Охрид не доби регионална депонија
Проект: Изградба на регионална депонија за цврст отпад
Опис: Како дел од југозападниот регион, ќе вложуваме напори и во целост ќе ја поддржуваме изградбата на регионална депонија. Со ова ќе придонесеме за правилно складирање и управување на цврстиот отпад, без загадување на животната средина, а воедно со тоа ќе овозможиме нови вработувања. (Извори на финансирање: Буџет на Општината и меѓународни финансиски институции; Рок: 2013 – 2017 г.)
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот кандидат за градоначалник на Охрид во 2013 година, Никола Бакрачески, за: „Изградба на регионална депонија за цврст отпад“, не е исполнето, како што впрочем, досега тоа го нема сторено ниту еден регион, ниту една општина во Македонија, освен скопскиот, со депонијата „Дрисла“, која е единствената стандардна депонија во земјата.
И самото ветување на Бакрачески е дадено во форма, „ќе вложуваме напори и во целост ќе ја поддржиме изградбата…“. Она што реално е сторено, е дека градоначалникот Бакрачески и советничката група на почетокот на мандатот, во 2013 година донеле одлука за приклучување кон регионална инцијатива за изградба на заедничка депонија:
…непосредно по преземањето на локалната самоуправа, оваа локална самоуправа донесе одлука за приклучување кон иницијативата за изградба на регионални депонии,…(Димитар Спасески, скеретар на општина Охрид, 2016 г.)
Од пребарување на сајтот на Општината и по медиумите, може да се види дека проблемот е стар (констатиран е и во шестгодишен план) и го мачело и претходното раководство, кое ја обвинило државата дека го кочи решавањето и изградбата на регионалната депонија.
Исто така, може да се види дека активностите што ги преземал актуелниот градоначалник Бакрачески и Советот на Општината, се однесуваат или на тековни проекти и акции, како што се чистење на кабаст отпад или годишни програми ( Програма за управување со отпад за 2016 г.), кои се занимаваат со сортирање на отпадот и складирање на градежен шут на депонијата „Мауцкер“. Најголемата инвестиција, всушност, е направена во депонијата „Буково“ на 25 км од градот, со нејзиното оградување, што е дел и од предизборните ветувања.
Што се однесува до регионалната депонија, овој проекет се турка заедно со други општини во регионот, но реализацијата оди бавно. Директорката на Југозападниот плански регион Мирјана Лозановска, во разговор за Канал 77, вели дека во јануари годинава бил изработен ад-хок извештај за локации за регионална депонија, врз основа на кој, во тек била изработка на физибилити студија за самата депонија. Инвестицијата за идната депонија што би требало да се наоѓа во близина на с. Годивје, Општина Дебарца би изнесувала 27 милиони евра, пари што во крајна линија би ги платиле граѓаните преку сметките за комунални дејности.
Според сите достапни информации, може да се заклучи дека ветувањето на Бакрачески и неговата партија за изградба на регионална депонија во рок од 4 години, 2013-2017 г., не е исполнето.
ИЗВОРИ:
- (10.11.2008) Утрински весник – Државата ја кочи изградбата на депонија за охридско-струшкиот регион – [Пристапено на 21.04.2017]
- (29.02.2016) ТВМ – Управувањето со отпадот на општината-најдискутирана тема од советниците на денешната седница – [Пристапено на 21.04.2017]
- (2009) Општина Охрид\веб – План за управување со отпад во О.Охрид за период 2009-2014 година – [Пристапено на 21.04.2017]
- (29.02.2016) Општина Охрид\веб – Претходната локална власт ја создаде депонијата кај „Мауцкер“ – [Пристапено на 21.04.2017]
- (24.10.2013) Општина Охрид\веб – Акција за кабаст и зелен отпад населба „Црногорци“– [Пристапено на 21.04.2017]
- (17.03.2017) Канал 77 – Струшката депонија канцер на градот и вистинска еколошка бомба – [Пристапено на 21.04.2017]
Оценил: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар