Охридскиот станува аеродром на евтини летови

Фото: meta.mk

ВЕТУВАЊЕ: Охридскиот аеродром ќе го промовираме во low-cost аеродром, односно аеродром за нискобуџетни компании, кои ќе нудат евтини летови за бројни атрактивни дестинации.

[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 249]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на СДСМ дадено во „Планот за живот“(стр. 249), со кој  партијата излезе на предвремените парламентарни избори (2016) година, дека oxридскиот аеродром ќе го промовира во аеродром на нискобуџетски авиолинии, е исполнето. Ова ветување на СДСМ го презеде и Владата по нејзиниот избор и го стави во својата Програма за работа 2017-2020 година, во делот „инфраструктура“ (стр. 44).

Од 18 и 19  март на трите постоечки редовни линии од Виена, Базел, Цирих, се додадени и линиите за  Малме и Милано, а е најавено дека од 1 јули двапати неделно редовно ќе сообраќаат и авиони од Меминген и Дортмундр во Германија.

Четирите нови дестинации ги реализира авиокомпанијата „Визер“ која победи на тендерот за субвенционирање евтини летови. Нејзините авиони на 18 и 19 март  ги реализираа првите летови за две дестинации од  Малме (Шведска) и Милано (Италија) до Охрид. Компанијата веќе ги продава и билетите за Меминген и Дортмундр во Германија што е нејзина обврска произлезена од тендерот.

Дека Владата е одлучна да стави посебен акцент на аеродромот „Св.Апостол Павле“ и да го промовира како аеродром на евтини летови, покажа уште лани при објавувањето на јавниот повик за субвенционирање на авиолинии кои ќе реализираат евтини летови од двата македонски аеродрома. Во огласот за избор на авиокомпанија која ќе биде субвенционирана од државата како главен услов за оxридскиот аеродром беше воведување на нови четири авиолинии со евтини летови. Притоа беше предвидено новопонудените дестинации  да се одржуваат минимум два пати неделно, и тие да не се совпаѓаат со оние на скопскиот аеродром.

Министерот за транспорт и врски  Горан Сугарески при појаснувањето на огласот од 25 март лани, напомена дека ќе се избира авиопревозник што ќе обезбеди раст на авиосообраќајот во земјава, со особен акцент на аеродромот „Св. Апостол Павле“.

Потенцирам дека нашата намера е да ги искористиме капацитетите на охридскиот аеродром и да го промовираме како аеродром за нискобуџетни авиокомпании, изјави министерот Сугарески.

Тој појасни дека Владата за субвенционирање на евтини летови од двата аеродрома ќе потроши 5 милиони евра за периодот од 2019 до 2022 година.

Од Скопје, 9 евра по патник во првата година од договорот, 8 евра во втората година, а по 7 во третата. За секоја нова дестинација од Охрид поддршката ќе биде 13 евра по патник во првата година, 12 евра во втората и 11 во третата година (Сугарески  Телма тв)

По пропаднати два огласа за избор на авиопревозник, за што главна причина беше условот да се обезбедат четири нови линии од аеродромот во Орxид, на третиот повик нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ беше избрана за авиопревозник кој ќе реализира субвенционирани евтини летови од двата аеродрома во земјава во периодот 2018 – 2021 година.

Компанијата согласно огласот, најави четири летови од Охрид и тоа кон Малме  во Шведска, Милано во Италија, како и кон Меминген и Дортмунд во Германија. Според договореното,  деновиве  (18 и 19 март) се реализираа летовите од Милано и Малме, додека  од јули  ќе стартуваат линиите од Мемингем и Дортмунд.

При проверката на интернет страницата на авиокомпанијата „Визер“ може да се види дека од 19 март е воспоставена авиолинија од  Милано Малпенса – Охрид и од Малме. Од Малме се лета секој понеделник и петок,  додека од Милано Малпенса се реализира секој вторник и сабота.

„Визер“ веќе ги продава и билетите за летовите  за  Дортмунд и Минхен кои ќе се реализираат на први и втори јули.

На 27 февруари и швајцарската авиокомпанија „Еделвајс“  најави дека од април ќе почне два пати неделно да  лета  за Охрид.

Со новите дестинации од аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид има седум редовни линии и осум сезонски дестинации на кои оперираат 11 авиокомпании.

Од сето ова може да се заклучи дека  ветувањето на СДСМ дека ќе го промовира аеродромот во Оxрид во аеродром на евтини летови е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Рада Исовска – Маневска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.