата и со проектирани средства за негова реализација – пари од Буџетот на РМ во висина од 610 милиони денари. Затоа, за овој прокет на градоначалникот Бакрачески наведен во предизборната програма, ќе ја употребиме оценката неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски


Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.